КРАСТАВИЦИ И БАНАНИ

Сезоната на враќање на иселениците дома ја проби шимпанзото Коко уште во 2019, кога во Холандија се излечи од длабока депресија од животот во Скопје.

    КРАСТАВИЦИ И БАНАНИ

    1 Во празнична еуфорија и особено што сме пред прагот на нова година што треба да ни донесе нова надеж, целосно го разбирам премиерот Христијан Мицкоски кога вели дека треба да зборуваме само за убави работи. Треба да има убави вести. Ама не и да ги измислуваме.

    Мицкоски прво ни кажа дека сѐ повеќе иселеници се враќаат во татковината. А потоа викна неколкумина иселеници и смисли Форум во Владата за да си го потврди тоа што ни го кажа. Ни рецитираше поезија дека „колку и да оди човек далеку, срцето секогаш го влече назад“.

    Во 21 век, кога светот со неброени можности за комуникација е едно глобално село, тешко дека ќе поминат тажните печалбарски приказни од 19 век. Што ќе им речат родителите на своите деца откако ги слушнаа пораките од Форумот на Мицкоски? Што се мачите таму? Штом премиерот вика дека другите масовно се враќаат, дојдете си и вие. Не бидете за греота.

    Дека мала е жртвата на тие што решиле да се отселат од дома, па сега премиерот ќе им кажува кои се и што се таму и колку им е тешко во туѓина. Дека „каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци“.

    А дома што сме? Не сме ли дојденци? Па кај нас е норма сите што не се во било која партија, а особено владејачка партија, да се дојденци во сопствената земја. Ако ништо друго, таму каде што се заминати не им значи толку кој е на власт. Дојденци се, ама каков ќе им биде животот им зависи од сопственото знаење и способности. И од сопствениот труд. Сигурно кариерата не им зависи од некој локален дибек испилен во општински комитет.

    Којзнае, можеби охрабрен од добрите вести и Никола Груевски ќе се врати. Да си биде свој на своето. Оти, како вели премиерот: „каменот повеќе тежи на своето место“.

    Ама, каменот и одблизу доаѓа.

    2 Како и да е, за враќање во Македонија прв нога повлече шимпанзото Коко кое неделава прослави 30-ти роденден во Скопската зоолошка градина. Коко ја проби сезоната на враќања уште во 2019, откако десет години беше на ресоцијализација во Центарот за заштита на животни во Амстердам, Холандија, оти беше во длабока депресија од животот во Скопје.

    Кога се врати здрав го жалевме Коко повеќе отколку кога си замина болен.

    3 Добра вест е и дека инфлацијата е под контрола. И дека е најниска во регионот, па и пошироко. И добра вест е дека пензионерите во март ќе добијат линеарно покачување на пензиите од 1.000 денари.

    Цената на краставиците низ скопските маркети дојде до 230 денари за кило. Што значи, со покачувањето на пензијата ќе можат да се купат четири кила краставици. По кило краставици неделно. Тоа сигурно го нема ни во Данска ни во Ирска што се малку поарни од нас со бедепето. Ама, пак, кој јаде краставици во зима?

    Добрата вест е дека барем бананите се евтини. И ред е да бидат евтини. Да му биде добро на повратникот Коко да на падне пак во депресија. И на останатите мајмуни. Особено на партиските мајмуни.

    4 Албанската министерка за надворешни работи Елиса Спиропали во Скопје, на заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека „Албанија силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, кој што е 33 проценти според последниот попис“.

    Во 1990-тите години Бранко Црвенковски ни се закануваше: „Да не сакате да станеме како Бугарија“. Ај што дочекавме Бугарија да ни става вето, ај што го дочекавме и денот кога Албанија ни кажува дека нѐ поддржува на патот кон ЕУ, туку уште и тука, среде Скопје, одма ни кажува и дека таа поддршка ќе биде условена со 33 проценти.

    Не знам од каде гостинката од Албанија ги извади процентите на Албанците во Македонија. Според последниот попис од 2021, во државава живеат 24,30 проценти Албанци како резидентно население. Сосе иселените во странство попишани се 29,52 проценти Албанци.

    Нејсе. Министерката Спиропали може да каже дека во Македонија има и 90 проценти Албанци. Ама зошто одмолче министерот Муцунски? Зошто не ѝ кажа: „госпоѓо, погрешен ви е податокот“. Башка, дома си е. Му дошол некој дома и му кажува како му е, а тој молчи. Па ако вака ќути дома, којзнае колку ќути во странство.

    Денес ќе ѝ преќути на Албанија за погрешни податоци. Утре, кога Албанија ќе дојде во позиција да ни стави вето за ЕУ, тоа што денес го кажала нивната министерка во Скопје ќе стане услов за поддршка во Брисел. Тоа што денес сме го преќутиле во Скопје, ќе треба утре да им го објаснуваме во Брисел. Оти некои патриоти многу беа паметни во 2021 за време на пописот со кампањата „Не отворај врата“.  Бугарија ќе ни ги брои пасошите издадени на адреси на бандери во Благоевград, Албанија ќе ни ги брои попишаните Албанци сосе оние во Швајцарија, Германија, Италија, Шведска и Белгија, а некој професор или професорка што тогаш ќе ги имаме за шеф на државата ќе им држи лекции во ЕУ дека не се фер.

    А ЕУ нема да нè слуша, како што не нѐ слуша и сега.

    Затоа што си молчел тогаш кога требало да зборуваш.

    5 Има ли некој закон според кој властите не ги кажуваат прекршителите што ги казнуваат? Или, не ги кажуваат затоа што не ги ни казнуваат?

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека имало неколку казни за загадувачи, ама не кажа ни колкумина се казнети, ни кои се казнетите, а ни со каква казна. Зошто да не знаеме кој нѐ труе? Зошто да не знаеме која кафеана е казнета за гласна музика и пушење? Да не одиме во тие кафеани. Зошто да не знаеме кој мамел со неиздавање фискални сметки? Да не одиме таму да пазариме. Зошто да не знаеме кој нѐ краде? Зошто да не знаеме кој продавал расипана храна? Да знаеме таму да не се храниме.

    Само така ќе им веруваме на институциите дека се бават со својата работа. Инаку, ако има соопштение дека имале робусна акција и казнувале, а не кажуваат ни колкумина казниле ни кого казниле, тоа се бајки за мали деца.

    Си зборуваме за убави работи што не знаеме дали се вистински.

    АУДИО ПОДКАСТ

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира