МАЛОТО УВО

И „Вардариште“ покажа дека државата не е тука кога ти треба. Ни во редовни, ни во вонредни услови. А ти редовно ја плаќаш.

    МАЛОТО УВО

    1 Да почнеме масовно да земаме терапија за деменција. Или, министерот за здравство Азир Алиу нека увезе од странство некој психијатарски конзилиум, како што ќе носи анестезиолози од Словенија за државната кардиохирургија. Ни треба помош. Мора да имаме проблем со одрекување на реалноста ако му веруваме на премиерот Христијан Мицкоски кога ни вели: „Па видете, традиција е кога СДСМ е во Владата и кога СДСМ управува со службите во државата, следена да биде ВМРО-ДПМНЕ“.

    Имаше една афера „Големото уво“ од 2000 година, кога министерка за внатрешни работи беше покојната Доста Димовска од ВМРО-ДПМНЕ, а претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, тогаш во опозиција, објави стенограми од следени разговори на стотина политичари, новинари и дипломати. Аферата доби завршница во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што во 2013 година 17 новинари го добија спорот што го водеа против државата.

    Ај да речеме дека дошле нови генерации и малкумина се сеќаваат на „Големото уво“. Ама, поминати се само 10 години откако Зоран Заев, како лидер на опозициската СДСМ, ги објавуваше нелегално прислушуваните разговори во времето кога премиер беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а шеф на тајната служба неговиот братучед Сашо Мијалков. Тоа што го слушавме беше реално. А ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше 11 години на власт.

    И јас бев еден од тие што добија папки, си ги видов транскриптите од моите разговори и текстуалните пораки што сум ги разменувал. И на суд се појавив, па таму разбрав дека ме прислушувале две и пол години и продолжиле да ме слушаат два месеца откако на прес-конференција на Заев, во СДСМ ми дадоа папка мене и на уште десетина колеги-новинари. Нема што да се сеќавам. Бев таму и видов. А и папката си ја чувам за спомен, па не знам за каква традиција зборува Мицкоски.

    За разлика од „бомбите“ на Заев, кои беа тука, видливи, слушливи, сега уште не знаеме за што станува збор кога ВМРО-ДПМНЕ се повикува на веста од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека испратила информација до Јавното обвинителство за можни злоупотреби во Агенцијата. За незаконско прислушување ли, за физичко следење ли, за сомнежи за контакти со странски служби, за колатерални жртви, за некој што се налепил случајно…

    Не можам да оценам дали после толку трауми со тајните служби луѓето се веќе отрпнати и секоја ваква приказна им доаѓа како веќе прочитана. Дека сите слушаат и дека тоа е нормално и дека тоа не е некоја голема вест. Или, едноставно не го земаат за сериозно сѐ што ќе им кажат политичарите. Та било големо, та било мало, влегло низ едното, излегло низ другото уво.

    2 И без да се декласифицираат документите на АНБ, и без да има судска завршница, ова не е нешто многу поразлично од тоа што премиерот Христијан Мицкоски го правеше и додека беше во опозиција. Прво, да го обвини СДСМ за сите можни зла и сѐ што е лошо во државата. И второ, да го изрелативизира сето зло што ВМРО-ДПМНЕ го направи од 2008 до 2016 за кое не се ни извини. Дека ете, сите се исти. И ние прислушувавме, ама и вие прислушувавте. И ние крадевме, ама и вие крадевте.

    А тоа што ни претседателот на собраниската Комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање Скендер Реџепи, ниту пак заменикот Блерим Беџети немаат сертификат за безбедност, па не можат да вршат надзор над безбедносните служби, е сосема друга приказна.

    Туку, ајде, барем сме во НАТО. Па наместо нашите пратеници некои други служби вршат надзор над нашите тајни служби.

    3 Сѐ што прави власта, сѐ е театар. Престава за одвлекување на вниманието.

    Погледнете на пример што се случува на сцената на дивата скопска депонија „Вардариште“ во Општина Гази Баба. Откако по којзнае кој пат се запали, откако половина град, цел Аеродром и Ново Лисиче се гушеа во чад и останаа без струја, другиот ден на местото на настанот се појави кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски, во придружба на актуелните градоначалници на Гази Баба и Аеродром Бобан Стефковски и Дејан Митески, и вети дека таму ќе направи парк.

    Како може кандидат за градоначалник да вети нешто повеќе од актуелните градоначалници? ВМРО-ДПМНЕ ја има власта четири години и во Гази Баба и во Аеродром. Кој ги спречувал актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ од овие две Општини да го направат тоа што сега го ветува кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ? Башка муабет е што и мнозинството на Советот во Град Скопје го има ВМРО-ДПМНЕ. Ама, ако веќе колективно се ставаме на терапија за одрекување на реалноста, да не треба да ја заборавиме и улогата на Данела Арсовска што ВМРО-ДПМНЕ ја донесе на власт?

    Па кога би бил, на пример, јас градоначалник на Аеродром, па уште и се кандидирам за нов мандат, без око да ми трепне би го тужел градоначалникот на Гази Баба. Затоа што четири години не си ја завршил работата во неговата Општина и како резултат на неговата неспособност „Вардариште“ ми ги труе гласачите што треба да ме гласаат.

    Иста партија се. Имаа четири години да се договорат што ќе прават со дивата депонија. Вака, излезе дека Орце Ѓорѓиевски ги потепа. Срамота е на нивен терен да им дојде кандидат за градоначалник на Скопје, кој допрва треба да биде избран, и како евентуално иден да им ветува на нивните комшии дека ќе им го реши проблемот затоа што тие како актуелни градоначалници не биле способни. А бараат втор мандат и пак да гласаат за нив.

    4 Кога се запали „Вардариште“ беше недела, 31 август. Речиси половина од жителите на главниот град останаа без струја неколку часа. Кој се подготвува за првиот училишен ден, кој се вратил од одмор па другиот ден се спрема за работа, кој се вратил од викенд… Една колешка ми кажа дека тргнала со кола кон центарот на градот. Ама, бидејќи немаше струја и не работеа ни семафорите, по пат забележала три сообраќајки. Среќа, полесни сообраќајки, ама нервозата е тука.

    И ми вели: Ај што дома не можеш да отвориш прозорец оти се гушиш во чад, ај што немаш струја, туку возам така нервозна, ги минувам крстосниците напната, под стрес и си се прашувам: Па добро бе, зарем никому не му текна да испрати барем некој полицаец да го регулира сообраќајот кога веќе толку часа нема струја? И така, затекната во целиот тој хаос, пожар, чад и сообраќајќи, по којзае кој пат се почувствував немоќно во сопствениот дом, во мојот град, во мојата држава. Затоа што, сфаќаш дека институциите на државата не се тука кога ти требаат. Ни во редовни, ни во вонредни услови. А ти редовно ги плаќаш.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира