1 Корисниците на Народната кујна во Куманово и Старо Нагоричане останале без дневниот оброк, затоа што кумановскиот Центар за социјални работи не склучил договор со фирмата што готвела храна. Од таму велат дека стариот договор завршил, а нов не е склучен поради политичката состојба во земјата. Прво се менувале министрите, а сега немало Влада. И немало кој да потпише.
Е па, следниот пат кога ќе ги чекате со нетрпение вестите од Мала Речица, сетете се на оваа приказна. И кога ќе се обидете сериозно да ги анализирате потезите на ДУИ како политичко размислување или тактика, нека ви текне пак на оваа приказна. Баш ги заболе ДУИ за народната кујна во Куманово. Нив ги заболе само како да се спасат. Баш ги заболе ДУИ за Пржино, Прибе, ЕУ, и НАТО. Ги заболе само како да не одат во затвор. Море, ги заболе нив и за двојазичноста. Ги заболе само како што подолго да им трае аранжманот со ВМРО-ДПМНЕ.
Всушност, Али Ахмети последнивте три месеци, откако помина катастрофално на изборите, го прави истото што, откако пукнаа бомбите, цели две години го прави и неговиот осумгодишен партнер Никола Груевски. Купува време. И гледа само како да ја спаси партијата. Оти, што се Ахмети и тие околу него без партијата?
Така што, каков бил обид на сеансите во Мала Речица да им се даде толкување за разумно размислување е глупост. Тие не работат по разум. Тие работат по инстинкт на самоодржување. Оти, секој купен ден е ќар за Ахмети. Што му носи ќар и на Груевски. И тоа во буквална смисла. Не се бројат само деновите поминати на власт. Пари се во прашање.
Затоа на Ахмети за состав на Влада што ќе прави реформи му треба многу време за анализирање. Затоа што нема време за кеширање.
И не знам зошто им се лутиме на ДУИ што ја држат Македонија во заложништво. Самите на себе треба да си се лутиме. Што се доведовме во ситуација од второто око во корумпираната глава да ни зависи животот. А следниот пат кога ќе викате „Не ме интересира политика“, сетете се кој ве мафтосува три месеци после избори. И кој ве уценува 13 години.
2 Зад драматичните и бомбастични наслови од Мала Речица – „ДУИ анализира дали да размисли да донесе одлука со која ќе одлучи дали ќе одлучува“ – се крие оваа реалност од Народната кујна во Куманово: „Гладни се луѓето. Нема што да јадат. Оние што се помлади и можат да се движат претураат по контејнерите. Постарите буквално гладуваат дома. Не знаеме што е работата, од Социјално ни викаат нема храна додека не се формира влада“, изјави еден од корисниците на бесплатен оброк.
Тоа што Куманово одамна е двојазично не помага да се отвори народната кујна. Но од животна важност е дека сега и печатите ќе бидат двојазични. Па со двојазичен печат ќе биде оверено дека нема храна. Ако умираш гладен, барем умри двојазично.
3 Против што протестира ВМРО-ДПМНЕ? Против тоа што Груевски не успеа да направи Влада. Значи, против својот неуспех протестираат.
4 И додека Али Ахмети нè матка со анализите за размислување, неговиот партнер Груевски си го зацврсти бастионот за неказнивост.
Во Кривичниот суд во Скопје, каде што завршуваат предметите на Специјалното јавно обвинителство, судиите што до сега вршеа опструкции на истрагите на СЈО се унапредени, а тие што издале налози на барање на СЈО се сменети. Што ако Груевски не формира влада кога тефтерчето уште му важи. Мандатот го врати, Влада не успеа да направи, ама груевизмот го забарикадира во судството.
5 А на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, новинарите му се криви како известувале за претумбациите во судот што ги процесуира предметите на СЈО. Па уште и раскажуваше гачки за самонаречени новинари.
Два најзначајни судови работат без избран претседател – Врховниот и Кривичниот суд во Скопје. Доскорешниот претседател и пак кандидат за претседател Владимир Панчевски изгуби на суд за дивоградба во центарот на Скопје. На 13 судии кои пишувале петиција против него им поднел претставки за разрешување. Новата в.д. претседателка Татјана Михајлова ги тргнала противниците на Панчевски од предметите што имаат допир со СЈО. Вработени го тужат доскорешниот претседател за мобинг. Судиите меѓусебно си поднесуваат кривични пријави. А претседателот на Судскиот совет ќе им кажува на новинарите како требало да пишуваат. Оти театрално известувале. Дека мала трагедија е ова што се случува со судството во Македонија.
Впрочем, ја слушнавме Гордана Јанкуловска во прислушуваниот разговор со Трајко Вељаноски дека претседателите на Судски совет не ги бирале по убавина. Додуша, таму зборуваа за Бранко Ушковски, а не за Караџовски. За вкусови не разговараме. Оти, на крајот на краиштата, стварно во Судскиот совет не ги бирале по убавина. Ги бирале по општински комитети.
6 Груевски се закани со немири ако СДСМ и ДУИ направат влада. А МПЦ побара попис. Време е поповите да си ги пребројат џиповите. Време е и данок да почнат да плаќаат, ама ај прво попис нека направат. И за Исламската верска зедница (ИВЗ) истото да важи. За да нема мајоризација на МПЦ, а дефакторизација на ИВЗ.
МПЦ побара од политичарите и да ги почитуваат божјите заповеди. Да не крадат и да не лажат.
И да не ги слушаат бомбите. Оти ќе чујат многу гревови.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST