БУГАРСКА ВОДЕНИЦА

Најдоброто допрва доаѓа. Ќе има и вода. А и видео како тече вода од славините.

    БУГАРСКА ВОДЕНИЦА

    1 Премиерот Мицкоски во интервју на Канал 5 Телевизија најави дека ќе му предложи на бугарскиот претседател Румен Радев, заедно со Бугарија да поднесат заедничка Резолуција во Европскиот парламент, во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“.

    Одлично. Да ѝ дадеме на Бугарија можност да ја држи темата отворена со дебата на европско ниво дали постоиме, или не постоиме. Да дебатираат за нешто што не е за дебатирање. Ако те гласаат во Европски парламент значи европратениците треба да дебатираат дали постоиш.

    Башка што, како Македонија, која не е членка на ЕУ и нема европратеници, преку бугарски европратеници ќе поднесе резолуција во Европскиот парламент?

    Мицкоски не води надворешна политика. Мицкоски си води внатрешна политика наменета за неговите гласачи кои божем се загрижени патриоти, а всушност се заинтересирани само за партиски вработувања и привилегии.

    Туку, дај нека не ја тупи, нека не туку измислува разни трикови со кои ќе продолжи да ја врти водата на бугарска воденица, што го одложува почетокот на преговори со ЕУ до недоглед. Барем додека уште сме на број. Барем додека уште има само 200.000 Македонци со бугарски пасоши.

    Јас, за разлика од патриотите со бугарски пасоши што се веќе во ЕУ и од таму ни држат лекции за македонштина, сакам со македонски пасош да си влезам во ЕУ.

    2 Ова пимплање со измените на Изборниот законик за да се спречат незвисните граѓански иницијативи да учествуваат на Локалните избори покажува дека најголемите партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозиционата СДСМ, како и ДУИ и Коалицијата „Вреди“, никогаш немале намера да владеат во интерес на граѓаните. Тие 30 години се занимаваат само со осигурување на својот плен заграбен од државата. Ќе се караат секој ден, ќе се навредуваат со најпогрдни зборови, ќе бидат смртни непријатели, но секогаш постигнуваат договор да не си се мешаат во „територијата“ која секоја од нив си ја завладеала. Граѓанските инцијативи им се најголемиот душман оти им го разоткриваат тој „не ме ‘рчкај, не те ‘рчкам“ договор.

    Па побогу, сите сме граѓани на оваа земја. Не само партиските членови.

    Ме плаши помислата дека ќе се задуши тој граѓански глас, затоа што страшна е и помислата дека сега може да има само една опозиција – СДСМ, или само една власт ВМРО-ДПМНЕ, па на сите нам што не сакаме да се врзуваме ни за едните, ни за другите не ни останува ништо друго, туку да си се помириме со вителот на оваа вмровско-сдсмовска спрега и да си го трпиме насилието врз граѓаните што не се во партија.

    3 За премиерот Христијан Мицкоски најдобро би било веќе да не ја отвара темата за партиски вработувања и да не си троши зборови на ветувања дека тој ќе ја прекине таа пракса, оти реалноста го демантира. На 14 јули зборуваше дека гради „систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост“, а три дена подоцна излегува дека баш зависи од партиски книшки. На конкурсот од Контролата на летање за несуштински работни места се вработуваат сопругот на директорката на Централниот регистар, потпретседателот на партискиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ и вдовица на осуден за огранизираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    Не дека дури и гласачите на ВМРО-ДПМНЕ му поверувале на Мицкоски кога беше во опозиција и велеше дека „партиските книшки не треба да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините“. Напротив,  главнината од партиското тело очекува тоа да не е така. Исто, како што очекуваат да не е така ни закоравените поддржувачи на СДСМ.

    Малкумина се тие што се врзуваат со партиите од идеолошки причини. Море какви десничари, какви левичари? Единствената идеологија на партиите им е заграбување на јавното добро. А идејата што ги води нивните гласачи е очекувањето партиите да им вратат со некаква услуга. Тие ќе добијат државна плата или некаков договор на дело, за политичарите да ги украдат големите пари.

    4 Тоа што веќе ни непартиските граѓани не се изненадуваат кога ќе прочитаат дека потпретседател на партиски подмладок го примиле на работа како „ВИ студент“ во државна фирма што го контролира авиособраќајот, да речеш е „нормалноста“ што ја наметнаа партиските гласачи. Па така, кај нас е нормално и дека високите зони на Скопје немаат вода со денови. Ама, нормално ли е без вода да остане и детската болница „Козле“? И, нормално ли е тоа да не е никаква драма? Нормално ли е водата за пиење на болните деца да им ја носат спонзори, а вработените да се снаоѓаат со цистерни.

    Значи, до толку се намалени нашите очекувања, што треба да сме среќни дека на лекарите што ни ги лекуваат децата, барем им испратиле цистерна за да се замијат.

    Така е затоа што Скопје го затнаа со огромни зградурини. Го напнаа Водно, остана без вода. Ќе се урне планината од висококатниците што никнаа на парцелите на индивидуалните куќи. Дека „важно е да се гради“. И – „да му средиме на еден наш“.

    А кој рече дека не треба да се гради?

    Оправдувањето на градоначалниците зошто даваат дозволи за неконтролирана градба е – затоа што земаат многу пари за комуналии. Дека општината мора од нешто да живее. Ама парите за комуналии се за – комуналии. Не се за партиски вработувања на измислени работни места во општините. Туку, меѓу другото, и за надградба на водоводната мрежа, ако веќе тесните улици и немањето безбеден пристап и паркинг градоначалниите не го гледаат како проблем.

    5 Очигледно, немањето вода не е проблем ни за вработените во државните институции што се сместени во зградата на Македонската радиотелевизија. Не треба да се чудиме кога не можеме да ги најдеме на работа. Луѓето мора да одат до трговски центар или до бензинска пумпа кога ќе ги фати зорт.

    Во истата зграда со години не работеа лифтовите. Па кога Владата им ги поправи, тоа беше одбележано со видео со драматична музика. Сега имаат лифтови, ама немаат вода. Не може сѐ да имаат одеднаш и во секое време.

    Нека се стрпат. Најдоброто допрва доаѓа. Ќе има и вода. Со нетрпение го очекувам новото видео со кое ќе се прослави и протекувањето вода во славините.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира