БЕЛ ДЕН

Боли? Е па боли. Ама, ако боли нема да се заборави

    БЕЛ ДЕН

     

    1 Што си мислат во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ? Дека ќе одат на избори на 5 јуни, ќе го укинат Специјалното обвинителство и ќе продолжат сложно и среќно да си владеат? И ние сите ќе ги ресетираме мозоците и ќе се вратиме барем една година наназад. Ќе ги избришеме од меморијата прислушуваните разговори. Немало договори во Пржино, немало извештај на Прибе, Хан воопшто и не доаѓал во Македонија, авиончето не летало за да го носи законот за Специјалниот обвинител на потпис кај претседателот Ѓорге Иванов… Кампањата ќе почне и официјално. На билборди ќе ги гледаме насмеаните ликови на тие што ги слушавме на телефон како викаат „Ние сме лудаци“. Којзнае, може со тој слоган и ќе се рекламираат како носители на пратенички листи.

    Сите упорно ја купуваат тезата на ВМРО-ДПМНЕ за датумот за избори. Па дури и Заев се пофали дека СДСМ е спремен за избори на 5 јуни.

    А бе, тие можеби се спремни за избори. Ама ние, спремни ли сме?

    Спремни ли сме со изборните списоци кои одвај некако се објавија јавно, па повторно се злоупотребија? Не можеш веќе да видиш дали некого ти вселиле во станот за да го пријавиш. Само тој ќе може да си се види и сам да си се пријави. Мртовците се повикуваат сами да се јават во ДИК. Ќе се овозможи специјален термин за повикување духови.

    Спремни ли сме, затоа што притисоците врз јавните службеници ќе прекинат оти Владата им отвори телефон каде да пријавуваат притисоци? А кај кого ќе пријавуваат? Кај тие што им вршат притисоци? Па после, ако треба и на суд може да одат. Море кај претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски нека пријават. За да им каже дека пријавуваат под влијание на одредени центри на моќ.

    Спремни ли сме за избори со вакви медиуми? Медиумите се спремни. Нашите пари благовремено се легнати на нивна сметка.

    И на крај, кога таквите избори ќе ги признае ОБСЕ, баш ме интересира каква фраза ќе смисли во оценката. Дека биле фер и слободни, ама недоволно демократски, со половична кредибилност што предизвикува загриженост. И ќе ги повикаат засегнатите страни во процесот да ги надминат неправилностите. Јухууу…

    И како да одиш на избори? Во избирачки список не веруваш. Во суд не веруваш. Во медиуми не веруваш. Не веруваш веќе ни во здрав разум. Таман како за слоганот „Ние сме лудаци. Проверено“.

    2 Од ВМРО-ДПМНЕ цврсто решиле и посветено работат да нѐ убедат дека тие не се на власт. Секој ден пуштаат соопштенија за медиумите, бројат минути и секунди и анализираат уредувачки политики. И секоја анализа ја завршува со овие зборови: „На граѓаните им е совршено јасно дека СДСМ никогаш не сакал слободни медиуми. СДСМ сака тотална контрола врз медиумите.“

    Значи, за тие 1,7 милиони евра што Груевски им ги дал на американските ПР агенции, некој професионалец сигурно им рекол: „Повторувајте си вие една иста лага секој ден, па по 1.000 пат повторување лагата ќе стане вистина, оти никој нема да ве демантира и нема да се занимава со броењето минути и секунди на истиот начин како што вие ги броите.“

    Туку, имаме среќа што ВМРО конечно ќе победи на избори. И ќе добиеме слободни медиуми. По 5 јуни ќе се ослободиме од тоталната контрола на СДСМ.

    3 Не ги анализира ВМРО-ДПМНЕ само медиумите. Туку и работата на полицијата. Како што соопштија пред некој ден, „секојдневно го анализира нивното постапување и набрзо ќе дојде денот кога нивното работење детално ќе се ревидира“. А кога ќе дојде тој светол ден, „политичкиот прогон кон сите неистомисленици набрзо ќе заврши“.

    Кованицата „МВРО-ВМРО“ кој ја измисли? Слушнавте? Се сеќавате? А за политички прогон во последните 10 години ич муабет да не правиме.

    Оваа десетгодишна тортура на СДСМ веќе не се трпи. Дај нека дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт да нѐ спаси од политички прогон. Е, затоа треба да има избори. За да победи МВРО-ВМРО.

    4 Изгледа дека и ДУИ одвај чека да дојде на власт. Оти овој терор на нефункционирањето на институциите веќе не се трпи. Оти ДУИ никогаш не биле во ниедна институција на власт. Па сега се жалат дека институциите ништо не преземаат. И се закануваат дека ќе ја преземат правдата во свои раце.

    Па правдата е веќе во нивни раце. Одамна. Министерот за правда е од ДУИ. И претходниот министер за правда беше од ДУИ.

    Така што, наместо да ги повлекуваат министрите и замениците од Владата подобро ќе им беше да ги повлечат судиите и обвинителите, за кои чувме во прислушуваните разговори како ги договараа и ги пазареа со ВМРО-ДПМНЕ. Изгледа дека не го сфатиле навреме предупредувањето од Мијалков „Каменот одблиску доаѓа“.

    5 И судиите одвај чекаат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да победат на избори, за да може конечно и тие да се ослободат и да судат независно и професионално. Овие притисоци што им ги прават медиумите веќе не се трпат.

    Претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски рече дека „некои еминентни експерти неоправдано го критикуваат судството“. Дел од нив биле лошо информирани, но други тоа го правеле намерно „постапувајќи под менторство на некои центри на моќ“.

    Ало, Планета Земја јави се! Toa Ушковски го кажува. Оној што ептен се разбира во судството. Оној што пред да стане претседател на Судски совет во суд влегувал само како странка. Ако воопшто и тоа го правел. Па и за него чувме во прислушуваните разговори како се мачеле да го протнат на тоа место, иако добро поминал по општинските комитети.

    Ако веќе сака да нѐ натера да не си веруваме на своите уши, нека каже кои се тие центри на моќ. Странските служби? Или тефтерчето на Гордана?

    6 Тоа што обвинителката Фатиме Фетаи цитираше пцости на прес конференција е историски момент. Затоа што, за прв пат некој државен службеник не се трудеше со фини зборови да ја направи вистината пољубезна. Оти вистината боли. Вистината е сурова. Фатиме се извини дека ќе кажува вулгарности, но во СЈО сметале дека „тоа е единствениот начин да се изнесе поривот и мотивот кој ги следел полициските службеници“ при апсењето на Љубе Бошковски во 2011. И почна: “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и „други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги  зборовите ’бел ден да не видиш’“…

    И треба да се зборува на тој јазик. Злоделата да се именуваат со вистинските зборови. За да не се заборави. Боли? Е па боли. Ама, ако боли нема да се заборави. А власта прави сѐ за ние да заборавиме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари