ЧУДНИ ВЕСТИ

Доналд Трамп преку Франклин Рузвелт ќе го брани Карпош од наплив на бегалци од Центар

ЧУДНИ ВЕСТИ

1 Премиерот Зоран Заев по посетата на затворот Идризово изјави дека се срами што е премиер „на земја во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство“.

Допрва Заев ќе има за срамење. Државните болници да не се над човечкото достоинство?  Училиштата, интернатите, студентските домови да не имааат надстрандардни услови за живеење? Патиштата не ни се за срамење? Возовите? Не ли е за срам тоа што се гушиме во ѓубре? Што дишеме отровен воздух? Не ли е за срам што странци ни донираат противпожарни возила, возила за брза помош, ехо апарати, што ни градат канализации и водоводи и ни ги реновираат културно-историските споменици?

Додуша, допрва Заев ќе се срами и од некои кадри што ги одбрал да нѐ водат во новиот живот. Туку, има среќа. Единственото фајде што Груевски не е во затвор е што постојано се појавува и нѐ потсетува на злосторствата што ги направил. Па така, плашејќи се Груевски да не се врати, луѓето се поспремни да му простат некои кадровски решенија на Заев. Како на времето, кога се плашеа дека ќе се врати Бранко, па му ги простуваа глупостите на Груевски.

2 Кога веќе се отвори темата за условите во затворите, еве една идеја како СЈО да ги натера обвинетите за криминалите што ги слушнавме во прислушкуваните разговори да почнат да соработуваат. Да им се вети дека за одење в затвор ќе важи принципот „Прв дојден – прв услужен“. Па така, тие што први ќе бидат осудени, ќе ги уживаат привилегиите на новиот живот во реновирани соби во затворите. А тие што ќе ги тегнат постапките, што ќе ги бараат со меѓународни потерници, ќе ги судат во отсуство, кога ќе ги најдат ќе мора да ги сместат во собите од кои Заев се усрамил.

Е па јеби га, друже судија.

3 ВМРО-ДПМНЕ брутално лаже дека Македонија ќе биде колонизирана од бегалци што ги нема, а СДСМ се прави вицкаста. Демек, им одбива на глупост. Пола Македонија на 15 октомври ќе биде збунета, нема да знае какво ливче заокружува – дали за градоначалник, дали за советници, дали за бегалци, а СДСМ се прави фина и не сака со вистинските зборови да го нарече тоа што ВМРО-ДПМНЕ го наметна како предизборна тема – ксенофобијата и фашизмот. И највисокото раководство на СДСМ треба секој ден да ги повторува баш тие зборови. А не да ја остават само Мила Царовска љубезно да раскажува дека ВМРО лаже.

Да се разбереме. Бегалци нема. И да има, никој нема да сака да остане во Македонија. Ама стратегија мора да има. И, да претпоставиме дека цела Македонија ќе изгласа да не примаме бегалци. Што ќе биде стратегијата? Кога ќе дојдат на граница што ќе им правиме? Ќе ги фрламе во ендек? Ќе градиме ѕид? Ќе ги сотреме? На децата без родители што ќе им правиме? Ќе ги продаваме за органи?

Значи, ова се прашањата за кои треба да размислува гостопримливиот и топол македонски народ кога ќе оди на референдум.

4 Иако, митот за гостопримливоста и топлината се разби во моментот кога гевгеличани им наплаќаа на бегалците по 5 евра за да ги наполнат мобилните. А митот дека бегалците ќе нѐ колонизираат и ќе ни ги земат работните места се разби во моментот кога еден од нив рече дека на мештаните им даваат по некое евро оти се многу сиромашни.

Од хуманитарните организации што пред две години ги чекаа на граница раскажуваат дека ниту еден од нив не сакал дури ни да преспие во Македонија. Точаци си купуваа во Гевгелија и ги оставаа во Куманово, само што побргу да си заминат од тука. Македонија од бегалската криза пред 2 години ќар виде. Каде отидоа парите од Македонски железници?

Еве, да речеме дека општините што ќе одат на референдум ќе изгласаат дека нема да примаат бегалци. Како тие ќе се одбранат од општините што не отишле на референдум и што ќе примат бегалци? Еве на пример, во Карпош нема локации за бегалски станови. Оти локациите се за Стевчо. А Центар ќе ги прими оти веќе има празни станови. Тие што останаа од гласачите во Пустец на „Максим Ѓорѓија“, каде што живееја по 40 луѓе во 60 квадрати. И сега, како чистата карпошова раса ќе се одбрани од бегалците што  ќе се населат во Центар? На улицата Франклин Рузвелт, што ги двои двете општини, Карпош ќе изгради ѕид што ќе се вика Доналд Трамп.

5 И кога сме веќе кај стратегиите што треба да ги има секоја земја, а Македонија ја направила уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ, еве уште едно, најважно прашање. Што ќе правиме ако ние еден ден станеме бегалци? А таму каде што сме тргнале да бегаме, на референдум изгласале дека нема да нѐ примаат.

6 Некоја државна службеничка во американската држава Арканзас ја осудиле затоа што со службената картичка купувала облека за нејзиното куче. И таа си ја признала вината. Американската новинска агенција АП ја објави оваа вест во категоријата „Чудни вести“.

Во исто време во Македонија беше објавено дека некоја државна службеничка, бивша директорка на скопскиот Завод за вработување, од службената картичка потрошила 9.000 евра. Купувала разни лични работи, а меѓу другото и машки чорапи и јајца од  јапонска потполошка. И таа не ја признава вината. Туку, уште и тужи оти била незаконски разрешена.

Оваа вест во Македонија беше објавена во категоријата „Политички вести на денот“. Затоа што нејзе  политиката ѝ  овозможила да троши од нашите пари. Партијата ја вработила и само на партијата ѝ должи. Таа директорка ја слушавме на директорските протести на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК во декември по изборите, во „ноќта на долгите ножеви“. Го повикуваше дури и Ќосето. За да ѝ ја спаси службената картичка.

Ќе треба на сите директори што врескаа во „ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК да им се направи ревизија на службените кредитни картички. За да видиме колку нѐ чинел нивниот патриотизам.

7 Секогаш кога на ВМРО-ДПМНЕ нешто не му се допаѓа во Собранието, стануваат пратениците од сите 10 пратенички групи и ја окупираат говорницата и столчето на претседателот Талат Џафери. Во групата секогаш е и Крсто Мукоски. Ама стои некако настрана, не се турка меѓу нив. За да биде спремен, ако треба, на знак,  во секој момент пак да ја отвори вратата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира