1 Замисли да си службеник во некој директорат за Балкан во Министерство за надворешни работи во Хаг, Берлин, Копенгхаген, Мадрид, Вилнус… и ти се падне задача да го читаш Меморандумот што Бугарија го испратила до земјите-членки на ЕУ. И си викаш: Што пишале овие во Софија? Треба да викнеш некој експерт за Западен Балкан да ти протолкува. Како тоа Бугарија потпишала договор за добрососедство со сосед кој не би требало да постои, со народ кој не постои и на јазик кој не постои? Притоа, бидејќи се во ЕУ, па демек почитуваат европски вредности, напишале дека „никогаш не го оспориле правото на самоидентификација на граѓаните на Република Северна Македонија“, ама тие да се важни, оти се поголеми и помоќни. И тие со кои потпишале договор за пријателство нека си зборат како сакаат, ама бараме да не се пишува дека тоа е македонски јазик, освен ако мора да се пишува.
Каква е таа сласт за изживување врз послабиот од тебе? И себичност. Како кога одвај, со сила ќе се качиш во градски автобус и викаш: „Мајсторе, затварај врата и вози!“. Тие што останале на станицата нека чекаат. Ќе им покажеме среден прст преку прозорец.
Тие ем големи, ем моќни, ама ние многи страшни. Ги преплашиле Европејците за тоа со кого сакаат да почнат пристапни преговори кога им напишале дека „архивите сведочат за егзекуција на повеќе од 20.000 луѓе помеѓу 1944 и 1946 година, кои се идентификуваа како Бугари и ја претставуваа политичката и интелектуалната елита во СРМ. Повеќе од 100.000 Бугари беа убиени, затворени, прогонети или испратени во концентрациони логори“.
Леле, леле… Ние сме ставиле 100.000 Бугари во концентрациони логори!? Сме отепале 20.000 Бугари!? Елитата сме им ја сотреле!? Па да имало во 1944-1946 толку елита на овие простори, немаше уште да бидеме ваква дупка.
Ме чуди како ли Бугарите заборавиле да се пофалат дека за време на Втората светска војна не депортирале 10.000 Евреи во фашистичкиот концентарционен логор Треблинка, туку ги евакуирале во товарни вагони за да ги спасат од некое идно угнетување од некои што сакале да се викаат Македонци, да се ослободат од бугарската фашистичка власт и да си направат своја држава.
Не ми е јасно како сакаат да бидеме пријатели, а да се однесуваат непријателски и да те навредуваат – не постоите, не ви чини јазикот, не треба да имате држава…. Тито нѐ измислил. А никаде не напишаа дека Тито како победник, поголем и посилен од нив во 1947 ѝ прости 25 милиони долари на Бугарија што како сојузничка на фашистичка Германија требало да го исплати на Југославија како воена оштета. Па уште Тито и јазикот ни го измислил.
Треба да си ептен будала да засакаш таков пријател. Ама, 21 век е. Ако ние почнеме да фаќаме кусури кој какви зулуми ѝ направил на Македонија и на Македонците од сите војски и власти што се менувале на оваа територија, тогаш со Бугарите не би се спријателиле никогаш. Ама, идејата е како минатото да не ти ја загрозува иднината. А Бугарите го прават баш тоа. Ја загрозуваат нашата иднина. Не сфаќам зошто Бугарите имаат потреба сега, откако се мачевме 30 години со Грците, да ни бидат поголеми душмани. Освен, ако не сакаат да одржат континуитет од Втората светска војна. Кога Бугарите ни беа поголеми душмани од Германците.
2 По истиот урнек како од пријател да направиш непријател, само што седна на министерското место почна да работи и Артан Груби. Прв вицепремиер и прво буцкало. Најверојатно со задача да успее и од најлибералните Македонци да направи македонски националисти. Тоа што го зборува за државно субвенционирање на работни места за етничките заедници во приватниот сектор не е обично трескање глупости. Тоа е тема за која три дена се дебатира, иако ни самиот не знае како тоа би се извело, а и во Владата не се размислувало, ниту пак со компаниите се разговарало. Важно, било во предизборната програма на ДУИ. А ДУИ што рекле, тоа и оствариле.
Па и премиерот Зоран Заев се вклучи во дебатата. На првиот вицепремиер задолжен за етнички провокации му се надоврза во свој стил. Прво викаше: Живот за сите. Па едно општество за сите. Па лепче за сите. И на крај дојде до – субвенции за сите. Сега само уште во Владата да се договорат дали етнички субвенционираните ќе мора и да доаѓаат на работа во приватните фирми. Или во првите 10 години ќе бидат ослободени, како што се ослободени во државна администрација. Оти, пак ќе бидат дискриминирани. Зошто тие да мораат да одат на работа, а 1.300 рамковни не доаѓаат на работа 10 години, а земаат плата?
3 Министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека палењето депонии е кривично дело и ги повика општините да ја спречат поjавата, а полицијата и обвинителството да поведат постапки.
Ај важи. Многу нешто ентузијаст министерот. Ние 30 години чекаме да постапат и општините и обвинителството и полицијата. Ама сега, штом тој кажал, тие ќе се усрамат и ќе почнат да постапуваат.
Се гледа дека Насер ниту растел тука, ниту живеел штом се чуди како воопшто има диви депонии среде град, а не пак уште некој и да ги пали. А дополнително се исчудува дека никој не казнува за кривично дело.
А нам пак ни е толку природно да има диви депонии во населени места. Само малку се вознемируваме кога ќе се запалат. И тоа, не е драма ако депонијата гори еден ден. Идилата се упропастува кога депонијата гори четири-пет дена. Инаку, сосема е нормално, на пример, да има депонија среде станбени згради, карши спортски центар до три болници и луксузен хотел и на 2 километри од центарот на главниот град на државата. Само не е нормално ако депонијата гори. И нормално е сите да сочувствуваме со градоначалниците кога ќе плачат дека не можат да се справат со „несовесни граѓани“ и „пиромани“ и со нивната ненадлежност да се бават со својата работа. И треба да имаме разбирање кога ни се правдаат дека шутот се фрла во пет сабајле во недела, ама не можат да ги фатат оти 5 саатот е рано сабајле и недела е неработен ден. Па треба да се стрпиме додека несовесните граѓани станат совесни и почнат нелегалнииот шут да го фрлаат во работно време кога им одговара на градоначалниците и на полицијата.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST