ЕКСПЕРТИ ЗА ВОДА

Американците ќе го спасуваат Охридското Езеро. Нам не ни треба спас. Нам корупцијата не ни пречи

ЕКСПЕРТИ ЗА ВОДА

1 Европската унија на 25 јуни ќе ги почне пристапните преговори со Украина и Молдавија.

Блазе си им. Немаат тие толку големи проблеми со добри соседи како што си имаме ние со Бугарија.

2 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ТВ интервју за Сител најави дека кога ќе ја чита заклетвата како нов премиер, ќе се заколне во „Северна Македонија“. Со тој себап, белким и темата „северџани“ ќе почне да губи од интензитет. Ќе биде глупаво неговите приврзаници да продолжат со навредите по северџанска линија. Ќе треба и него да го навредуваат.

За разлика од другпат, кога Мицкоски нема став и не знаеш што кажал,  овојпат беше математички прецизен. Кажа: „Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно“.

И веднаш потоа кога се дообјаснуваше се врати стариот Мицкоски: „Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија“.

Значи, Мицкоски во странство ќе зборува во името на Северна Македонија. А кога е дома ќе си вика само Македонија, оти тоа е негово човеково право. Надвор ќе биде премиерот Мицкоски, а дома граѓанинот Мицкоски. Премиерот Мицкоски ќе го почитува Уставот и законите на неговата држава кога е надвор, а граѓанинот Мицкоски ќе си прави што си сака дома. А во исто време вели дека не може од граѓаните да бара да почитуваат закони, а тој како премиер да се однесува со двојни стандарди.

Оф… Ај нека помине и заклетвата на новата Влада, па да престанат да се дообјаснуваат и дома и во странство. Уште повеќе ќе се заплеткаат.

Додуша, што се однесува до традиционалните вмровски гласачи, а тие на Мицкоски му се најважни, ним дообјаснување не им е потребно. Штом лидерот вели дека тоа што до вчера било црно, од денеска е бело, тогаш навистина е бело. Така беше и со поддршката од ДУИ за гласањето на законот со кој се зголеми бројот на министерствата. Така ќе биде и со заклетвата на новата Влада. Штом од партијата им велат дека црното станало бело, ама за нивно добро, тогаш нема што. Лидерот рече: Законите и Уставот мора да се почитуваат.

И ај сега на раат да си ги дотрошиме ланските и да си го почнеме новите годишни одмори. Каде? Во Грција? Не. Кај „јужниот сосед“.

3 Впрочем, Мицкоски ќе се однесува согласно менталитетот на просечен македонски граѓанин. Почитува закони кога е во странство. Кога е дома ги крши законите. Дома ќе се паркира каде што сака, по тротоари, на места за инвалиди, во пешачки зони, во паркови, а во странство три пати ќе се враќа кај сообраќаниот знак да провери колку треба да плати и ќе внимава да не ја згазил линијата. Дома ќе се кара со полицајци, во странство понизно ќе им шепоти. Дома ќе фрла ѓубре во лет од кола, а во странство скришно ќе пуши и ќе си ги чува отпушоците в џеб.

На пример, ме чудело зошто иста категорија патници кога ќе слетаат со „Визер“ во Скопје, стануваат уште додека авионот се движи по пистата, се туркаат први да излезат, се караат со екипажот, се прават наудрени дека не знаат кој ред им е седиштето, а кога се со друга странска компанија седат мирни, врзани и послушни до отворање на вратите.

И си ја решив енигмата. До јазикот е. Во авионите на „Визер“ што се стационирани во скопската база, екипажите се македонски. И – штом наш човек слушне македонски јазик, веднаш се опушта. Државата во која се зборува македонски јазик не мора да се почитува. Да им прозборат стјуардесите на некој странски јазик – ни вода нема да смеат да им побараат, макар и умирале од жед. Вака, проработува инстинктот. Опаа, значи овие се наши. Можеме да си правиме што сакаме, нема да нѐ казнат,

Добредојдовте во земјата каде што не се казнува прекршување закон. Каде што не се слушаат службени лица дури и кога ти кажуваат дека почитувањето на правилата е за твоја лична безбедност.

Добредојдовте во земјата во којашто премиерот го почитува Уставот во странство затоа што таму му се закануваат со казна. А дома не мора да го почитува, оти тоа е негово човеково право.

4 Нашите луѓе кога ќе се преселат во странство си почитуваат закони, си плаќаат даноци, си го фрлаат ѓубрето според распоред, си ги водат кучињата на подводник и им ги собираат гомната од улица, си возат по прописи, ако ги казнат, си ги плаќаат казните… Не е дека ние ги немаме истите закони. Е како тогаш некои од нив кога ќе дојдат тука на одмор одеднаш беснеат со колите, фрлаат ѓубре кај што ќе им дојде, прашуваат што е тоа фискална сметка, зборуваат за кеш…?

Или, одиме на одмор во странство и таму се одушевуваме колку е средено, како е чисто, дека нема бучава, дека има строго работно време, дека паркирањето е регулирано, пешачките зони не се узурпирани…И после си се враќаме дома и им се одушевуваме на локални бараби што узурпирале јавен простор и ја крадат државата.

Ова е типична македонска сцена: Група луѓе седат на кафеанска маса на узурпиран јавен простор за пешаци, со паркирани коли до газот, оставени среде тротоар или велосипедска патека. Луѓето пушат во божем тераса што е претворена во нелегална дневна соба и се надвикуваат бидејќи ечи гласна музика. Се жалат на државата дека не се почитува законот. Ако, пак, некој полицаец случајно и се охрабри да ги казни за погрешно паркирање, ќе ѝ се јават на пола влада за да им ја скинат казната. А другата половина од владата ќе остане без сон, оти големите газди на кафаната ќе им се жалат дека полицијата им ја уништила печалбата.

5 Американците пратиле експерти за вода да го спасуваат Охридското Езеро.

Супер што пратиле. Добредојдени се експертите. Ама, погрешни експерти пратиле. Загадувањето на езерото не е природен феномен. На Охрид му требаат експерти за вода, ама повеќе му се потребни експерти за борба против корупција.

Пред некој ден ми пролета вест дека на грчкиот остров Родос трајно бил затворен бар на плажа, а газдата бил уапсен затоа што и покрај тоа што добил забрана за работа, ја скинал лентата од инспекцијата и повторно си поставил лежалки.

Е па, ќе можеме и ние да кажеме дека сме станале сериозна држава кога ќе видиме дека некој газда е уапсен затоа што продолжил да работи по изречената забрана. Иако, ќе си речеш, Грција не ја перцепираме баш како некој сериозен пример за правна држава во однос на други земји на ЕУ.

Ама, ние имаме случај кога двајца се досетиле и си наплаќаат паркинг пред Судот во Велес. Еј, пред Судот! Неидентификувани лица наплаќаат паркинг кај поликлиниката во Битпазар. Преку пат е полициската станица! Еден си наплаќа паркинг на улицата спроти Американската амбасада во Скопје. Исто, врие од полиција.

Толку ли државата не сака да си го заштити своето? Па да има и за општината и за централната власт и за граѓаните.

Супер е што Американците сакаат да ни го спасат Охридското Езеро. Супер е и тоа што Швајцарците и Холанѓаните ни го спасуваат Преспанското Езеро. Ама, не можат да нѐ спасат од корупција.  Оти, нам не ни треба спас, корупцијата не ни пречи.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира