1 Власта не треба со кампања нас да нè уверува дека ние сме Европа. Имавме таква кампања – „Сонцето е ѕвезда“ уште во 2005 кога станавме кандидати за ЕУ. Во меѓувреме, стотици илјади граѓани на Македонија веќе се отселија и веќе живеат во ЕУ, а и ние што останавме тука во огромно мнозинство уште мечтаеме за ЕУ.
Време е за нова кампања: „Не за ново вето“. Наместо нас, власта нека ја убедува ЕУ дека, ако се искрени кога зборуваат дека решиле да се шират и на Западен Балкан, на Македонците треба да им дадат гаранции дека ќе нема ново вето. Какви-такви гаранции. Во било која форма. И власта веќе да не им го прифаќа изговорот дека никој не може ништо да гарантира. Сме виделе дека кога сака, ЕУ може да даде гаранции. Креативни се. Ќе смислат нешто инвентивно. Политика е ова, не е математика.
Таму нека им се качуваат на глава. А не власта да води крстоносна војна дома против сите што бараме такви гаранции. Скарај се со сите што стравуваат дека Бугарија и по промената на Уставот ќе продолжи со инсистирањето да не ја признава посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик. А со бугаризацијата на ЕУ вредностите, ЕУ ќе продолжи да учествува во креирањето на нови и нови внатрешно-политички кризи.
Се раскаравме бре, пак се подели македонското општество. И допрва ќе се караме.
Што ќе се случи ако има ново бугарско вето? Пак стапот ние ќе го јадеме. Знаеме дека притисокот ќе доаѓа кон нас. Правилото „тие се внатре, а вие сте надвор“ ќе важи додека не влеземе во ЕУ. Ако воопшто некогаш влеземе. Според она како се однесува официјалната државна политика во Софија, тие ќе измислат нови вета на милион теми.
Не станува збор за евроскептицизам. Туку за недоверба во преговарачкиот капацитет на оваа власт која нè убедува дека еве, само уште Бугарите во Уставот, и нема да има други барања. И за недоверба кон опозицијата која не е искрена кога вели дека не прифаќа промена на Устав под бугарски диктат. Па, тие Данела ја шетаа низ Скопје и ја продаваа како независен кандидат за градоначалник, заедно автобуси ќе купуваа, а сега се прават наудрени – пу, пу, не важи, а ние треба да им веруваме дека утре ако тие имаат мнозинство во Собранието нема да го сменат Уставот. Па и за ДУИ во првата Влада на Никола Груевски велеа дека не влегуваат во коалиција, па после кога се ујдисаа, си владееја 8 години, парче направија.
Така што, не станува збор дали ќе го смениме Уставот. Туку дали ЕУ ќе осигура да нема ново бугарско вето што ќе ги понижи Македонците?
Едноставно е. Цената што и овој пат треба да ја платиме само за да почнеме преговори, ама не и да влеземе во ЕУ е превисока за нас. Веќе не сме во состојба да плаќаме прескапо за нешто што не знаеме дека ќе го добиеме без да добиеме гарантен лист. Не бараме попуст. Само гарантен лист.
Значи, ние ќе го смениме Уставот, а вие да гарантирате дека ќе нема ново вето од Бугарија.
Само тоа го бараме од ЕУ. И да завршиме веќе со таа приказна. А тоа дека „Ние сме Европа“ – Европа сме.
2 Тоа што високиот американски дипломат Габриел Ескобар повторно дојде да даде поддршка за ЕУ не е нешто неочекувано. Американците се повторно тука, како и по обичај, да пробаат да ја оправат работата што ЕУ ја закашка на Балканот. Не оти премногу нè сакаат. Туку да си ги заштитат сопствените интереси. Да си осигураат стабилност во југоисточна Европа. Сметаат дека за тоа им треба и стабилна и просперитетна Македонија, која веќе е стратешки партнер на САД. И во моментов, гледаат дека тоа може да ни го обезбеди само членството во ЕУ.
И ние така мислиме.
Од осамостојувањето досега, САД секогаш биле тука кога Европа ќе ја зафркнеше работата. Во 1993 заедно со Британците успеаја да нè внесат во ОН откако претходно тогашната Европска заедница со т. н. Лисабонска декларација одлучи никогаш да не признае држава која ќе го содржи зборот Македонија. Во 1995 насила го пробиваа грчкото ембарго со истовар на брод со американско жито за Македонија во Солунското пристаниште. Во 2001 ни го напишаа Рамковниот договор за да спречат конфликтот со ОНА да прерасне во голема и долга граѓанска војна. Во 2017 ни го напишаа Преспанскиот договор и веднаш потоа, како што ветија, нè внесоа во НАТО. И сега си викаат – Дај некако да ве внесеме и во ЕУ за да си имаме еден проблем помалку на јужното крило на НАТО.
Тие си го гледаат својот интерес. И сè додека нашиот интерес се поклопува со нивниот, тогаш сме ОК.
3 Ама на кого да му кажеш? На Христијан Мицкоски, сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ што умислува дека цел свет и цела Европа смислуваат заговор против неговата партија? Дека висок американски дипломат е спремен да запали авионот, да се спотера од Вашингтон, да потроши два дена од својата професионална кариера во Скопје само за да им направи ќеф на Димитар Ковачевски и Бујар Османи? Зошто? За да им прави тортура на пратениците на опозицијата.
Е тој Христијан Мицкоски веќе себеси се гледа како иден премиер.
Малку е расипано да викаш дека не прифаќаш промена на Устав под бугарски диктат, а не кажуваш дали воопшто ќе го смениш Уставот. И не може да викаш – ќе ви кажам, ама прво да победам на изборите.
Кажи ни Мицкоски пред избори, да знаеме. Ќе ги внесете Бугарите во Уставот или нема? Или, ако не го менувате Уставот под овие услови, под кои услови ќе го смените?
Ама тоа е Мицкоски и тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Се изначекавме седум години Мицкоски да каже нешто конкретно. Како за референдумот за промена на името. Ќе блокира, ќе вика „ова ние не го правиме“. А притоа, не кажува што ќе прави. Тие се против „сè“, а не кажуваат за што се „за“.
Си мислам, мери им го умот и на оние негови пратеници кои сега јуначки одолеваат на тортурата од цел свет, а пред еден месец не гласаа за Законот за употреба на македонски јазик. Ни самите не знаат зошто. Големите патриоти загрижени за македонизмот. Ај за тоа што не гласаа – да речеш од пусти инает не гласаа. Ама па, зошто не гласаа за Законот за ограничување на каматите да не можат да го надминат основниот долг? Ќе си речеш, ај за другите им е гајле, ама како на сопствените гласачи им објаснуваат дека не е лошо да живеат во должничко ропство? И уште поинтересно, како овие им веруваат?
Оф мори мајко. За кои гласачи збориме? За оние на кои американската амбасадорка им дава премногу значење кога вели дека граѓаните треба да извршат притисок на политичарите да им обезбедат европска иднина. Кои граѓани? Оние што уште го споменуваат Никола Груевски на анкетите за рејтинг на политичари? Седи во избеглиштво во Европска унија и од таму како пророк пишува неписмени објави на Фејсбук со кои уште го саботира европскиот процес. А ЕУ, која ни продава европски вредности, ни го чува премиерот кого го гониме дека ја опљачка државата и не ни го испорачува.
4 Уште нема никаква пресуда против Никола Груевски и високи функционери осомничени за перење на 4,3 милиони евра донации со кражба на матичните броеви на членството на ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето давале донации и по 300.000 денари, ама не знаеле. Процесот веќе тече петта година, во основен суд, на прв степен.
Обвинителка во овој случај е Ленче Ристовска. Откако го поднесе обвинението уште во времето на СЈО, Ленче во меѓувреме се заљуби, роди близнаци, истера породилно отсуство, на децата им прослави прв роденден, а судењето си течеше со друг обвинител…
Еве ја Ленче, се врати на работа, пак влезе во судница и како ништо да не се случило. Судот уште сослушува сведоци.
Ние сме сега во Европа. Судиите ќе бидат поажурни кога ќе влезат во ЕУ.
5 Скопје смрди на влажен контејнер и кучешки лајна, се гуши во чад од запалени депонии, кучиња скитници нè јадат по улици, нема редовен јавен превоз, центарот на градот се распаѓа во буквална смисла на зборот, еден мост е затворен, друг не е пуштен во сообраќај, а градоначалничката Данела Арсовска ќе го враќа споменикот на Ќосето и ќе менува имиња на улиците. Па дала иницијатива до Советот, Ќосето да не биде кај судовите од каде што го тргна Петре Шилегов, туку на некоја друга локација. Боже, боже, каков сериозен пристап има во менаџирањето на главниот град. Сè по процедура.
Кој им е крив на овие од СДСМ што не го стопија Ќосето во старо железо. А бе, барем таа работа да ја завршеа до крај, да не остане ни траг од Ќосето.
Туку, може Данела да си го земе Ќосето и да го стави на друга локација. Еве, нека си го стави во двор пред нејзината куќа, па таму нека му се поклонува заедно со вмровците што ја донесоа на власт. И ако пак менува имиња на улици, нека си го смени само името на нејзината улица. Па таа после нека оди да менува документи со новата адреса.
АУДИО ПОДКАСТ