10 ДО 20 МИЛИОНИ

Ако си оди Груевски, ќе мора да си оди и Ахмети. Затоа така верно се држат заедно.

10 ДО 20 МИЛИОНИ

1 СДСМ прави погрешна слика за стварноста кога за оваа техничка влада го користи терминот „влада во заминување“. Какво заминување? Оваа влада е исто толку јака како што си беше и пред изборите. И работи исто толку добро за Македонија, како и пред изборите.

Да беше оваа влада во заминување, немаше проректорот на најголемиот државен универзитет да му реферира на лидерот на парламентарното малцинство Никола Груевски на отварање на спортска сала. Да беше оваа влада во заминување, немаше странските инвеститори кои користат погодности од нашите пари да ги најавуваат инвестициите заедно со лидерот на парламентарното малцинство Никола Груевски. Да беше оваа влада во заминување, немаше амбасадорот во Турција платен од државниот буџет да го чека лидерот на парламентарното малцинство Никола Груевски на аеродромот во Истанбул.

Впрочем, парламентарното малцинство јасно си кажа од собраниската говорница дека нема намера на мирен начин да биде власт во заминување.

Пратеникот Антонијо Милошоски на пратениците на СДСМ им се закани: „Нека не ве лаже паметот да правите чекори коишто ќе ги зголемат тензиите во Собранието“. А Трајко Вељаноски беше уште поконкретен: „Ќе почекаш за да седнеш на ова место. Многу се чека за овде…“

Значи, да не се лажеме. Пораката е јасна: „Смени ме ако можеш!“ И сите оние партиски документи на ВМРО-ДПМНЕ со драматични имиња – те проглас, те патоказ, те манифест – се сведуваат само на една порака. А таа е: Или Груевски на власт, или граѓанска војна.

2 Нека продолжи СДСМ да спие на увото дека Груевски е на заминување. Па еден ден Заев ќе се разбуди во Пржино по стоти пат. На преговори со истиот тој Груевски поради кој имаше предвремени избори и кој не успеа да состави Влада оти нема мнозинство во Собранието. И со истиот тој Али Ахмети кој со платформата му помогна на Груевски да заборавиме што слушавме во бомбите. И пред сè – зошто дојдовме до оваа криза.

А дотогаш, ВМРО-ДПМНЕ остварува. И тоа остварува вообичаено, во коалиција со ДУИ. Со истото темпо и на истиот начин како што заедно остваруваа последниве осум години. И нè доведоа до тука до кај што сме.

Којзнае, можеби СДСМ навистина има план. И можеби Зоран Заев смета дека планот ќе го оствари заедно со ДУИ. Ама, изгледа дека Али Ахмети тешко се наоѓа во тој план. Сè ми се чини дека тој засега успешно го изведува планот заедно со Никола Груевски.  Додека државната администрација претворена во партиска војска на ВМРО-ДПМНЕ протестира против платформата на Ахмети, неговите министри и државни директори остваруваат со министрите и директорите на Груевски.  Додека Ахмети преговара со СДСМ, си продолжува да си владее со ВМРО-ДПМНЕ.

И така ќе биде. Оти, ако си оди Груевски, ќе мора да си оди и Ахмети. Затоа така верно се држат заедно.

3 Според последните резултати на меѓународна програма на ОЕЦД  за оценување на ученици, од тестирањето спроведено во 2015 година Македонија е на 68-мо од 70 тестирани земји, а во некои категории како што се читање е последна, со исклучок на Косово и Доминиканска Република.

Повеќе од две третини од 15-годишниците немаат функционална писменост, односно писменост во вештини како природни науки, математика и читање и разбирање. Плус, Македонија има и најниска стапка на запишани деца во основно и средно образование во регионот.

Што значи тоа? Ем сè помалку деца се запишуваат во школо оти сè повеќе луѓе се иселуваат, а основното и средното образование се задолжителни. Ем и тие што ќе се запишат, џабе одат во школо оти од таму излегуваат неписмени.

И овие резултати се бележат преку реформите што почнаа со „Компјутер за секое дете“, кампањата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, преку екстерното тестирање, до Кембриџ програмата. Оваа неписменост е забележана во времето на ептен писмените што Блаже Конески го викаат џуџето од Небрегово, Кочо Рацин е џуџето од Велес што умрел на време, а Славко Јаневски го лустрираа.

Впрочем, тие си направија образование соодветно на општеството што го создадоа. Во кое не е важно колку знаеш, туку е важно редовно да одиш во штаб. И да бидеш на готовс, да чекаш смс пораки за да го браниш лидерот да не оди во затвор.

4 Владата не им ги исплаќа субвенциите на земјоделците. Тие се жалат дека власта им врши притисок. Им се заканува дека ако протестираат нема да им ги исплатат парите. А тие протестираат баш оти не им се исплатени парите.

Тоа е отприлика истата приказна како со штрајковите. Власта им се заканува дека ќе ги избрка од работа, или ќе им ги намали платите. А тие штрајкуваат оти со месеци не им дале плата.

Ова е современа варијанта на приказната за Македонецот што си го чува скриен кубурот за не дај Боже. Да не протестираш за неисплатени плати и за неисплатени субвенции е влог во иднината. Ќе си имаш за земање.

5 Завчера, Тетово свечено доби цевковод за вода. Вода уште нема добиено. Цевководот долг 9 километри се градеше 18 години. Значи дека некој што се родил кога свечено почнал да се гради цевководот, сега веќе наполнил 18 години. И ќе може да гласа на локалните избори за да му пуштат вода.

Никој не знае колку чини цевководот. Ама се претпоставува дека за овие 18 години се потрошени меѓу 10 и 20 милиони евра. Што се 10 милиони евра разлика? Особено кога пари за цевководот давале и УНДП и Швајцарија и општината и државата. Нема кој не давал.

За да стане цевководот  – водовод треба да се изгради уште филтер станицата. Која што сега треба да чини 2 милиони евра. Ама може ќе чини и 4 милиони. Што се два милиони разлика. Многу помалку од 10. Кој би можел толку однапред да планира трошење на народни пари.

6 И Норвешка ќе гради цевковод. Ама за бродови. Тунел под море. И за неговата изградба е предвидено да се потрошат 300 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ за Скопје 2014 потроши 600 милиони евра.

Да не е многу бе, а?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари