ДРУГАРСКА САМОКРИТИКА

Животот на вонбрачно родено дете не вреди колку бизнисот на градежен силеџија

ДРУГАРСКА САМОКРИТИКА

1 Го слушам Зоран Заев како се жали на неефикасната државна администрација и си викам, премиер ли е човеков или граѓанин што ни раскажува дека службениците не си ја заработуваат платата? Па вели: „И да не е добар работник, ако седи 8 саата работно време, па ќе смисли, ќе сработи некој предмет повеќе“. Може граѓанинот Заев си трга од себе и се чуди како може некој да седи 8 саати во канцеларија и ништо да не сработи. Добро де, има некои и што работат, си бркаат приватни проектчиња, си преведуваат, си имаат биро, компјутер, струја, греење, ладење, па не им е џабе одењето на работа. Ама, и повеќето други добро се снаоѓаат и без дополнителна приватна работа. Малку ќе  редиш коцкички на компјутер, малку Фејсбук, кафе-мафе, неколку паузи за цигара, па да си пазарам нешто за дома, до банка да се симнам, ми се скинаа чорапите нови да си купам, да тркнам до пазарче да видам за еден полнач за мобилниот, ќе излакираш нокти и – поминал денот.

Премиерот Заев не кажа како ќе го реши проблемот со неработниците, ама пак затоа вицепремиерот Фатмир Битиќи има идеја како да се ослободи од неспособните раководители во државните институции. Па вели: „Раководните лица кои не испорачале тоа што е очекување на граѓаните не треба да очекуваат некој да ги смени, туку сами да си заминат“. Еве ги, трчаат, ги празнат бироата, сите оставки пишуваат, од што ги посрамотил Битиќи оти им рекол „Ако не те бива сам да си одиш!“ Тие, раководителите, сами ли си се поставиле, па сега сами да си се повлекуваат? Што е ова? Другарска самокритика?

Понекогаш си ги замислувам министрите во Владата, седнати онака кружно околу тркалезната маса и си раскажуваат дека им е тешко, како на оние сеансите на групите за поддршка, како на пример „Анонимни алкохоличари“, или „Анонимни жртви на насилство“. Па премиерот ќе се пресрами и ќе се пожали во групата: „Имам многу вработени, ама не знам како да ги натерам да работат“, по што сите ќе климаат со глава и викаат: „Така е, те разбираме“. Па ќе се јави друг министер и ќе каже: „И јас имам многу вработени, доаѓаат на работа, ама ништо не сработуваат“. Па ќе се охрабри и некој државен секретар: „И јас имам многумина на платен список, ама не доаѓаат ни на работа“. Па друг министер ќе отвори и ќе се надоврзе: „И кај мене, има некои директори, многу се чудни, не можеш да ги најдеш на работа, не ми дигаат телефон, ги штитат од партија“…

А ние што си се жалиме? Нас кој нѐ слуша? Административците работеле – не работеле, ќе си земат плата. А дали ние ќе земеме плата, ним ич не им е гајле. До толку не им е гајле, што дури не ни помислуваат дека ако ние не земеме плата, нема да има ни за нив.

Јасно ми е дека на граѓанинот Заев тоа му пречи. Ама од премиерот Заев, и тоа во втор мандат, не очекувам да ми го раскажува тоа што веќе го знам. Што чека? Странските амбасадори и досега организираа акции и ни ја чистеа земјата од ѓубре. Не очекува белким дека сега тие ќе ни ја чистат и јавната администрација.

2 Еве, на пример, којзнае колку работеле државните инспектори за животна средина и административците што работеле со нив. Штета што изгоре архивата во Инспекторатот па сега не можат да докажат колку работеле. Од Противпожарната се жалеа дека не работеле хидрантите во зградата, ама тие од Инспекторатот не биле инспектори за противпожарна заштита. Башка, ако е веќе до инспекцијата, во истата зграда до пред само десетина дена работеше главниот инспектор во државата, ротирачкиот министер Бујар Османи. Изгледа дека додека вршеше инспекција на таблите за двојазичност низ државата, не обрнал внимание на хидрантите. Што е сериозен пропуст, особено во државни институции каде што се директори или функционери од ДУИ. Директор на Државниот инспекторат за животна средина е Фејзула Спахиу. Пред две години, во април 2018, кога се запали архивата на Министерството за правда, министер беше Билен Салиу. Кога гореше Поштата во 2013 директор беше Рафиз Алити.

Гореше зграда во која се сместени државни институции. Првичните сознанија се дека немало обезбеден пристап за противпожарните цистерни, немало аларм за пожар, немало патека за евакуација, не се знаело каде се гаси струјата и не работеле хидрантите. Имам чувство дека можеби причините за пожарот ќе се откријат некогаш, но дека одговорност зошто имало толку многу пропусти нема да има никогаш.

Сите овие работи не се нешто што треба да го смислиш. Сѐ е запишано во закон. И едноставно, само треба да се почитува.

3 Ама, законот важи кога треба да се применува врз обичниот, немоќен човек. Како во случајот со 18-годишно момче кое не може да извади лична карта оти нема матичен број затоа што мајка му, странска државјанка, го родила во Македонија во вонбрачна врска, а сѐ уште не била разведена од првиот сопруг странец. По закон, штом не била разведена, автоматски како татко се запишува тој со кого мајката во моментот била во брак, иако тој не е билошки татко.

Момчето не може да се запише на факултет, не може да работи, не може да има сметка во банка, не може да оди на лекар… Директорот на Управата за матични книги Бујар Дардишта вели дека „според Законот за семејството и нормите кои важат и строго се почитуваат уште од 1995, полнолетното момче не може да добие извод“.

Да беше ова некој закон за градење, за урбанизам или за легализација на дивоградби, од 1995 до сега сто пати ќе го сменеа. И немаше да важат „нормите што строго се почитуваат“. Ама, животот на вонбрачно родено дете не вреди колку бизнисот на градежен силеџија.

4 Христијан Мицкоски ги држи своите најблиски соработници во кондиција. Организира протести по улици, блокира крстосници… Штета, Груевски не можеше од оправдани причини да им се придружи со „пунтото“ од имотниот лист. Ќе беше поатрактивно и за поширока публика, не само за нив.

Се бунат нешто против Владата, се повикуваат на народот, а изборите на кои гласаше народот беа пред неполни два месеца. Башка што ВМРО-ДПМНЕ бараше вонредни избори кои ги изгуби. Башка и што имаат 44 пратеници во Собранието. Да не ја кочат самите работата на Собранието, тие пратеници можат таму да поднесуваат предлози за закони, да бараат гласање доверба на Владата, да ги гледаме сите на телевизија што сакаат, а не да си прават забава сами за себе. Има многу прашања врзани за овие протести, вклучително и најбизарниот дел од приказната – проблемот со цената на струјата ќе го реши партијата чијшто претседател е сопственик на хидроцентрали.

Има некоја симболика тоа што решија да ја блокираат крстосницата кај Регулаторната комисија од каде што почнува улица Македонија. Оти, како што ДУИ постојано си игра со оган и се заканува дека ќе ја запали Македонија, така и ВМРО-ДПМНЕ постојано ја блокира Македонија. Што прават овие 4 години? Го блокираа Собранието на 27 април 2017, го блокираа изборот на Влада во 2017, ги блокираат судските процеси, ги блокираа законите во Собранието, сега пак го блокираат Собранието…

СДСМ еднаш проба да блокира седница за буџет и ги истепаа. На клоци ги избркаа од Собрание. А на вмровците упорноста за континуитет во успешно блокирање мора да им се признае.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира