ОТВОРЕНИ ГРАНИЦИ

Балкански Шенген за балканската елита. 

    ОТВОРЕНИ ГРАНИЦИ

    1 Има ли земја со повисоко профилиран состав на луѓе на црната листа на САД од нашиот? Меѓу означените од Стејт департментот за висока корупција ни се двајца поранешни премиери: Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, двајца вицепремиери: Кочо Анѓушев и Артан Груби, двајца градоначалници: Рамиз Мерко и Стевчо Јакимовски и како шлаг на врвот на тортата му доаѓа и поранешен шеф на тајната служба, Сашо Мијалков. Крем дела крем.

    Па ние сме лидери во регионот, па и пошироко. Подалеку од ова каде може да одиме? И, што зборува тоа за нас? Дека имаме високи критериуми за избор на лидери.

    2 Поранешниот вицепремиер Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница затоа што судот му одреди притвор како осомничен за криминал со Државната лотарија, сосем случајно полицијата не го нашла дома. Сосем случајно, баш кога беше осомничен тој имал неодложна работа во Косово. Сосем случајно, кога ја поминувал границата на „Блаце“ не работеле камерите на полицајците што ги проверуваат пасошите. Сосем случајно, баш тогаш им се потрошиле батериите. Сосем случајно, Груби го возел почесениот конзул на Косово, оти нели тој и кога беше вицепремиер немаше кола, па му позајмуваа комшиите. И сосем случајно, баш кога Груби се појавил на преминот полицаецот не погледнал во компјутерот да види дека имало наредба тој да се задржи.

    Слично беше и во ноември 2018, кога Никола Груевски ни се јави од Будимпешта. Сосем случајно, полицијата не го најде дома. Сосем случајно, полицајците што беа задолжени да го надгледуваат не виделе кога излегол од станот. Сосем случајно, полицијата ја претресуваше гаражата кај ВМРО-ДПМНЕ и го бараше да не се скрил во гепек. Сосем случајно, го возел некој дипломат од унгарската амбасада. Сосем случајно, снимките од камерите на граничниот премин во Албанија биле преснимени. Сосем случајно, нема запис како од Албанија преминал во Црна Гора, па во Србија, пред да влезе во Унгарија. И сосем случајно, нема судска завршница на истрагата за неговото бегство. Којзнае дали воопшто и има истрага.

    Косово уште не е членка на Отворен Балкан, ама ги користи придобивките од отворените граници. Граѓаните уште чекаат во колони за да ги преминат границите, камионите стојат на царинење, но затоа пак придобивките од Отворен Балкан најдобро ги чувствуваат високите функционери што се под истрага, или осудени за висока корупција. Балкански Шенген за балканската елита.

    3 ДУИ соопшти дека секогаш била посветена на отчетност и транспарентност, па токму поради тоа додека беше во Владата со СДСМ предложила закон со кој требаше да се спречи оние што се на американската црна листа да можат да учествуваат на избори и во процеси на јавни набавки. Арно ама, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го блокирале донесувањето на тој закон, па сега од ДУИ ги обвинуваат дека се „лицемери што тврдат дека имаат морална супериорност“.

    Ова веќе не знам во кој жанр може да се стави. ДУИ зборува за лицемерие и морал, а веќе го имаа градоначалникот на Струга Рамис Мерко на црната листа на САД, ама не го менуваа. А сега ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се криви дека Артан Груби избега од правдата.

    ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе се напаѓаат, ќе се навредуваат, ќе се обвинуваат, ќе бидат најголеми непријатели. Но, тие се единственото свето тројство што функционира во државата од конфликтот во ЕУ2001 до сега. Не можат да се договорат за прашања од највисок државен интерес. Но, кога треба да се спаси од затвор некој висок функционер што е осуден или под истрага, тогаш лесно ќе се ујдисаат да ги наместат случајностите, без разлика кој од нив е на власт.

    4 Премиерот Христијан Мицкоски пак се врати супер задоволен од Брисел. Во интервју за националниот сервис МТВ што го даде во Брисел, раскажуваше што му кажал „еден премиер“ и што му кажал „еден друг премиер“ и по стоти пат повтори дека „во ЕУ почнува да се слуша поинакво мислење од она понизно и вовлекувачко на владите во изминативе 7 години“.

    Која е идејата да одиш како премиер во Брисел на состанок со ЕУ и од таму да дадеш интервју за јавниот сервис МРТВ чија екипа ја носиш од Скопје со себе? За на домашната јавност да ѝ раскажеш што си им кажал во Брисел. И да не чуеме ништо за тоа што Брисел ти кажал тебе како премиер на земја која има спор со друга земја на ЕУ за кој бараш решение. Па, ако премиерот толку има нешто да изјави,  што не среди да даде интервју на белгиска, француска, германска, холандска, италијанска, па дури и бугарска телевизија, па тамошната јавност да го чуе ставот на македонската власт и колку сме трпеле неправди на патот кон ЕУ. А не нам да ни го повторува тоа по стоти пат, како да не знаеме, и како да е пред избори. Ние го знаеме ставот на Владата. А го знаеме и ставот на ЕУ. Ставен во преговарачката рамка според која, за да почнат преговорите со ЕУ тука треба да се стават Бугарите во Устав.  Ново нешто не чувме.

    „Имаше многу убави работи кажани, директно, отворено се зборуваше и она што го носам како емоција, како чувство е дека навистина и самите земји-членки се уморни да се објаснуваат зошто не треба да биде билатеризиран овој процес, туку треба да биде европеизиран“, рече Мицкоски.

    Македонската јавност не дозна кои се тие „многу убави работи кажани“. А и не сум баш сигурен дека со емоции и чувства може да се смени преговарачката рамка. А и тоа што Мицкоски вели дека процесот не треба да биде билатерализиран, туку европеизиран, е суштината на проблемот. Затоа што, во моментот кога се усвои преговарачката рамка процесот веќе не е билатерилизиран. Туку – европеизиран.

    Тоа ич не ми се допаѓа, ама, за жал, така е. Така што, сѐ помалку го делам оптимизмот што го шири премиерот Мицкоски во врска со ЕУ. Двете најважни држави, моторите што ја придвижуваат Унијата, Франција и Германија, се зафатени самите со себе. Макрон одвај ја одржува Владата, а на Шолц му беше изгласана недоверба и Германија оди на вонредни избори.

    Баш си мислам дека и двајцата интензивно размислуваат како да најдат креативно решение за нас. Кога веќе не можат да најдат за нив.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира