АХТУНГ, АНГЕЛА

Како тргнале, може и Државната лотарија да ги влече среќните добитници на пасоши во директен пренос на јавниот сервис.

АХТУНГ, АНГЕЛА

1 Техничкиот премиер Оливер Спасовски се чуди како не може да се најде одговорен зошто снема обрасци за пасоши. И јас се чудам како можело да снема пасоши. А уште повеќе се чудам како тој, како довчерашен мининистер за внатрешни работи и актуелен премиер, се прашува како не може да се најде одговорен зошто обрасците за пасоши не биле на време нарачани од Германија.

И сега, на секое појавување во јавност, Оливер Спасовски и техничкиот министер на МВР Наќе Чулев ќе се обвинуваат кој е виновен за пасошите. Чулев дури побара и јавниот обвинител да отвори истрага зошто нема пасоши, а Спасовски ургирал кај Ангела Меркел нарачката да стигне десет дена порано.

Не знаеш чија постапка повеќе се мајтапи со здравиот разум. Дека Меркел треба уште таа работа да ја заврши за Македонија. Кога веќе самата си поставила задача да нѐ истурка во ЕУ. Таа нѐ турка, а ние со сета сила даваме отпор.

Тој отпор да се има сериозна држава нема врска ни со партија, ни со министер, ни со тоа кој е на власт. Ова е вродена неспособност и немарност на државната аднинистрација, чија единствена задача е да ги сервисира граѓаните. Што им е работа на вработените во некоја служба на МВР кои добиваат плата за да им обезбедат лични карти, пасоши и возачки дозволи на граѓаните?

И сега, откако оставија илјадници луѓе без лични документи, ќе дебатираме по телевизии и на Фејсбук, ќе се вклучи цела машинерија и ќе се формира комисија во која ќе има и лекар за да пресуди кој може да добие пасош. Што специјалист ќе биде лекарот? Психијатар ли? Па ќе отвориме муабет од која партија ќе бидат членовите на комисијата, па колку Албанци ќе има, па со какво мнозинство ќе носат одлуки. Врски кај лекар да фаќаме и за пасош. Па и Антикоруциската комисија да се вклучи, нека им ги проверува имотните листи и роднински врски на членовите на комисијата за пасоши. Да имавме и Комисија за антидискриминација, на која што ѝ е истечен мандатот веќе цела година, ќе требаше и таа да се вклучи во гломазната машинерија на откривање кој е виновен што некој во МВР не знаел да брои.

Како тргнале, може и Државната лотарија да ги влече среќните добитници на пасоши во директен пренос на јавниот сервис. Па Оливер и Наќе ќе се скараат и кој да им ги врачува пасошите.

2 Може колку сакаат проблемот со пасошите да го сведуваат на партиска пресметка. Ама фактот стои. Пасоши нема. И одговорен за тоа нема.

Додуша, со оглед на тоа каде живееме и со што сѐ се соочуваме кога бараме услуга од државата, мене ќе ми беше чудно некој навистина да имаше направено анализа и на време да испланира на колку пасоши им истекува рокот. Ќе беше чудно да се откриеше кој е одговорен за грешката. Ќе беше чудно одговорниот да биде казнет. Море, ќе беше чудно некој да покаже такво визионерство да пресмета колку пасоши ќе треба да се заменат по 10 години.

Туку, ако сакаат ова веќе да не им се повтори, службите во МВР нека си стават во роковник уште од сега дека за 10 години ќе треба да се менуваат и овие пасоши. Кој и да биде на власт тогаш, кој и да биде министер, да го разбуди аларм. „Ахтунг, ахтунг…“, нека пишти зградата на МВР да се слуша до Германија.

А до тогаш, научени се дека луѓето тука сѐ може да истрпат, па и ова ќе го заборават.

3 Шуќур, Собранието се распушти. Ова Собрание ќе се памети по тоа што едни пратеници сакаа да убијат други пратеници. Ова беше Собрание во кое слушавме пратеници што се под истрага, осомничени и обвинети за сериозни кривични дела како дебатираат и до последен ден морализираат и расправаат за закон што треба да донесе правда. И жестоко се бореа самите да се спасат од затвор. Собрание во кое пратениците мораше на мускули да истуркаат државнички закони, промена на Устав, да ратификуваат членство во НАТО. Збирштина од луѓе кои до крај не успеаја да се договорат за стратешки прашања, но лесно се договараа за дневниците и за патните трошоци.

И не дај Боже уште еднаш да ни се повтори ваков состав на Собранието.

4Знаеме дека во 2016 година СДСМ освои 49 места во Собранието. Знаеме какви болни пазарења мораше да се направат за тоа мнозинство да нарасне до 80 пратеници. И крв се пролеа во Собранието. Колку требаше да му се даде на ДУИ, на колкумина требаше да им биде простено за гревовите, на колкумина да им се оддолжи за поддршката.

Во какви услови владееше Заев? Со опозиција чија единствена цел беше да ги спаси криминалците од нивната партија сосе избеганиот почесен претседател. Со коалициониот партнер ДУИ кому не му одговараат реформи во судството оти си влече опашки од соработката со избеганиот во Будимпешта. И со ограничениот капацитет на неговата СДСМ.

За да се заокружи големата слика – влез во НАТО и преговори со ЕУ, мораше да се направат компромиси како што се амнестии и неприродни коалиции. Знаејќи го тоа, јасно е колку е тешко да се направи реформа на било што, а особено реформа на корумпирано правосудство во заробена држава. Затоа и правдата уште не е дојдена на ред.

Затоа и не ми е јасно што е пораката од маршот за правда што го организираше СДСМ. Што му треба на Заев со организирање комични маршеви да го изложува членството на подбив? Сами си организираа марш за правда, за да нѐ потсетат дека нема правда.

И покрај сѐ, сепак Заев не мора да нѐ прави будали и да нѐ убедува дека Крсто Мукоски е херој и борец за правда и да ни ја навредува интелигенцијата кога држи митинг пред Судот, жалејќи се дека нема правда во државата во која до пред месец и пол беше премиер.

Кога си на власт за правда не се маршира. Правда се спроведува.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира