ШТРАЈК СО ГЛАД

По овие избори, ова ВМРО на бегалецот Груевски треба да биде минато. А не допрва да зема залет.

ШТРАЈК СО ГЛАД

1 Сѐ што видовме во времето на ВМРО-ДПМНЕ, со сите можни контрапротести против студенти, средношколци, студентски пленуми, новинари, со задоволни професори контра незадоволни професори, штрајк на незадоволни лекари и протест на задоволни лекари, протест на навредени Роми против шарена зграда во Скопје оти ја викале „циганска“, а никој така не ја викаше, чистење со сунѓерче и сјајче на боите од Шарената револуција од Портата во Скопје и споменикот на Филип Втори во Битола, крштевањето и пиењето вода од загаденото Дојранско Езеро, пуштањето празни коли на Брзата помош меѓу демонстрантите на Шарената револуција, протест на автобусите на ЈСП пред седиштето на СДСМ, контра шатори пред Собранието како одговор на шаторите пред Владата… сето тоа е ништо во однос на контраштрајкот што го најави српската власт. Министри и пратеници од власта ќе штрајкуваат со глад оти веќе не можеле да го трпат тормозењето од протестите на опозицијата. И се закануваат дека, ако опозиционерите почнат штрајк со глад, тогаш штрајкот со глад на власта ќе биде подолг.

Ова е навистина највисокиот врв кој ниедна пародија не ќе може да го достигне. Иако, и кај нас има тешко достапни врвови. Како на пример, кога вмровската кандидатка за претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова ќе каже дека за неа ќе гласат и разочараните учесници на Шарената револуција. Чекај, чекај… Шарената револуција започна како реакција на бомбите кои ги открија злочините што ги правеше власта на ВМРО-ДПМНЕ и аболицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов. И сега, разочараните шарени ќе гласаат за да им се врати ВМРО? Па ене ги, уште се влечкаат по судови по пријавите од власта на ВМРО. Кои се разочараните шарени што ќе гласаат да им се врати ВМРО? Тие на кои Митко Чавков им се закануваше „сите ве снимаме“? Тие што протестираа против џелатот ќе гласаат за да им се врати џелатот? Тие што протестираа за поддршка на СЈО, сега ќе гласаат за да се укине СЈО? Тие што бараа да се откријат сите криминали што ги чувме во прислушуваните разговори сега ќе гласаат за запирање на истрагите како што бара ВМРО-ДПМНЕ?

Зошто би гласале? Само затоа што Силјановска-Давкова се претставува како натпартиски кандидат? И затоа што партијата што ја кандидира вика дека „гласот за Стево Пендаровски е глас за непотизмот и за грабежот на народните пари“. Ајдее… Непотизмот!? Со братучедот шеф на тајната полиција и кумот – министер за финансии. Грабеж на народните пари!! Со Скопје 2014. И со кинеските автопати и кинеските автобуси. И со восочните фигури, сликите и кристалните лустери од Белата палата што сега ги раздаваат по црквите, божем ќе се покајат за гревовите. На вмровците, за криминалите на ВМРО виновен им е СДСМ.

Христијан Мицкоски бара да му се даде нова шанса. Шанса за што? За да ни го прават тоа што ни го правеа 11 години? Да нѐ доискрадат. И да нѐ доприслушуваат? Оти, велат дека со оваа злосторничка власт веќе не се живее.  Па да ја вратиме старата.

2 И по сето ова, уште постои дилемата дали претседателските избори ќе бидат успешни, оти може да нема доволна излезност. И сѐ додека постои таа дилема, власта ја има утнато изборната тема. Оти, темата е –  по овие избори, ова ВМРО на бегалецот Груевски треба да биде минато. А не допрва да зема залет. Оти сѐ додека е живо ова ВМРО, ВМРО-то на Груевски, од кое Мицкоски не само што не се огради туку секојдневно му дава сила, државата ќе биде во криза.

Власта што реши клучни проблеми што ја блокираа иднината на земјава во НАТО и ЕУ, како што беа името и добососедските односи, му дозволи на ВМРО повторно да ги наметне овие теми за претседателските избори. А очигледно е дека на новиот претседател нема да му биде работа да се занимава со веќе затворени прашања. Главната работа на новиот претседател и врховен командант речиси е завршена. НАТО е извесно, датумот за почеток на преговори со ЕУ, кај и да е, ќе биде… Така што на новиот претседател ќе му остане да ги потпише законите што Ѓорге Иванов не ги потпишува и да потпишува други реформски закони што треба да ги донесе Собранието. Тоа е животот. Доброто владеење, неселективна борба против корупција, решавање на локалните проблеми, вработување, побогат живот во секоја смисла. Со овие претседателски избори треба конечно да се затвори таа посткомунистичка транзиција што трае 30 години. Да се одглавиме од минатото и да ни почне иднината.

Има луѓе што се целосно незаинтересирани за политика, има лути, има разочарани, има инаетчии – „не ти гласам бе“, има луѓе што се постојано незадоволни од сѐ, има и луѓе со преголеми очекувања од сите… Ама ако не успеат изборите, извесно е дека почнува нова криза.  Ќе следат нови претседателски избори, па нови лидерски средби, нови пазарења, предвремени парламентарни избори, нови кампањи, нови дебати, нови извештаи за напредокот на земјата, нови датуми, нови теории на заговор… Ќе се вратиме во фазата Пржино 1, 2, 3 и така натаму.

Разбирам дека нема многу причини човек да е задоволен од тоа што оваа власт го сработи на внатрешен план и на централно и на локално ниво досега. Ама, не разбирам како би биле задоволни ако се вратиме во фазата „Пржино“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира