26 ИЗЈАВИ

Во криза прво децата да ги жртвуваме. Тие нека седат дома, а јавната администрација нека се грее по канцеларии.

26 ИЗЈАВИ

1 Да се продолжи зимскиот распуст. Децата да учат онлајн од дома.

Истиот ден, кога премиерот Димитар Ковачевски во Њујорк настапувал на сесија за трансформација на образованието и ги претставувал „националните цели и стратегии за унапредување на образовниот процес во Северна Македонија“, градоначалниците од Полошкиот Регион излегоа со идеја зимскиот распуст да трае два месеца зашто општините немаат пари за струја и греење, а ако ептен останат без пари, децата ич да не одат на школо. Нека си се греат дома.

Сигурно добро ги обмислиле овие идеи пред да го овластат градоначалникот на Гостивар Арбан Таравари да ги соопшти на јавноста. Ќе почне школската година на 15 август, ќе заврши во јули. А матурските испити? А уписите на факултети? Кој сето тоа ќе го усогласи? Кое Собрание ќе менува закони? Ова блокираново, што не може ни кризна состојба да прогласи среде криза? Кое министерство сето тоа ќе го искоординира и спроведе? Ова што не може да обезбеди ни учебници на почеток, ни свидетелства на крајот на школската година? Друг муабет е дека има деца на кои можеби школото ќе им биде единственото место каде што може да бидат на топло.

Што убаво смислиле градоначалниците. Во криза прво децата да ги жртвуваме. Никако не смее да се жртвува јавната администрација, за која видовме во ковид кризата дека додека не одеа на работа без најмалку половина од нив се можело. Што си мислеа кога се тепаа да станат градоначалници? Дека само ќе вработуваат партиски кадри? А од менаџирање на буџетот знаат само да направат табела колку и кому должат.

Стратегијата за унапредување на образованието за која зборувал премиерот во Њујорк не е во согласност со стратегијата на партиите да примат што повеќе партиски кадри на државна работа. Кај плата им даваме, сега уште и да ги грееме.

2 Единствено чаре е сите од јавната администрација, од општини до министерства, да се избркаат и одново да се примат само на работните места кои се навистина неопходни. Во еден ден и отказ и конкурс за вработување. Како ресетирање на компјутер. Во конкурсната комисија да седнат луѓе кои не ѝ должат на ниту една партија. Не наши – странци нека бидат. Тие да им ги проверуваат биографиите, нека ги тераат да пишуваат мотивациски писма, нека ги тестираат, нека проверуваат дали лажеле за познавање странски јазици, нека се усогласуваат со балансерот за вработување по етнички клуч…

Ова ресетирање за државата особено би било корисно кај судиите и обвинителите. Нема да се одрази на должината на судењата, кои ионака траат со години.

Не е штета и да потрае тој процес на ресетирање. Ионака никој не се брза во Македонија. А ни на ЕУ не ѝ се брза со нас.

3 Деновиве добив покана да учествувам на дебата со бугарски интелектуалци. Чешкото претседателство во рамките на претседавањето со ЕУ имало идеја од двете земји да се сретнат „разбрани луѓе“ и да дискутираат за европската иднина на Западниот Балкан.

Само Чешка и Словачка беа најгласните членки на ЕУ кои при првото бугарско вето во декември 2020 излегоа со документ, во кој изјавија дека нема да дозволат „Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“. И, за волја на вистината, до крај, до Францускиот предлог, стоеја на нивниот став дека историските прашања не смеат да бидат дел од условите за преговори со ЕУ, додека нашата Влада тоа самата не го дозволи. Затоа и не се сомневам во искрените намери на чешкото претседателство со оваа идеја, да се среќаваат разбрани луѓе од Македонија и Бугарија.

Ама со разбрани луѓе ние нема што да дебатираме. Со разбрани луѓе се разбираме и без дебата. Оти делиме исти вредности. Но, разбраните луѓе не го направија проблемот.  И прашање е дали тие разбрани луѓе се моќни да ја сменат официјалната бугарска политика што нам ни прави злулуми. До сега, тој глас е толку слаб, што нема речиси никакво влијание на официјалната бугарска политика. Сите партии дуваат во истата шупелка кога е во прашање Македонија.

Еве, да речеме дека сум Чех кој во најдобра намера ја организира дебатата. Како замислувам дебата на темата „не постои чешки јазик, а чешкиот народ е комунистичка измислица“?  Ај сретнете се, дебатирајте, можеби ќе се убедите дека сте Бугари. Каде ќе дебатираме? Па се знае, во Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Ова што сега ни го смислуваат од ЕУ како божем олеснување на дијалогот е всушност обид да ја цивилизираат нецивилизираната постапка на Бугарија што е против сите вредности што таа ЕУ, и Чешка како дел од ЕУ, ги застапува.

Ние треба да го менуваме Уставот ако сакаме да ги почнеме преговорите со ЕУ. За да се внесат Црногорците и Хрватите во Преамбулата нема да има проблем, оти тие ги почитуваат македонскиот народ и јазик и во нивните држави здруженијата на Македонци не се забранети. Граѓаните во Македонија треба да се убедат дека треба да се внесат во Уставот Бугарите што не им го признаваат македонскиот јазик. Не верувам дека со дебата ќе се убедат.

4 Туку, ако можеше Бугарија да даде еднострана изјава дека не постои македонскиот јазик и тоа да остане запишано како документ во преговарачката рамка на ЕУ, зошто останатите 26 земји-членки на ЕУ не би дале 26 еднострани изјави дека го признаваат македонскиот јазик? Ама, не само да викаат – ние ве признаваме, ова што ви го прави Бугарија не е фер – туку тие изјави да останат како официјален документ и гаранција на кои ќе може да се повика  секоја македонска влада во иднина. Оти, од Македонија се очекува да го смени Уставот.

Апсурдно е? Глупаво е? Наивно е? Многу бараме? Па, ако за ЕУ не било апсурдно и глупаво тврдењето на Бугарија дека не постои македонски јазик, зошто тогаш би било апсурдно и глупаво другите 26 земји да изјават дека го признаваат македонскиот јазик? Нема да им е тешко. Ќе се повикаат на принципот на самоопределување како темелна вредност на ЕУ и – завршена работа без консензус.

Со, или без референдум, Уставот ќе се смени. Со уцени, со покажување сила, со поткуп на пратеници, по линија на помал отпор ќе се дојде некако до двотретинско мнозинство. Ама, треба граѓаните да се уверени дека менувањето на Уставот е за нивно добро. А во тоа ќе се уверат само ако се сигурни дека не ја губат суштината на своето постоење. Ако ЕУ како целина тоа не може да го вети, оти видовме дека не си стои на зборот кога ветува, тогаш нека ни го ветат барем пријателите од ЕУ, секоја земја посебно.

Не може само со стапот. Морков ќе ни треба за да го смениме Уставот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира