1 На претседателските и парламентарните избори на 24 април и на 8 мај ќе може да се гласа со лична карта или пасош чија важност истекла во периодот од девет месеци пред денот на изборите. Пратениците од сите партии се обединија и без расправа изгласаа измени во Изборниот законик според кој, фактички ќе може да се гласа со невалиден документ, не по вина на граѓаните, туку по вина на државата што не стигнала навреме да им издаде лични документи.
Значи, ни велат, може да ме гласаш, ама јас не морам да ти дадам ни пасош, ни лична карта навреме. Иако си ме платил за тоа. Не можеш да патуваш, ама дојди да ме гласаш. Ви овозможивме да одите на избори со неважечки документи, за да може да ги гласате тие што не ви обезбедиле документи, ни велат.
2 Од една страна се гине во редици за сликање за лична карта и пасош, а од друга страна илјадници луѓе во недела рано сабајле доброволно застанаа во редици да чекаат да се потпишат за кандидатурите на претседателските кандидати на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Викна партијата: Трчајте да се потпишувате да видат колку сме јаки. Ќе мериме време кој побрзо собрал што повеќе потписи.
Колкава ли е таа моќ што ќе те дигне од кревет рано во недела сабајле, за да стоиш во ред за да се потпишеш за кандидатот на партијата за претседателските избори? А не мораш, оти и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат 30 пратеници, веќе сме ги изгласале, па и без потписите можеа да си ги кандидираат Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Демек, граѓаните изгореа од желба и одвај чекаа да се потпишат. Синким, вчерашни се и Пендаровски и Силјановска-Давкова, не ги знаеме, па како граѓански кандидати ќе ни ги продаваат.
Ама, тоа ти е. Сѐ додека има десетици илјади луѓе што се спремни да чекаат во редици за свесно да учествуваат во помпезна шарада, што во суштина е обична партиска измама, ние и не заслужуваме да се радуваме повеќе отколку тоа дека тие што сме ги избрале ни овозможиле да гласаме со неважечки документи.
3 Штом ненормалното го прифаќаме како нормално, значи тоа и си го заслужуваме.
Еве го последниот пример, со изградбата на 17-катница во скопски Карпош во непосредно соседство на болници и поликлиники. Конзерваторскиот центар го поништил решението за градба, тој што бил одговорен за претходната дозвола е во домашен притвор осомничен за злоупотреба на службената положба, а зградата со над 400 стана веќе се гради. Инвеститорот веќе ги продава становите. Општината му издала криминална дозвола, па сега градоначалникот Стевчо Јакимовски ќе нѐ плаши дека инвеститорот ќе го тужи ако му ја сопре градбата. Класика. Дај да нѐ ве крадеме два пати, бидете среќни што само еднаш сме ве украле. А во меѓувреме, власта ќе тактизира со одземање на дозволата за да му даде доволно време градежникот да си ги удри темелите. За да биде поголема отштетата што ние ќе ја платиме.
Ама не е виновен градежникот, ниту тој што го купил државното земјиште. Впрочем, тие станови нема да се градат ако нема кој да ги купи. Што убава локација. Од една страна Воена болница, од друга страна приватна болница, од трета страна Брзата помош за цело Скопје, од четвртата страна поликлиника, плус и некој институт за тестови за болни од рак. Уште да ти се погоди и терасичето да ти е со поглед на бензинската пумпа – убавина.
Штом луѓето се спремни да истресат илјадници евра за стан на таква локација, тогаш не ни заслужуваат да се лекуваат во среден болнички комплекс, не заслужуваат ни Брзата помош навистина да им биде брза, пожарната да има непречен пристап ако им се запали станот, не заслужуваат ни гарантиран паркинг, ни гарантирано место на детето во градинка, ни ново училиште, ни парк…
Така, самите граѓани стануваат соучесници во создавањето на нехумани услови во кои ќе платат да живеат. Впрочем, луѓето сами си бираат кој ќе ги шиканира за нивни пари.
4 И власта и опозицијата ни се фалат дека имаат визија. Сигурно и овој пат во изборните кампањи ќе ни раскажуваат за нов клинички центар. Наместо да речат, мали сме, сиромашни, дај барем ова што го имаме да го дооформиме, да го средиме и надградиме, повторно ќе нѐ лажат со цртежи од мегаломански проекти. Со неконтролираното населување на Водно го затнаа единствениот пристап до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Истите силеџии сега ќе го уништат и целиот кварт околу „8 Септември“ и можноста за ширење на болницата. А партиите и од власта и од опозицијата што здушно учествуваа во ова силување од лични интереси, сега ќе ни прикажуваат некои 3-Д презентации од марсовски клинички центри што треба да ги прават на некоја ливада надвор од Скопје, само за да ја задоволат алчноста за плацовите што ги задушија болниците во градот.
Ми зборат за визија, за Европа, за Америка, се фалат со НАТО, Русија нешто ја споменуваат, Кина… Како да не гледат во какво ѓубре се давиме, како да не гледат дека јавниот простор е узурпиран, дека се краде на секој чекор, дека никој за ништо не е надлежен, дека никој за ништо не одговара.
Ние сме држава која нема функционална пошта, нема функционална железница, граѓаните немаат важечки лични документи, ама важно е дека има политичари со визија.
Визија – за крадење.
5 Возот од Скопје за Велес од оваа недела, откако е санирана пругата, ќе може да се движи до 50 километри на час, наместо со досегашните 20 километри на час. Да се разбереме. Ова не е вест од 1924. Сега сме 2024.
Имаме три авиони за гасење пожари, ама двајца пилоти се пензионирале, а не можат да бидат ангажирани, оти пред избори не смее да се склучуваат хонорарни договори со државата. Од многу памет на визионерите уште тоа ни фали – да изгориме до избори.
Цел месец Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика не можат да се договорат кој ќе забрани прием на невакцинирани деца во градинките во време на прогласена епидемија на голема кашлица. Ама пак, си велам, за луѓе што дозволија во третата деценија на 21 век да им се вратат болести што се искоренети во средината на 20 век, од кои се умирало во 19 век, можеби и тие 20 километри на час им се доволни како визија за иднината.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во подкаст за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека во Македонија има закони, ама „да не се лажеме, ова е Македонија и знаете. јас се обидувам да се прилагодам на суровата реалност“.
Баш така. Нашиот живот се претвори во прилагодување на суровата реалност. Ние секој ден, само што ќе излеземе од дома се прилагодваме на суровата реалност – со неефикасен јавен превоз, со градежна мафија, со блокирани тротоари, со неорганизирано јавно здравство, со ѓубришта по тротоарите и улиците, со небезбедни патишта, со диви депонии по планините, со диви паркинзи, диви пушачки тераси, пешачки зони претворени во сообраќајници, плажи претвоерни во кафеани, маалски кафулиња претворени во дискотеки и ноќни клубови, со барање правда пред локални власти, јавни институции, судови… За сѐ има закон, ама не важи за сите. Па еве, се прилагодуваме. И толку сме веќе уморни од прилагодувањето, што ни падна и критериумот за сѐ.
Јас веќе се трудам да не барам ни логично објаснување како ненормалните работи ни станаа нормални и како тоа не ни пречи. Што би се рекло во швалерски жаргон: Паѓа ноќ, паѓа критериум.
AUDIO PODCAST – АУДИО ВЕРЗИЈА