1 Не знам зошто уште не му верувате на Груевски дека тоа што ќе го каже и ќе го оствари. Па тој уште по второто Пржино се закануваше дека не може да го контролира гневот на народот. Ова што сега темата „Ќе си лежите“ е сменета со „Државата е нападната“ не е резултат на само еден фејсбук статус, со кој бившиот премиер ги повика луѓето да ги слечат влечките и да излезат да ја бранат државата. Тоа што темата од криминал се пресели во сферите на меѓуетнички конфликт значи дека тој ова го има испланирано уште кога го потпишуваше вториот Пржински договор.
И нормално е Груевски да повика на одбрана на државата. Си ја грабнаа Македонија и нормално е дека ќе ја бранат. И ги повика на одбрана сите што, макар и на најбанален начин, се офајдиле од грабнатата држава. И нормално е да не сакаат да се откажат од придобивките на грабежот. И нормално е дека не сакаат да одат во затвор. И нормално е дека не сакаат да го вратат украденото.
Ама, како може да биде нормално кога таа нивна лична борба да се спасат од затвор ја прикажуваат како највисок национален интерес? Од кога тоа е нормално својот интерес да се извлечат неказнети да ни го прикажат како наш интерес? Како може да биде наш интерес одбраната на нивната слобода и одбраната на нивните пари?
2 Двојазичноста е глупава тема за разговор уште од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го изгласаа Законот за употреба на јазиците. Море, тоа е надмината тема уште од 2002 година кога Собранието проработи со слушалки за превод.
Таа тема не е случајно избрана. Тоа е агресивно и скапо изработена кампања чија што цел е да се сврти вниманието. Со парите што ги украдоа, со луѓето што ги имаат купено, кој со директорско место, кој со тендерче. И со медиумите што ги напумпаа со нашите пари, не е тешко да се изврти муабетот и вниманието. Па наместо луѓето да прашуваат: „Каде се парите?“, се бранат од двојазичност што ја има дури и во автобусите со кои доаѓаат на протести пред својата влада.
Ало! Македонците имаат страв од двојазичност, а од 2005 година до лани 63.283 добиле бугарски пасоши. Една Струга и еден Штип заедно веќе си обезбедиле резервна татковина, додека овие ни ја краделе нашата. Или, Берово, Кочани и Крива Паланка заедно имаат исто толку жители колку што граѓани на Македонија потпишале дека имаат бугарско потекло за да добијат бугарски пасош.
А овие што ни ја украдоа државата ги учат децата да викаат дека не сакаат да учат „туѓ“ јазик. Бугарскиот не им е туѓ. Како ни англискиот. Ни германскиот што масовно го учат за да се отселат.
3 Мора да биле наивни сите што мислеа дека Ѓорге Иванов ќе му даде мандат на кој било што не се вика Никола Груевски и што не е од ВМРО-ДПМНЕ. Не затоа што не смее да си дозволи оти е притиснат, уценет или без карактер. Туку затоа што и тој е дел од кликата што ја грабна државата.
Не е тој „фикус низаеден“ како што пишува на графитот на демолираната канцеларија во центарот на Скопје. Вистина, тој не е мајстор на играта, ама е клучен играч на врхушката во ВМРО-ДПМНЕ. Тој е повеќе од соработник. Тој им ја смислува излезната стратегија. Не е дека не смее да го даде мандатот на тој што му донел 67 потписи на пратеници, а не се вика Никола Груевски. Тој сака да не му го даде мандатот на Заев и на СДСМ. За да ги спаси тие со кои заеднички владее.
4 Многу е силен Груевски на Фејсбук. И на интервју на Сител кај американска стипендистка што глуми дека поставува прашања.
А од бомбите чувме дека валканите работи стално некој друг му ги завршувал. Мерцедесот Гордана Јанкулоска му го купувала. Шамарите во Центар му ги организирал Миле Јанакиески. Плацевите на Водно ги разгледувал телохранителот. Сега, медиумите му го споменуваат името на „еден амбасадор“ што Груевски не го именува, но го кара.
Анџак сме на темата двојазичност и одбрана на државата од Албанците, да се потсетиме дека и предлогот на Законот за амнестија на Хашките злосторници, наместо тој, го потпиша тогашниот вицепремиер Васко Наумовски. А признавањето на Косово во името на Владата на Македонија го потпиша Ивица Боцевски.
А сега забранува да го сликаат на обвинителна клупа и не сака да се слика со странските претставници со кои се среќава. Ама затоа, нарачува малолетници да напаѓаат новинари и интелектуалци кои тој ги прогласил за предавници. А родителите на тие малолетници маршираат за чиста Македонија и ги плашат децата со учење друг јазик.
5 Меѓу тие родители видовме многу уметници, глумци, писатели, режисери, директори на културни институции. Некои од нив и меѓународни кариери божем правеле. Па се вратиле тука да бидат директори. Се вратиле во Македонија со песна да го бранат Груевски да не оди в затвор.
И фино е што пејат. Фино е што се открија за кого пејат. Да знаеме кој тоа тука ни продава европска култура, космополитизам и уметност, а не крие дека мрази Албанци и поттикнува граѓанска војна. И да знаеме кој тоа тука ни продава демократски вредности и толеранција, а поттикнува тепање новинари и интелектуалци што мислат различно од нив.
6 А полицијата ги осуди нападите врз новинарите. И тоа – најостро. Што е полицијата? Обединети нации или мировна мисија? Полицијата треба да ги спречи нападите, а не уште и со години да не може да ги фати напаѓачите. За шест години имало 40 напади на новинари. Кога ќе ги фатат?Изгледа чекаат прво да ги откријат напаѓачите на Општина Центар од 2013 година.
Сè ми се чини дека полицијата нема да ги фати напаѓачите. Не може да ги фати тој што ги праќа.
7 И ете така, заборавивме на бомбите. И заборавивме зошто дојдовме до ова дереџе. Заборавивме на Тамара, заборавивме на Мартин Нешковски. Заборавивме на Смилковско Езеро. Заборавивме на Диво Насеље. Заборавивме на Томислав Кежаровски. Го прежаливме Никола Младенов. За субвенции ни е страв да прашаме, оти тракторите се чуваат за одбрана на Македонија. Со исплатена пола плата, дури и возовите тргнаа кон подобра иднина.
Ама, заборавивме и дека Груевски прв преговараше со Ахмети. И дека Платформата од Тирана беше потпишана на 7 јануари, два дена пред Иванов да му го даде мандатот на Груевски да преговара со Ахмети за таа платформа.
И заборавивме дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ владееја повеќе од 8 години во хармонична коалиција. И заборавивме дека сè уште заедно владеат. ДУИ е на власт, а се однесува како опозиција. И анализира дали да остане во опозиција.
А во меѓувреме, Ахмети ни го спопика на сите – и на Албанците и на Македонците и на сите други. Со национална платформа со која му даде оружје на Груевски да се спасува.
И после ова ние треба да веруваме дека Ахмети и Груевски не работат во дослух. Владеат заедно во нивната Македонија. Таа – грабнатата.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST