ДВЕ ФИРМИ

Заев решил да го бие Груевски со негов камен во патлиџан. Ветува вработување за гласови

ДВЕ ФИРМИ

1 Две тектонски пореметувања нè зафатија оваа недела. Прво, Скопје го стресоа неколку сериозно јаки земјотреси. А потоа, пристигнаа и првите две обвиненија на Специјалното јавно обвинителство. Од кои едното против бивш премиер. И тоа не е обичен бивш премиер, како што беше Владо Бучковски од СДСМ кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт. Туку, бивш премиер што уште владее со државата. Како лидер на партија на власт.

Е, сега се навраќаме на фразата „Да бевме ние некоја нормална држава…“. Што е тотално бесмислено кога зборуваме за Македонија. Оти ние одамна не сме нормална држава. Можеби сме покажувале симптоми на нормалност веднаш по осамостојувањето во 1991 година. Со првата експертска влада на Никола Кљусев. Тие нецели две години додека имало ентузијазам и изгледало дека сме сакале и сме можеле да направиме држава. Потоа дојдоа партиите, ја киднапираа државата и ја претворија во бојно поле помеѓу две фирми.

И пак да се навратиме на фразата „Да бевме ние некоја нормална држава…“. Во нормална држава некој функционер што и формално, пред суд, е обвинет за криминал се повлекува од сите позиции. Не поради тоа што така бара законот, оти не бара, не затоа што тоа би било морален чин, оти за морал не зборуваме барем од времето кога ги слушнавме првите бомби, туку, еве да речеме и од најсебични причини. Да се подготви обвинетиот за одбрана. Да докаже дека не е виновен. Да си даде себеси повеќе време, за да може да се сконцентрира на доказите за сопствената чесност, за да не оди во затвор.

Ама, Никола Груевски си ја одработил својата одбрана. Си има тој своја војска што ќе го брани. Војска од судии, обвинители, преку полиција, до поголеми и помали директори, бизнисмени, лекари, универзитетски професори, учителки, наставници, па сè до чистачи на ишараните споменици со сјајче и сунѓерче.

Впрочем, не верувам дека и тефтерчето на Гордана Јанкулоска со списоците на судиите е уништено со материјалите за прислушувањата. И да е уништено, Груевски сигурно има заштитена копија. Во која се имињата на неговите заштитени сведоци.

2 „Миле ми текна…“, како една од фразите што ја слушнавме во бомбите, е само уште една потврда дека Груевски контролира сè. И дека не може да се прави дека не знае за зулумите што се правеле.

Така што, не е за чудење и ако му текнало да се стават камења во доматите за полесно да се кршат прозорците на Општина Центар, во мисијата за удирање шлаканици на Андреј Жерновски.  Кога му текнувало да нападне општина за да спречи донесување урбанистички планови за тој да не загуби пари и тој напад  да го спакува како верска војна против комуњарите што божем ќе уривале црква, зошто не би му текнало и на рецепт за полнети патлиџани. Не чувме, ама баш си замислувам како си збореле на телефон: „Дај да не ја тупиме многу. Во доматите да ставиме камења и да маваме!“

Каква еволуција на историското ВМРО од 1903 до 2013. За 110 години, од црешово топче до камен во патлиџан. Има разлика. Во 1903 со топчето Македонецот ги биел Османлиите. Во 2013 година, Македонецот го биел Македонецот.

Како што би се изразиле српските браќа на најпатриотските и најмакедонски телевизии: „Бију Турци, ал бију и наши!“

3 Прво си помислив дека на лидерот на СДСМ Зоран Заев треба да му се забрани да пишува на Фејсбук. Ама, после сфатив дека Заев решил да го бие Груевски со негов камен во патлиџан. Со популизам. Да ветува вработување за гласови.

Прво, објаснуваше дека новинарот Мухамед Зекири го вработил во СДСМ на плата. Па рече: „Па напушти работа и рекол политички се активирам да помогнам. Требаше да го оставиме без леб да му бидат децата!?“

Јасно е дека партиите се фирми. И дека добар кадар не треба да се пропушти.  Ама, кога лидер на опозиција дава вакво образложение зошто вработил новинар што останал без работа за да работи на социјалдемократската идеја, зошто тогаш на Фејсбук не би му се јавила и ТВ водителката Нора Шаќири со прашање: „Да ме згрижи некој има?“  А Заев на Фејсбук спремно да ѝ одговори: „Секогаш можеш да сметаш на СДСМ. Повели Нора на кафе во партија!“.

Овие детали баш и не моравме да ги дознаеме. Ионака знаевме дека само две фирми вработуваат во Македонија.

Сепак – има разлика: Груевски решава проблеми со телефончето. Заев решава проблеми со Фејсбукот!

4 Додуша, кога ќе ми текне какви сè длабокоумни муабети и мисли споделуваше на Фејсбук поранешниот вицепремиер Зоран Стеврески од дружбите со Субрата Рој, ова кафето за Нора на Заев и не е толку спектакуларно. И тоа ќе го заборавиме.

5 Туку, што правиме ние што не сакаме да работиме во ниту една од овие две фирми? Што правиме ако не ни се пие кафе во партија, туку имаме многу поголеми очекувања и од себеси и од државата?

Тие што на време сфатија дека имале преголеми очекувања од оваа држава, си фатија џаде. Па сега имаат очекувања од некои други држави.

Што не значи дека не треба да се излезе и да се гласа на 11 декември.

СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCSAT

http://sdk.mk//index.php/slushaj-tuka/

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира