1 Имала среќа Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалничка на Општина Центар поддржана од „Независни заедно“, што началникот на полицијата во Скопје не бил толку ревносен како началникот на полицијата во Демир Хисар, па кога двајца полицајци дошле во 8.30 навечер да ѝ врачат покана за обвинител по кривична пријава, а не ја нашле дома, си заминале. Да им беше шеф началникот од Демир Хисар, сигурно ќе пратеше Интервентна полиција да ја бара низ градот. Да беше поранешната претседателка на Антикорупциската комисија снеможена, ќе ѝ викнеше и Брза помош, како што викна во Демир Хисар, за да ја носи директорката на гимназијата на носила на информативен разговор во полициска станица.
По реакцијата на Ивановска, Обвинителството соопшти дека надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактирал и ѝ дал можност „доколку сака и доколку исказот во Јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите“, затоа што станува збор за приватна кривична пријава за која Обвинителството уште не утврдило дали воопшто има основ.
И така од итен случај, толку итен што полицајците морале ноќе да ѕвонат на вратата на Ивановска, случајот стана неитен, па може да почека и по изборите.
Верувам дека станува збор за коинциденција. Обвинителите се исплашиле од премиерот Христијан Мицкоски кој секој ден ги кара дека не ги бива, фатиле масовно да расчистуваат предмети, па дошле на ред и приватните кривични пријави. Па така, во редот се појавила и некоја пријава против Ивановска од времето кога беше претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), а полицајците решиле да ѝ ја врачат истиот ден кога ја објави кандидатурата за градоначалничка на Општина Центар, поддржана од независни граѓани.
Звучи шашаво, ама функционира. Сме го виделе тоа. А богами и го слушавме.
Во Демир Хисар викнаа и Брза помош за на носилка да ја однесат директорката на гимназијата да го даде печатот, за да вработат тројца лепачи на плакати, та нема да ископаат некоја пријава од некое време од некое приватно лице против независен кандидат на избори што мора да се достави со полиција. Особено што гласот на независните граѓани им пречи на сите партии.
2 Премиерот Мицкоски вели дека стандардот на граѓаните е во позитива затоа што растот на платите е поголем од инфлацијата.
Претставувајќи ни го и процентот на инфлацијата како уште едно од историските достигнувања на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски почна со објаснувањето дека инфлацијата од 4 до 5 проценти се должи на растот на цените во транспортот и рестораните до 24 или 25 проценти и „зголемените плати и пензии кои доведуваат до зголемена побарувачка и луѓето можат таа цена за услугата да ја платат, па цената на услугите се покачува додека луѓето можат да платат“.
А потоа, дополнително ни дообјасни вака: „Ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година и пол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“,
Во кое кино се дава тој филм во кој платите растат 11, 12, 13 проценти на месечно ниво? Зошто не ни кажува премиерот, ајде да одиме заедно, па и ние да гледаме научна фантастика. Греота е само тој да ги гледа тие убави филмови.
Ова е како кога ќе се скараш со келнер в кафеана кога ќе ти донесе висока сметка. Па тој почнува нова пресметка: Имавте две пива, три ракии, две кисели води, едно шише вино, дваесет ќебапчиња, кременадла, едно парче биено сирење, денешен датум, пржени компирчиња, сокче, две кафиња и… Аааа, еве, салата немавте нарачано. Ќар сте. Седум посто.
3 Од ДУИ соопштија дека „граѓаните на Чаир добро знаат кој е Изет Меџити и неговиот соработник Висар Ганиу“ и дека „за време на нивните мандати, општината стана синоним за криминал, корупција и хаос“.
Изет Меџити беше градоначалник на Чаир во два мандата од 2005 до 2009 и од 2013 до 2017, како кандидат на ДУИ. Беше и потпретседател на ДУИ.
ДУИ обвинува дека за време на владеењето на Меџити, од дивоградби и сомнителни легализации се украдени 225 милиони евра. Значи 225 милиони евра биле украдени – од ДУИ. А кога „Вреди“ го обвинува Бујар Османи за милиони евра незаконски набавки од времето кога беше министер за здравство и министер за надворешни работи, излегува дека тие ја напуштиле ДУИ оти не им давале да крадат доволно.
Логикава како се напаѓаат ДУИ и Коалицијата „Вреди“ околу кандидатурите на довчерашните сопартијци Бујар Османи и Изет Меџити е отприлика како логиката за инфлацијата и стандардот. Кога од ДУИ велат дека „граѓаните ќе кажат ‘не’ на дивоградби, корупција и лични интереси“, тоа е како ДУИ да води кампања против ДУИ. А кога од „Вреди“ велат дека Чаир е шести по број на дивоградби и дека дивоградби, корупција и лични интереси нема само во Чаир, тоа е како „Вреди“ да води кампања против ВМРО-ДПМНЕ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST