1 „Јас лично ја правев оваа анализа“, рече премиерот Христијан Мицкоски презентирајќи ни бројки за раст на платите и пензиите, што искрено не можев да ги разберам оти не ме бива за математика. Ама инспириран од него, а уште повеќе инспириран од тоа дека за три недели ќе славиме 35 години независна држава, и јас направив една компаративна анализа. Каде бевме и каде дојдовме?
Триесет и пет години од 1991 до 2026 се како триесест и пет години од 1945 до 1980.
Од 1945 до 1980 година Македонија која беше разурната од војна, целосно се електрифицира, се искорени неписменоста и страшни болести како маларија и туберкулоза, речиси секое село доби водовод, се создадоа државен архив, универзитет, народен театар, опера, музеи и домови на култура, се изградија спортски сали, стадиони, и базени, скијачки центри, хотели, работнички одмаралишта, туристички кампови и детски одмoралишта…
Од 1991 до 2026 една болница, онаа во Штип, се гради 10 години. Базенот „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се реновира две години. Ќе се реновира, нема да се гради. Исто како што Универзалната сала во Скопје се реновира 10 години. Имаме државна пошта, како да ја немаме. Имаме државна железница, како да ја немаме. Скопје има јавен превоз, како да го нема. 100 автобуси треба да купиме, чиниш светско чудо – како ракета да купуваме да се лансираме на Марс. Имавме Саем, сега го немаме, имаме трговски центар, згради и непроодни улици. Еден пат од 52 километри, оној од Кичево до Охрид, се гради 14 години. Палмите вредни половина милион евра се исушија. Сите хотели што се вистински хотели во Охрид и Струга се изградени во времето пред независноста. Она што сега се гради се станчиња во станбени згради и импровизирани хотелчиња со полулегални градби и доградби со истата комунална инфраструктура како пред независноста. Од жичницата со гондоли од Тетово до скијачкиот центар Попова Шапка останаа само столбовите како потсетник на оние први повоени 35 години. Новата жичница на Водно од новиве независниве 35 години не работи и не се знае кога ќе проработи, оти не била сервисирана 10 години. Еден асолен скијачки центар не остана. Нема ниту едно детско одморалиште. Ниту еден студентски дом не е изграден, а старите изградени пред независноста се реконструираат со пари од ЕУ. Чекаме ЕУ и Турција да ни подарат вакцини за сипаници кај овците. Проектот „Скопје 2014“ вреден 700 милиони евра се распаѓа десетина години по градењето. Дури и јарболите за државните знамиња паѓаат на посилен ветер.
Во оваа компаративна анализа не се влезени Чебрен и Галиште и пругата кон Бугарија. Бев зафатен со броење на кутнатите дрвја низ Скопје кои уште не се отстранети, цел месец по летното невреме.
Во повоените први 35 години се испразнија селата, се наполнија градовите.
Во последниве 35 години се празнат и селата и градовите.
2 Некои девојки се качувале на потопената црква во Мавровското Езеро и замислете, од црквата скокале во водата. И тоа, замислете, само по гаќички се капеле… Скандал од невидени размери. Не се проблем станбените згради што никнаа низ Националниот парк, не се проблем дивоградбите и патот од времето на Тито што пропаѓа, не е проблем дека останавме и без скијачки центар, не се проблем дивите депонии од ѓубре и градежен шут. Ама, девојките што скокале во танга од ѕидини на разурната црква се и тоа каков проблем.
Да е само Маврово. И во манастирот „Свети Наум“ во Охрид имало многу туристи кои, замислете, се кикотеле и биле весели. И, како што објавија медиумите, локалците велат дека не може да се најде никакво решение со кое ќе се контролира однесувањето на туристите. Цела среќа што УНЕСКО му даде на Охрид рок уште пет години пред да го стави на Листата на загрозено природно и културно светско наследство. Покрај дивоградбите, со себап може Охрид ќе се реши и од раскикотени туристи.
Кај не можеш да се изнауживаш со математички прецизно 300 и кусур посто покачените што плати што пензии, мислејќи постојано на јахтата на Зоран Заев и цело време пред очи ти е голото меше на Венко Филипче, па сега уште мирот ни го земаат и тангите на некои ќефлосани моми во Маврово и Охрид.
Ој, мачен животе. И базените ги испразнивме како што ни рече министерот за здравство Сашо Клековски, да не нѐ јадат комарци, па да умреме од западнонилска треска. Да можевме барем со ладна глава да се радуваме на историскиот напредок што Владата го постигнува на сите полиња. Од доградби на градинки и отварање на кружни текови, до историско успешно чистење на водовод од гомна.
3 Премиерот Мицкоски го прогласи за успех на Владата и чистењето на водоводот во Гостивар за еден месец, откако 22 дена луѓето пиеја вода гомнарка и над 5.000 се разболеа.
Труењето на водоводот во Гостивар не беше поради некоја природна катастрофа. Не беше ни хаварија. Беше човечка глупост и некадарност на раководители на јавно претпријатие што се нашле на тоа место само затоа што се членови на партија.
4 И кога сме веќе кај успесите на партиските кадри, да го забележиме и извештајот на државниот ревизор за студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје. Како и по обичај, утврдени се низа неправилности меѓу кои и дека лебот го плаќале 126 денари и купиле душеци со димензија поголема од креветите.
После, немало пари за студентски оброк. Па немало. Како да останат државните пари за студенти кога треба да има и за партијата и за арамиите од партијата?
Ај што краделе – краделе, тоа веќе не е ништо ново. Ај што делеле раководни позиции во рамки на коалицијата и со балансер за правична застапеност – и тоа не е ништо ново. Ама барем да најдеа некој што знае макар мерки на креветите да земе. Зарем само неписмените останаа во партиите?
AUDIO PODCAST – АУДИО ВЕРЗИЈА



