3 МЕСЕЦИ ЈАНЅА

 Каде бевме? Каде дојдовме? И каде ќе се вратиме?

3 МЕСЕЦИ ЈАНЅА

1 Е па, ај тогаш да одмориме. Да се олабавиме од чекањето. Може датум за почеток на преговори со ЕУ ќе има во октомври. Можеби до крајот на годината. Може идната пролет.

Штом летово не мора да има датум, ништо повеќе не мора да има. А СЈО? Па ни СЈО не мора да продолжи со истраги. Само името мораше да се смени. И еве, илјадници Македонци со силна посветеност веќе работат на градење на мерки на доверба со Грција. И дај, веќе кога нема за што да се секираме, да си се оптегнеме на плажа и спокојно да ја чекаме есенската сесија на германскиот Бундестаг. Таму во Берлин нека се секираат. И да ги чекаме изборите во Грција. И новата грчка влада. И новите комесари на Европската комисија. И новата Могерини. И новиот  Хан. Некои нови комесари што ќе ни викаат: Капата нешто ви е накривена, не е по ЕУ стандарди.  Гледајќи го Заев како неуморно шири оптимизам, а Мицкоски како со видеопораки ѝ се обраќа на нацијата, летово ќе помине за час.

Навистина, што се само три месеци – прашал некој длабокоумен политичар во Германија. Се чудел зошто во Македонија има нервоза за нешто што се одложува само три месеци.

Зошто? Затоа што три месеци во Германија и три месеци во Македонија не се исто. Затоа што три месеци летна пауза, кај нас се три месеци јанѕа. И затоа што три месеци јанѕа е секојдневно треперење да не ни се случи нешто што ќе нѐ врати не три, туку триесет години.

Башка, не е стравот дека ние можеме да ја зафркнеме работата и за три дена, а не пак за три месеци. Туку, гледаме дека и во ЕУ политиката се менува, ако не за три дена, ама сигурно за три месеци. Па, минатата година ова време нѐ убедуваа: Завршете ја работата со Грција, па и ние ќе ја завршиме нашата. И – не ја завршија.

Не оти за овие три месеци среде лето ние ќе направиме којзнае какви реформи и ќе се приближиме кон ЕУ стандардите. Ама, ако одиме на предвремени избори – кој ли ќе излезе да гласа? Со какви програми ќе се натпреваруваат партиите? Што ќе ни продаваат на митинзи? ЕУ перспектива!? Со што би одел, на пример, Заев на избори? Со пофалбите што му доаѓаат од странство? Со тоа дека Македонија е лидер во регионот? Бевме лидери и пред петнаесетина години. Лидери во што? Во наивност? Дека го кандидирале за Нобелова награда за мир. Сега можат да му дадат Нобелова награда за губитник.

2 Значи, да потсетиме. Ние ова лето нема да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Значи, нема да ни кажат, кога некој пат ќе почнеме да преговараме со ЕУ. Не за да влеземе во ЕУ. Туку да почнеме да збориме како ќе влеземе во ЕУ.

Ама, тоа е Европа. Истата Европа што пред 25 години ја остави Босна и Херцеговина, на помалку од два часа лет до било која европска престолнина, да крвари и да гине, сѐ додека Американците не ги собраа Туѓман и Милошевиќ и не ги заробија во Дејтон да потпишат мир. И тогаш Европјаните тераа бирократски процедури. И тогаш им требаше време да им објаснат на своите граѓани. Те овој Парламент да се состане, те оваа Влада да донесе одлука, те оваа опозиција да се согласи, те овие избори да не ги изгубиме…

Ако овие три месеци Европјаните успеат да нѐ вратат триесет години, тогаш не е губитник само Заев. И не е губитник само Македонија. Нас нѐ зафркнаа? Нека пробаат да го убедат Вучиќ да го признае Косово. Или Додик да ја тера европската агенда на Република Српска. Да направат отстапки, како ние што направивме. И после да им речат: Извинете, ама уште три месеци да почекате.

3 Датумот не е гарантиран влез во ЕУ. Датумот не е ни магичен збор. Датумот е само гаранција дека нема да се вратиме таму каде што бевме.

Заев го фалат? Се сеќавате како го фалеа Груевски од 2006 до 2008? Па и после тоа уште некоја година се правеа наудрени дека не знаат што се случува во земјава. Море технократ, море имал визија, море млади луѓе во владата, море успешни реформи, странски инвестиции, охрабрувања, поддршка… И оп – се случи Букурешт и ветото на Грција за НАТО. Виде Груевски дека што и да направи, странците нема да испорачаат и – ни се качи на глава. Сфати дека дома може да прави што сака.

Каква е гаранцијата дека тоа нема да се случи со Заев? Дека нема да се вратиме барем до 2008? Ич не е тешко. Нам системот уште ни функционира по искуствата на Груевски. Ене го, тој уште, од Будимпешта кажува каков попис сме требале да направиме. Замислете, пак да ни се случува сѐ што ни се случуваше од 2008 до 2016. Сосе нападот на Собранието во 2017. И сосе сите пржински седенки, дома, кај амбасадорот на ЕУ.

Каде бевме? Каде стигнавме? И каде може да се вратиме?

Е, тоа веќе не зависи само од демократскиот капацитет и карактерот на Заев. Оти системот си работи. Две и пол години се малку за сосема да се демонтира режимот на груевизмот. Самиот Заев викаше дека и за него лично треба камшик. Па, дајте ни го камшикот. Датумот е камшикот.

4 Еве, СДСМ ја обнови практиката на ВМРО-ДПМНЕ да ги замолчува медиумите. Партијата ги рекламира во приватни медиуми успесите на Владата. Демек, не се исти. Парите не се од буџетот. Од партијата биле.

И факт е. Тоа не е забрането. Ама, во оваа сиромашна држава и во оваа медиумска заедница, кога владејачка партија дава пари да рекламира во медиум, ако ништо друго, барем нема да има незгодни прашања за Владата. Па и Груевски така почна. Прво со пари ги замолчуваше медиумите. Па после им кажуваше и што да пишуваат.

До пред две години Груевски нѐ задушуваше. И сега – само што почнавме полесно да се дишеме, си рековте, дај малку да им го затнеме вентилот.

5 Баталете ја Меркел со ветувањата дека Германија ќе даде датум после септември. Баталете ја и Франција, оти за Макрон веќе не се ни секираме. Туку, што правиме со Холандија? Владата во Хаг ни даде најтежок услов за датум. Побара да продолжат истрагите за висока корупција што досега ги водеше СЈО.

Полесно ќе беше да ни побараат пак да го смениме името. Она со промената на името беше тешко. Ама, ова со СЈО е претешко. Полесно е со Грците за името да се договориме и со Бугарите за Гоце Делчев да се нагодиме, отколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да си ги дадат криминалците од своите редови да одат в затвор.

АУДИО ВЕРЗИЈА –  AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира