1 Истиот ден кога премиерот држеше прес-конференција дека Владата прави некаква платформа за борба против дезинформации и лажни вести, една наменски отворена телевизија во која тој што се претставуваше како газда е осомничен дека ги злоупотребувал новинарите и блискоста со власта да собира рекет, ги емитуваше последните вести.
Не верувам во симболика. Едноставно, Боки 13 не е единствениот што го злоупотребил новинарството и телевизијата за да се збогати. Па не е ни единствениот што јавно се претставувал како газда на медиум, а во документите за регистрација пишува некое друго име. Впрочем, слушавме во бомбите и некои други газди како си ги употребуваат своите медиуми и како си ги злоупотребуваат новинарите што работат во нивните телевизии. Ама, се надевавме дека „ова зло никогаш нема да се повтори“, ко што викаше тогаш опозиционерот Заев.
Е па, се повтори. Зошто? Затоа што СДСМ откако дојде на власт никогаш не пристапи кон неопходната реформа на медиумите. Ги најдоа тефтерчињата со упатства за манипулација со медиуми што ги имаа заборавено Мартин Протоѓер и Илија Димовски и им ги дадоа на дилетанти да ги практикуваат. По принципот „тие така правеа“. И сега реалноста ги изеде. Оти , инфраструктурата од квазимедиуми што ја плаќаше ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски сега е надградена со апла ширење лажни вести на вмровски јавни и партиски функционери. А СДСМ, лакоми за влијание и желни за манипулација со медиуми, не сфаќаат дека теренот за игра и правилата се сосема променети.
Е па, организирано ширење лажни вести не се победува со поддршка или скриено создавање рекетарски медиуми. Ама „овие се наши“. Ниту пак со нарачани прашања на прес-конференции и рецензија на наслови. А најмалку со нарачани хајки со организирани ботови на Фејсбук и Твитер, ко што уште прават вмровците.
2 Впрочем, ај да не одиме подалеку. Ене го јавниот сервис МРТВ. Тоа е најочигледен пример кој ја покажува неискреноста на Владата кога вели дека „ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел за поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации“.
Наместо да направат силен, професионален јавен сервис, тие повеќе од две години го оставија да биде вмровско дувло. Зошто? Дека не сакале да се мешаат. Не бре. Само затоа што МТВ нема добар рејтинг, па со таква слаба гледаност не им треба.
Ама, на граѓаните им треба.
3 Што е за право, рано им текна да се борат против дезинформациите. Изгледа дека лажниот Порошенко повеќе го заболе премиерот Заев отколку искршената глава на 27 април 2017. Па, Собранието беше нападнато врз основа на лажна вест, а сега, две и пол години подоцна, од Владата ни откриваат дека „дезинформациите се напад на демократијата“.
Еве само два, навидум банални, примери со понов датум.
Пратеникот Антонијо Милошоски на Твитер намерно ширеше стара вест за тоа кои земји во Брисел гласале против Македонија. И медиумите го пренесоа. Нормално. Пратеник е. Демек – релевантен извор.
Пратеникот Димитар Стевананџија измисли дека ракометарите на Вардар кога станаа европски шампиони одбиле да ја земат плакетата од Владата оти на неа пишувало Северна Македонија. И тоа го пренесоа медиумите. Оти нели, Стевананџија е пратеник, релевантен извор. Па пред некој ден истиот тој Стевананџија, пратеникот, на Фејсбук постираше стара слика од новинари седнати во пицерија во Скопје и напиша дека се сликале на отварањето на дивоградбата на советникот на ДУИ Нефи Усеини во Охрид. И нормално, тоа беше вест, многу важна за објавување. Пратеник постирал на Фејсбук.
Зарем на Владата ѝ требаа две години да сфати дека ширењето лажни вести е организирано? Па од Марс се гледа кој ги смислуваше и тиранските платформи и камповите за бегалци. Ги плашеа луѓето дека ќе плаќаат казни ако не научат албански јазик. Колку нови точки му измислија на Преспанскиот договор? Одговараше ли некој за тоа?
Ако пратеник намерно шири лага, а медиум таа лага ја пренесува, тоа не е работа на медиумска писменост. Тоа е невладеење на правото и неказнивост.
4 За жал, долго паметам. Во новинарството сум од 1983 и искуството ме научило да распознавам што е намерно создадена и проширена лажна вест, а што е лажна вест проширена благодарение на неписмено и мрзеливо новинарство. И многу ме лути дека сега Владата нас неколкуте професионални редакции што ја проверуваат секоја информација пред да ја објават, ќе нѐ обучува како да препознаеме лажна вест. Божем тие се кадарни да нѐ описменуваат. И нас и читателите. Ќе потрошат куп пари и целиот акциски план ќе се сведе на променети телефони на премиерот и кампања од типот „дезинформациите се напад на демократијата“. А дезинформациите ќе продолжат да се шират безмилосно.
И затоа ме вади од такт кога ќе ги чујам модерните изрази што сега и Владата ги користи – медиумска писменост и факт чекинг – демек проверка на факти. А што е новинарството ако не е проверка на факти пред нешто да се објави? И што е новинарството ако творецот на веста – новинарот не е писмен? Тоа е суштината на новинарската професија. Проверка на факти и писмено напишан текст по новинарски стандарди.
Од кога вест важна за објавување е нешто што како тема ќе го наметнат 10-20 твитерџии, кои дури немаат ни идентитет, туку се под псевдоними? За на крај на денот да добиеш вест: „Нанана, нанана, нанана…, вели Твитер“. Па дури и дебати се водат за тоа што кажал Твитер. Кој е тој Твитер? Дал изјава? Што е по професија? Се разбира ли во темата за која зборува?
Ја надминавме фазата со насловите од типот: „Скандалозно“, па две точки…. Или, „Погледнете тука“, па две точки… Или, „Нема да ви се верува“, па две точки. Пред некој ден се појави вест со ваков наслов: „Наводно“, па две точки…нанана, нана, нана…
Е тоа „наводно“ е последица на мрзеливоста и неукоста на новинарите кои паѓаат на манипулацијата на политичарите. Баш ме интересира, дали овие професионалците што како извор наведуваат „што вели Твитер“, кога ги боли нешто одат да се лечат кај доктор Гугл? За професионални стандарди збориме, нели?
5 Медиумите се последната алка во овој тотален хаос. Почнувајќи од распаѓањето на НИП „Нова Македонија“, преку затворањето на А1 Телевизија, уништувањето на „Вест“, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Теа“ со грабежот на МПМ, па сѐ до последниот дневник на 1ТВ. Колку професионалци останаа без работа? Новинари, лектори, графички дизајнери… А колкумина рекетари јавноста, па и Владата, ги есапи за новинари?
Така што, нека си носи Владата акциони планови со кои и нас професионалците ќе нѐ оценува дали сме „факт чекери“. Додека нѐ обучат да откриеме „што вели Твитер“, и ние ќе пропаднеме. И нека си прават акциско тело што ќе се справува со дезинформации. Така како што го срочиле личи на Министерство за вистина.
Партиите ќе продолжат да си ги хранат квазимедиумите за пласирање „свои“ вистини. И поради нивните вистини сите ќе живееме во лага.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST