КОМЕДИЈА НА ГРЕШКИ

Чуму толку нервоза кај властите при толку многу достигнувања на патот кон ЕУ?

КОМЕДИЈА НА ГРЕШКИ

1 Драмата што се отвори со сценариото за парастосот за 95 години од смртта на Мара Бунева во Скопје, па се разви со претепувањето на секретарот на охридскиот клуб именуван по бугарскиот цар од времето на фашистичката окупација на Македонија, треба да кулминира со роденденска прослава за Гоце Делчев. Комедија на грешки од 21 век како Шекспировата од пред 5 века.

Македонец со бугарски пасош натепал македонски државјанин со бугарска самосвест кој аплицирал за бугарско државјанство, ама уште го нема добиено. Притоа, според Охридското обвинителство, овој Македонец со бугарскиот пасош му рекол на оној што уште нема бугарски пасош „Како не ти е срам да се пишиш Бугарин“, а тој што веќе има бугарски пасош веќе се пишал Бугарин. Притоа, бугарската држава пушта владин авион да го евакуира во Софија македонскиот државјанин, сосе мајка му и бугарскиот амбасадор во Скопје, додека македонската полиција го бара бугарскиот државјанин.  И тоа кулминира со тридневна блокада на гробот на Гоце Делчев во Скопје, кој се родил пред 151 година. За американскиот претседател Бил Клинтон кога доаѓаше во 1999 среде бегалската криза со Косово, за папата Фрањо во 2018 немаше таква блокада на Скопје. За живи луѓе немало такво обезбедување колку за некој што умрел пред 120 години.

И оди сега снајди се во приказнава и објасни го сето ова во Брисел. И објасни им го на останатите 26 земји-членки на ЕУ. Со среќа објаснувањето. Бугарија нема потреба да објаснува оти тие се внатре. А ние додека се објасниме, нема да се блокира само гробот на Гоце, туку Софија уште повеќе ќе го блокира и патот кон ЕУ.  Така што – гуд најт и гуд лак со Брисел.

2 Бугарските пратеници на последната седница пред распуштањето на Парламентот изгласаа  декларација за Македонија. Едногласно, со само еден глас воздржан. За две години пет пати на избори одат, Влада не можат да изгласаат, Румен Радев со руска рака им ги бира министрите, некои од нив можеби нема ни да бидат дел од идниот парламентарен состав, и од сите приоритети за државата, пратениците се нафатија најприоритетно да ја решаваат баш Македонија. Македонија – па бугарски избори.

Нека извини Брисел, нека извини и Софија, ама мери им го умот на бугарските пратеници.

Нека извини и официјално Скопје. И на нашава Влада мери ѝ го умот, ако и бугарските пратеници од распуштениот парламент ги сфаќа за маргиналци и сè уште не ја сфаќа сериозно намерата на Бугарија.

3 На патот кон ЕУ нова неизвесност. Дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата и баш со свои министри, заменици министри и директори ќе се бори против корупцијата. Додека сме  преокупирани со илјадници вести од состаноците и изјавите на Арбен Таравари, сакаме во Влада, ама не сакаме во Влада, не успеваме да ги видиме реалните европски достигнувања на сегашнава Влада. Како на пример тоа дека во РЕК Битола стасал трансформаторот од поправка во Србија. И тоа не е истиот трансформатор како оној големиот транспорт што го следевме од Истанбул преку Солун до Битола.

Зарем мал успех е кога министерот за образование Јетон Шаќири ќе соопшти дека повеќе од 90 отсто од учебниците се дистрибуирани по школите на 1 февруари, десет дена по почетокот на второто полугодие? За останатите 10 отсто – повеќе среќа на 1 септември.

Каква врска има внесувањето на Бугарите во Уставот со нашиот секојдневен живот? За квалитетот на животот, пак, ич муабет да не правиме.

Ај со евроинтеграциите нека се бават Бојан Маричиќ, Бујар Османи, па еве и Димитар Ковачевски. Ама каква врска имаат уставните измени со работата на останатите министри, пратеници, директорите на јавни претпријатија, агенции, дирекции, градоначалници, општински служби и претпријатија…

На пример, каква е поврзаноста на уставните измени со тоа што нема учебници? Три години не можат навреме, на крај на учебната година, да обезбедат свидетелства за децата, ама тие со уставните измени се зафатени, оти така било европски. Исто како што европски се вози и се паркира низ Тетово. И како што Арачиново плаќа данок по европски стандарди. Каква врска има внесувањето на Бугарите во Уставот со дивоградбите што никнуваат во заштитени подрачја?

Владата не може да најде начин една Универзална сала во Скопје пет години само да ја реновира на веќе почнато реновирање, не дај боже да требаше одново да се гради. Она чудовиштено од споменикот на Мајка Тереза среде главен град, иако е дивоградба, не им се исплати да го урнат, оти од тоа е ситна провизијата. Една галија на Вардар од оние на Никола Груевски не успеаја до крај ни да ја размонтираат. Плочките не ги поправаат, светлата не ги менуваат, државните згради се како бомбардирани и оставени, улични кучиња ќе нè изедат, ама и тоа не е важно, само Уставот да го смениме.

Автопатот Кичево-Охрид веќе го прежаливме, нема да го доживееме ни во овој мандат. Ама што се случува со оние неколку километри од Петровец до Катланово што ги раскопаа пред локалните избори во 2021, се сликаа и ги заборавија? И тој пат ли зависи од Преамбулата? Од автопатот кон Косово ништо не е направено, оти  трасата била многу комплицирана. Ама Устав да се смени не е комплицирано. Ќе донесеш закон за амнестија, ќе наградиш некој пратеник со амбасадорско место, ќе вработиш нечиј син, ќерка и оп – Гуд морнинг Брисел, Европо чекај нè.

4 Во име на европските вредности, власта ќе најде 80 пратеници што ќе гласаат за уставни измени, ама не може да обезбеди пари за 130 болни од цистична фиброза, за лек со кој тие луѓе ќе можат да живеат. Се пофали дека ќе купи лек само за осуммина.

И кога ќе прашаш каде одат нашите пари, веднаш стануваш непријател. Кога ќе прашаш зошто плаќаме поскап гас од берзанската цена и каде завршува разликата од вишокот – платеник си, а и не се разбираш од енергетика. Кога ќе прашаш зошто нема лекови, не си стручен, не се разбираш од медицина. Кога ќе прашаш зошто не се градат патиштата, не се разбираш од градежништво. Кога ќе прашаш зошто толку се понижуваме пред Бугарија, глупав си, не се разбираш во дипломатија. А и не си Европеец.

Па и да се разбираш, нема зошто да прашуваш. Ниту да коментираш.

Дали крадат во име на патриотизам или во име на ЕУ, исто ти се фаќа.

Само ме чуди, чуму толку нервоза кај властите при толку многу достигнувања на патот кон ЕУ?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира