1 Владата решила да ги даде курбан македонските граѓани, за да ги заштити правата на граѓаните на Европската Унија. Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш кажа „и последно да му е, измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат минимум барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини“.
Тоа значи дека додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт, ние Европската Унија ќе ја гледаме само како туристи што ќе бидат малтретирани кога ќе се појавиме на границите на Шенген, или како работници и студенти кои морале да извадат бугарски пасоши за легален престој.
Така што, тоа што Мицкоски го кажува уште откако беше во опозиција дека ќе репреговарал нови протоколи, дека можело да се смисли подобра преговарачка рамка и на сите во ЕУ ќе ја кажувал „вистинската вистина“, се само многу зборови што се сведуваат на едно: Немам намера да работам за влез во ЕУ.
Како македонската Влада ќе им помогне на Македонците во Бугарија? На штета на Македонците во Македонија. Ние блокираните на патот кон ЕУ ќе им помагаме на Македонците што се веќе во ЕУ. Па Македонците во Бугарија се европски граѓани уште од 2004. Гласаат во ЕУ држава на национални избори, гласаат и за претставници во Европскиот парламент. Имаат европски институции каде што можат да се обратат, да ги слушнат и да си тераат правда. Имаат и пресуди во нивна корист во Европскиот суд за човекови права.
Не дека ЕУ и самата не е кабает, со тоа што ги погази сите свои принципи врз кои е основана, блокирајќи ја Македонија. Ама ние не можеме да ја промениме ЕУ.
Ако човек сака да направи нешто, ќе бара и ќе најде начин. Ако не сака, стално ќе наоѓа изговор. Во барањето права за европските граѓани, Мицкоски си најде одлично оправдание да не презема никаква активност за одблокирање на патот кон ЕУ. За сите неуспеси дома, ќе му биде крива ЕУ.
Светот гори на сите страни, сите гледаат како да се заштитат во закрилата на некое поголемо семејство, а владејачката партија во Македонија чека ЕУ да го смени начинот на донесување одлуки или, уште поубаво, да се растури. Ама ЕУ земјите немаат проблем затоа што Македонија не е во ЕУ. Ние имаме проблем што не сме во ЕУ. Еве, само неделава се виде тоа најдраматично, со кризата со камионџиите што ги протеруваат од ЕУ како да се илегални натрапници. Да е само тоа.
Наместо сега, кога Мицкоски има апсолутна власт и со ваква растурена опозиција речиси загарантиран втор мандат, да преземе акција и конечно по 30 години да нѐ приближи кон ЕУ, тој ни прави муабети како од комитски вечери. Дека му аплаудирале кога зборувал на панел во Давос, ама не смеел да раскаже за што зборувал. И бил на свечена вечера со само 500-600 луѓе.
Тоа негово „и последно да ми е“ значи – до последниот Македонец што ќе земе бугарски пасош за да стане дел од ЕУ. Премиерот го турка под тепих најголемиот проблем што го имаме. А тој проблем е – не сме во ЕУ.
2 Зијадин Села од Алијанса за Албанците го даде на Уставен суд законот со кој се воведува проектот „Безбеден град“, кој предвидува поставување камери на сообраќајниците за ловење сообраќајни прекршоци и казнување. Вели дека со тоа што камерите се поставени во Скопје, Куманово и Тетово се врши изнуда само на една категорија граѓани и власта сака да удри само по нивните џебови.
„Гледате каде се поставени камерите во Скопје? Во Чаир, Сарај, Бутел, во општини каде што мнозинството се Албанци“, вели Села.
По истата логика проектот „Безбеден град“ може да биде оспорен и од Македонците во градовите каде што не се поставени камери. Зошто сообраќајот да биде побезбеден само на улиците каде што има Албанци, а Македонците да гинат, оти кај нив нема камери и ќе се вози неказнето?
Што сака Села? Албанците да возат непрописно, ама да не ги казнуваат затоа што се Албанци? Ќе гинеме во сообраќајќи, ама барем ќе гинеме како привилегирани Албанци.
3 Синдикатот организираше протест за зголемување на минималната плата. И нормално, власта ги изброи демонстрантите, рече дека се малку и ги обвини дека се политички мотивирани и дека синдикалното раководство им е заробено во канџите на СДСМ и Левица. Ништо ново. Класика. Кој и да е на власт ги обвинува синдикатите дека се со опозицијата.
Венко Филипче не може да си ја организира партијата, па ќе организирал синдикални протести. Тој неговите не може да си ги собере да се појават на собраниска комисија, а ваму ќе ги држел заробени синдикалците. Туку, видоа во СДСМ некои дека се бунат нешто против власта, па си рекоа, ај ќе ги поддржиме.
А околу бројката на демонстрантите, поарно е власта да не отвара муабет. Колку и да беа собрани на протестот, тоа беа луѓе што не беа донесени со автобуси од цела држава, без дневници, без сендвичи и сокчиња. И кога Мицкоски вели дека не е против зголемување на минималецот, ама да си се договорат со работодавците, тоа значи дека Синдикатот треба да се договори со тие што ги плаќаат автобусите за партиските митинзи и со „општествено одговорните компании“ што им ги плаќаат општонародните забави на вмровските градоначалници со хонорари за концертите што се тајна.
Толку се парите. Или компаниите ќе ги потрошат за автобуси и „општествена одговорност“, или за покачување на минималецот. Тоа е изборот. Власта, очигледно, си направила избор.



