1 НАТО – Штикла. Попис – Штикла. Честито народе! Таков билборд стоеше на крстосницата спроти Владата како дел од кампањата на СДСМ за локалните избори, на кои помина толку лошо што Зоран Заев реши да си даде оставка и од премиерската функција и како лидер на партијата.
Е па, честито народе. Баш тоа „народе“ беше последниот од низата предвесници на поразот на СДСМ. Гласачите со кои таа партија победи пред 4 години не паѓаат на популистички финти од типот „народе“. Заблуда беше на СДСМ што воопшто и се обиде да се трка со ВМРО-ДПМНЕ на нивен терен. Гласачите кои го донесоа СДСМ на власт бараа само добро владеење.
Луѓето се нетрпеливи. Супер е тоа што земјава стана членка на НАТО. Многу бевме горди и срцето ни заигра кога го видовме македонското знаме развиорено помеѓу американското и британското. Ама, не ќе беше лошо дома ѓубрето да го исчистевте. И буквално и фигуративно. Од неспособни партиски директори до корупција. И – „важно е да се гради“.
Ја потценија ВМРО-ДПМНЕ, која дури и како опозиција ги диктира политичките теми во државата. Ја потценија и кандидатката за градоначалничка на Скопје Данела Арсовска која во кампањата бараше оставка од премиерот Заев, па не би ме зачудило следната кандидатура да ѝ биде за претседателка на државата. Но, најмногу ја потценија разочараноста на граѓаните.
Е па, честито народе нова политичка криза. Оти одамна сме немале, па баш ни фалеше. Доста се секиравме за изборите во Бугарија, па ај сега да се секираме за нашите. Морало секоја година да се оди на избори. Божем ние Холандија сме, каде партиите половина година не можат да се договорат за нова Влада, а земјата им бележи економски раст. А кај нас и ѓубрето не се собира додека се чека нов директор на комунално претпријатие. Затоа што сите избори ни се агонија. Смрт или слобода. Патриоти и предавници. Овој пат надградени во духот на Преспанскиот договор – северџани и вемерџани.
2 Заборавивме дека до 2006 година, додека не дојде Груевски за премиер, парламентарни избори си имавме на секои четири години. Тој ја воведе праксата да си прави избори на секои две години. „Ќе си се држат за рачиња и еден по еден ќе си гласаат“. Во комплет со „пиштење и вриштење“. Заборавивме дека не е нормално да си замине централна власт поради лош резултат на локални избори, како што имаше ВМРО-ДПМНЕ за време на Љубчо Георгиевски во 2000. Можеби, заборавивме и дека најголемото ветување на Заев дека ќе ги врати слободата и демократијата – го исполни. Па да се надеваме дека како членка на НАТО, земјава можеби ќе има капацитет да излезе од политичката криза предизвикана од неговата оставка.
А не е дека на овие избори немаше друг избор. Барем сега се појавија многу независни листи со имиња кои се познати во нивните средини и професии, но досега биле непознати во политиката. Само што од нив нема ќар. Па многумина решија да „не ги интересира политика“, „што, зарем гласаш!?“, па „немам за кого да гласам“, „сите се исти“… И така пак им оставија само на партиите да си го поделат колачот меѓу себе. Со тоа што сега и Левица ќе има некое директорско место.
Токму затоа, многу пострашна од политичката криза ми изгледа општествената криза. Дека таа комбинација на исцрпеност од чекање и разочараност нè прави да се чувствуваме очајно. Дека клиентелизмот и подаништвото добиваат уште позастрашувачки размери. Си ги трошиме животите во опкружување на сограѓани што му го воспеваат мочалото на политичарот што победил на локални избори. Тажно е толку да немаш друг избор, па од инает гласаш за некој што те ебе во здрав мозок. И не се срами тоа да го каже.
3 Тој замор од чекање уште повеќе го засили и резигнацијата од однесувањето на Европската унија. Ден по оставката на Заев, од Европската комисија изјавија дека е „важно земјата да продолжи да ги спроведува реформите во врска со ЕУ“ и ги повикаа „новите градоначалници и општински советници да придонесат за унапредување на реформската агенда на ЕУ“.
А кому веќе воопшто во Македонија му е битно што има да каже Европската комисија од Брисел, кога на Европската унија ѝ е поважно што има да каже Бугарија, а тоа е дека Македонците не постојат и дека македонскиот јазик е бугарски. Ние влеговме во ризик од граѓанска војна на 27 април 2017, името на државата го сменивме, а тие ни преговори за членство не се договорија да почнат. Преговори. Не – членство. Преговори. Почеток на преговори. Зошто? Затоа што уште не решиле чиј е Гоце Делчев, бидејќи не е стигнат на ред за решавање. Кај Самоил нè запреа на патот кон ЕУ.
И сега, по 16 години кандидатски статус и три безусловни препораки за почеток на преговорите со ЕУ, Европската комисија бара од политичарите што победија на локалните избори да продолжат на патот кон ЕУ. Зошто? За да завршат како Заев?
Да. Важно е да продолжат реформските процеси и на локално ниво. Иако, не знам каква врска има работата на градоначалниците и општинските совети со Европската унија. Но, знам дека ветото на Бугарија има голем придонес во политичката криза во Македонија за која Европската комисија и другите земји на ЕУ велат дека се загрижени. Криза која нема тие да ја решаваат. Се знае пак кој ќе ја решава.
4 Одделот за детски болести во Охридската болница се затвора затоа што таму останале само двајца педијатри. Во Охрид. Во градот – разгледницата на Македонија. Балканскиот Ерусалим. Туристичкиот бисер на Балканот. Градот заштитен од УНЕСКО, која на државата ѝ даде две години да го среди за да не го стават на листата на загрозено културно и природнои светско наследство. Е во тој Охрид, кој е и еден од најбогатите градови во државата, нема интерес некој да остане да биде лекар-специјалист. Педијатар. Цел град да те почитува, сосе туристите на кои, не дај боже, може да им притреба лекарска грижа за децата.
Ама, што е важно ако Охрид нема педијатри, кога новиот градоначалник вети дека ќе ги врати шанковите на плажите што го загадуваа Езерото. Важно е да се гради.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST