1 По оној шок што ни го приреди Франција, ставајќи вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, можеби премиерот Зоран Заев можеше и да не повикува на предвремени избори, оти имаше мандат да заврши уште некои од работите што ги имаше почнато. Ама ај – галиба знае што прави. Оти, бројчаникот што самиот го постави на Триумфалната порта од „Скопје 2014“ уште не почнал да врти. На нула е. Нашите пари што ВМРО-ДПМНЕ ни ги украде во времето на Никола Груевски сѐ уште се кај опозициската партија. И ќе ги користи да го победи Заев на изборите.
Бадијала е сега да се плаче дека ќе изгубиме уште најмалку 9 месеци додека се вратиме во нормала. Кампањата е започната уште и пред да се објави датумот за избори, па техничка влада, па официјална кампања, па во најдобар случај најмалку 30 дена до состав на нова влада, па уште 100 дена нова влада… Нема попис, нема Закон за јавно обвинителство, нема јавни набавки, нема тендери, нема спас на Охрид… Кај и да е, ќе дојде септември 2020, ќе треба Буџет за 2021 да се изгласа. За локални избори. И за попис. Ама, попис пред избори!?
Туку, тоа што губиме време и не е најстрашното што ни се случува. Оти, ние во Македонија ионака само време имаме. Она што ме вознемирува е дека владата на Заев не само што ја рехабилитира, туку сега, со овие избори и ќе ја реставрира политиката на нереформираната ВМРО-ДПМНЕ. Баш ме интересира кои се тие ликови што ќе влезат во техничката Влада на 3 јануари? Дали бегалецот од Будимпешта, кој патем сѐ уште е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со фејсбук статус ќе го поздрави нивното именување? Дали тие ликови ќе бидат од редовите на обвинетите, или само се осомничени? Дали се гонат за тежок криминал, земање мито, прислушување, крадење, злосторничко здружување, тероризам и организација напад на Собрание, или само за несовесно вршење на работата и злоупотреба на службената должност? Не би се изненадил за министер за внатрешни работи во техничката влада да ни донесат некој што го напаѓал Собранието на 27 април 2017. Со искуство, оти можеби ќе има потреба пак да се напаѓа.
Па уште и кога ќе се активира целата таа партиска војска што ја плаќаме во јавната администрација. Сосе саботерите што Груевски ги примаше на работа, а Заев ги остави, мислејќи дека ќе ги придобие. Ќе се стават во погон исто како што се ставија и за референдумот и за претседателските избори. Сто посто уште сега се пријавуваат за одмори или ќе фејкуваат боледувања од крајот на март до 12 април.
Фино што Заев ѝ се налути на Европската унија за ветото, ама на ВМРО-ДПМНЕ уште не ѝ се има налутено. За малку да загинеш од тој режим, а да го реставрираш, значи дека не го болела доволно лузната на лицето. Најарно е да оди на ласерска корекција. Барем да не му се познава. Да не нѐ потсетува на тоа зло што никогаш немаше да се повтори.
2 И сега, наместо да кукаме дека партиските елити одродени од народот за ништо не може да се договорат, а најлесно се договорија за избори, единственото нешто што ни останува е нашиот глас. Макар колку и да звучи трендовски да викаш дека не гласаш оти немаш свој кандидат. И дека е глупаво да се оди на избори оти немаш избор.
Ама, што е, тука е. Избори ќе има. Тоа е реалноста. И таков е изборот.
Ама, не можеш да ги победиш партиските елити ако се откажеш од своето единствено оружје – правото на избор. Ако не излезеш да гласаш, партиските војници секако ќе изберат место тебе. И бидејќи не си имал за кого да гласаш, ќе мораш да живееш со нивниот избор.
Сигурно е дека е многу полесно да се соли памет од самопрогласена морална висина и резигнација. Не знам за вас, ама јас си гласам, колку и да не ми се допаѓа тоа што ќе имаме предвремени избори. Лузните сѐ уште се свежи. И не можам да си дозволам ласерска корекција на меморијата.
3 Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, за да го дообјасни ветото на претседателот Емануел Макрон рече дека Македонија не е земја пример за регионот. Трендовски е и да се согласиш со мислењето на францускиот амбасадор и да се ситиш на неуспехот на сопствената земја, демек, сами сме си виновни што не сме добиле датум за преговори со ЕУ оти не нѐ бива.
Ама, не е муабетот дали Тимоние е во право, или не. Конечно, ние самите знаеме какви сме и до каде сме и не треба тоа некој амбасадор да ни го кажува.
Ветото на Франција беше непријателски чин затоа што ни ја укина единствената перспектива што ја имаме. А таа е – влез во ЕУ. И сите останати 27 земји прифатија дека земјава е спремна за почеток на преговори. И прифатија дека тие се спремни да ни помогнат да ја оствариме таа перспектива. Со сите маани што ги имаме и за кои сме свесни.
Тимоние рече и дека биле нереални нашите очекувања за почеток на преговорите. Нереални!? По 14 години кандидатски статус, по 10 препораки за почеток на преговори, по решени билатерални спорови со сите соседи… Конечно, и по сменето име, за што и Макрон со видеопорака нѐ убедуваше дека е вистински чекор за европска иднина. Притоа, зборуваме за Македонија која не е некаде на Скандинавија, туку на Балкан, кој никогаш не престанал да биде кризно подрачје.
Амбасадорот Тимоние е службеник на француската држава. Негов шеф е Макрон. И тој ја објаснува позицијата на претседателот. Прашањето е само дали и колку позицијата на Макрон е заснована врз извештаите што амбасадорот му ги испраќа од Скопје.
А што се однесува до изјавата на амбасадорот дека не сме земја пример во регионот, тој изуми да каже која земја е пример? Србија ли е примерот? Особено сега. Откако донесе руски ракети. И кинески воз. И откако Макрон на 15 јули во Белград прозборе српски за да му се допадне на Вучиќ.
4 Туку, има ли објаснување како се нашла камионска приколка на територијата на Англија со 39 лешеви на Кинези? Сигурно тие кутри Кинези не паднале од небо во Белгија во бугарски камион. Како тој камион поминал низ територијата на цела Европа, низ земји што се пример за ЕУ, а можеби и низ такви што не се, поминал и низ многу што Шенген, што нешенген земји-членки на ЕУ и стасал до земја која уште е членка на ЕУ? Сигурно таа операција била изведена без корупција. И со владеење на правото.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST