ХАЛКИДИКИ И ТЕСАЛОНИКИ

Која држава? Северна, несеверна, барем Македонија ќе им ѕунеше во ушите.

ХАЛКИДИКИ И ТЕСАЛОНИКИ

1 Да уживаме во празничниот продолжен викенд. Борбата за името може да паузира. Македонската писменост се слави во Грција. Има ли посоодветно место да се оддаде почит кон браќата Кирил и Методиј кои својата словенска просветителска мисија ја почнале токму од Солун? Солунската мисија на светите браќа мора да продолжи, макар и во славеничка форма на плажа на Халкидики.

Традиционално, Македонците празниците ги поминуваат во Грција. Со неколкучасовно чекање во колона на граничниот премин Богородица и натаму и наваму. Ама па, што се неколку часа во животот во однос на триесет години чекање да се влезе во ЕУ и да се патува без застој на границите?

Се жалиме на двојните стандарди на ЕУ затоа што со години нѐ блокираше поради Грција, а сега поради Бугарија, а всушност и ние си живееме по двојни стандарди. Ќе се јуначиш дома против Грција и Бугарија, ќе се палиш на популизам и оп – прв продолжен викенд ќе одиш да си ги потрошиш своите пари кај Грците на пливање и кај Бугарите на скијање.

Ги извадија ли бугарските, или си поминаа со пасошите на Северна Македонија?

Можам да замислам колку жестоки политички дебати овој празничен викенд се водат меѓу Македонците  на софрите по грчките таверни. Ќе се надвикуваат, ќе се жестат, ќе си наоѓаат оправдување зошто морале пак да им одат на Грците (блиску е, поради децата, на море здраво е…), ќе анализираат зошто доби ВМРО, зошто изгуби СДСМ, ќе му се ситат на ДУИ…

И кога дебатата ќе стивне, на крајот пак ќе се појави Гркот и – уредно ќе си ја платат сметката. Уште и бакшиш ќе му остават.

2 Да се чудиш колку маестрално играат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Христијан Мицкоски. Што убаво му ја нафрлија на волеј топката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да им даде гол со петица. Баш фино му се погоди ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за европските избори – од уста не ја вади „Северна Македонија“, „северниот сосед“ и „Скопје“. Што убаво нѐ начека. Па ако досега Грците премолчувале или се правеле како да не чуле, отсега во секоја прилика, на сите ќе ни го мерат секое неспоменување на „северна“.

Немам сомнеж дека Гордана Сиљановска-Давкова и Христијан Мицкоски имале добар план. Таа нема да каже „северна“ во заклетвата, тој ќе каже дека институциите се „северни“, ама тој нема да изговара „северна“, дома сите ќе им аплаудираат, Грција сме ја зафркнале и оп – цел свет ќе нѐ вика само Македонија. Генијално смислено. ВМРО-ДПМНЕ баш апелира на тој вид патриотизам. На тие што дома се јаки, го веат знамето од Кутлеш, а првиот продолжен викенд даваат жртва за татковината во редиците за влез кај душманите со пасошот на Република Северна Македонија, а на прашањето на грчкиот полицаец: Каде одите?, спремно одговараат: Тесалоники.

Македонија повторно горда.

3 Нејсе, на 28 мај ќе имаме ново Собрание. Не се сомневам дека првата активност на 58-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да си извадат дипломатски пасоши. Тие што имаат бугарски пасоши, отсега не мора да ги покажуваат за влез во ЕУ. Со дипломатските пасоши ќе можат преку ред да ја минуваат границата со Грција.

А претседателката и врховната командантка Сиљановска-Давкова, откако го врати на меѓународна сцена прашањето за името што успешно беше затворено со Преспанскиот договор и приемот во НАТО, самата почна со креативни досетки. Веќе неколкупати ја повтори фразата „асномска Македонија“, што не знам дали ќе им се допадне на вмровците од „Македонија вечна“, но избегнувајќи да го изговори уставното име на земјата, прави јазични акробации, што на крајот во различни варијанти се сведуваат на „нашата држава“.

Која држава? Северна, несеверна, барем Македонија ќе им ѕунеше во ушите.

4 Не ми се верува како си го губиме времето, и по седум години од затворањето на прашањето за името во Обединетите нации пак го правиме истиот муабет како во 1990-тите, кога водевме битка како да влеземе во Обединетите нации. И во 1993 влеговме како ФИРОМ, а Грција уште година и пол потоа нѐ држеше под ембарго до потпишувањето на Привремената спогодба во 1995.

Да се вратиме во реалноста. А во реалноста цела недела се затворени хируршките сали на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“. Се ширела непријатна миризба. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, министерот за здравство Илир Демири и директорите на  целиот хируршки блок имале неколку состаноци. Констатирале дека нешто смрди, ама не можеле да откријат ни што смрди, ни кој е надлежен да открие зошто смрди, ни кој треба да ја отстрани смрдеата.

И така, цела недела нема операции во најголемата болница во главниот град на државата. Салите се затворени до решавање на проблемот, ама не се знае кој треба да го реши проблемот.

Исто како што не се знае ни кој е надлежен за отстранување на дивиот забавен парк во општина Карпош, што фирмата „Дизниленд реквизити“ од скопски Чаир ја поставила кај салата „Борис Трајковски“ спроти болницата „8 Септември“. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска бара надлежните да го отстранат паркот, оти таа не е е надлежна, ама не се знае ни кој е надлежен, бидејќи забавните реквизити, рингишпили и ролеркостер се поставени на приватно земјиште. Никој не е надлежен ни дали е безбедно, ни дали реквизитите се редовно сервиситрани, ни дали има сообраќајно решение, ни дали има обезбеден паркинг, ни дали има план за противпожарна заштита, ни дали има план за евакуација при итност, ни дали се издаваат фискални сметки, ни дали билетите покриваат осигурување… Мој двор, моја забава.

А кој да го среди овој неред? Властите со години не се способни да затворат ни една кафеана што со гласна музика малтретира илјадници граѓани среде главен град, а не пак да затворат забавен парк. Евентуално, само адвокат на американската компанијата „Дизни“ би успеал да направи нешто во Македонија, ако и во овој случај се повика на „прашањето за името“.

Дизниленд од Чаир гостува во Карпош.

5 Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, коja е придружна членка на политичката групација на Европската народна партија (ЕПП) во која е и грчката „Нова демократија“, им рече: Нашите колеги во Северна Македонија мора да прифатат дека изборниот период заврши.

Но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги понесе изборната музика, па заборавија дека името „Република Македонија” е избришано во новиот Статут на нивната партија усвоен на седница на Централниот комитет уште на 21 јули 2020. Уште тогаш се соочиле со реалноста. Барем така стои во Статутот објавен на официјалната веб страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Да се вратиме на реалноста. Смрди. Многу смрди. И тоа не само фактички, туку и метафорички.

AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира