ЛЕПЧЕ И ПАРИЧКА

Земја-членка на НАТО се доведе во ситуација не само политичката, туку енергетската, а со тоа и економската стабилност да ѝ зависи од фирма во чиј надзорен одбор седат руски бизнисмени

ЛЕПЧЕ И ПАРИЧКА

1 Кога како држава ќе дозволиш снабдувањето со топлина на главниот град да ти зависи од фирма чии сопственици никој не ги знае, ништо чудно тие да ѝ се смеат во фаца на Владата кога ѝ соопштуваат дека како „општествено одговорна компанија“ за еден ден ќе престанат да испорачуваат топлина, ако не добијат пари од Буџетот. Фирмата што сега ја уценува државата со распад на целиот енергетски систем, оти од неа зависат 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во Скопје, во 2012, за време владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, е регистрирана под името „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ)  со основна дејност „советување во врска со работењето и останато управување“.

Ако утре сите овие што се греат на парно во Скопје се префрлат на греење со струја, ќе падне енергетскиот систем во цела држава.

А ВМРО-ДПМНЕ ликува со своето чедо. Тие си го произведоа БЕГ, а сега викаат „Уаа СДСМ, видете БЕГ што ви прават“. Можам да замислам колку би биле среќни, ако за време на гласањето за новата Влада на Димитар Ковачевски пратениците седат во капути во незагреаното Собрание.

Е тоа се тие опашки што се влечат од времето на матните зделки на Никола Груевски, кои Владата на СДСМ не успеа да ги сосече. Речиси три години, Обвинителството води предистражна постапка против членови на тогашната Регулаторна комисија кои ги давале лиценците на компаниите на БЕГ. До истрага нема ни да стаса. И кога зборуваме за демонтирање на инсталациите на режимот, тоа не е обична политичка фраза. Еве, во реалноста излезе дека и БЕГ е дел од тој систем што требаше да се демонтира.

ВМРО-ДПМНЕ произведе ужасно владеење, а СДСМ не успеа да го смени. Лепче за сите да има. Да се заработи некоја паричка. Е па, ете ни сега и лепче и паричка. Земја-членка на НАТО се доведе во ситуација не само политичката, туку енергетската, а со тоа и економската стабилност да ѝ зависи од фирма во чиј надзорен одбор седат руски бизнисмени.

2 Мандатарот на новата Влада Димитар Ковачевски најави дека ќе го покани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба кога ќе биде избран за премиер. Овој, уште непоканет, постави услов – ќе се сретне со Ковачевски само ако зборуваат за предвремени избори.

При ваква страшна енергетска криза, среде здравствена криза со рекордни бројки на новозаболени од ковид-19 и соочен со бугарските уцени за кревање на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, би било крајно несериозно новиот премиер да си го губи времето со ВМРО-ДПМНЕ. Немаме струја, парно, бројките на болните растат, цените на енергенсите и храната скокаат, а Ковачевски и Мицкоски ќе седат во Клубот на пратеници и ќе беседат за Пржинска влада и за машини за гласање со отпечатоци од прсти. А прес-службите од партиите ќе се обвинуваат – овој бил нечиј пион, а овој бил нечиј коњ.

Башка што, Ковачевски не може да го победи ВМРО-ДПМНЕ на негов терен. Не можеш со политичка некултура да го победиш тој што ја измислил политичката некултура. Првата голема замка во која што може да падне новиот премиер Ковачевски е да почне да се занимава со хировите на Мицкоски. Ете, ВМРО-ДПМНЕ освои локална власт во повеќето општини и во градот Скопје. Башка, си имаат „општествено одговорни компании“ кои треба да им се оддолжат. Нека се покажат градоначалниците и општинските совети колку ги бива.

Не сака да се сретнете – океј.

3 Предупредувањата од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров дека инсистирањето на брзо решение со Бугарија може да биде штетно за националните интереси, не би го свел само на образложението оти е навреден што нема да биде член на новата влада. Токму тоа што го кажува досегашниот премиер Зоран Заев, дека Димитров досега бил вклучен во процесот и знае што се договара со Бугарија, е доволна причина за претпазливост. Затоа што, Димитров бил внатре и знае што се договарало, а ние однадвор не знаеме. И стравуваме што може да биде договорено.

Впрочем, Димитров само гласно го кажа својот впечаток дека инсистирањето прашањето со Бугарија да се затвори по секоја цена за да почнат преговори со ЕУ може да биде штетно. Верувам дека таков е впечатокот и на многу луѓе што не се во политиката. Оти, не чувствуваме дека треба да ѝ се правдаме на Бугарија дека постоиме. А чувствуваме дека со ваков уценувачки однос на Бугарија, никаков договор кој би го прифатил нашето постоење не би бил гаранција дека ќе престанат да нè блокираат. И што е уште пофрустрирачки, со ваков начин на одлучување во ЕУ, тоа решение не би било ни гаранција дека некогаш ќе станеме членка на ЕУ.

4 Ние ќе се караме дома, а Бугарите повторно излегоа со истите уцени за да го дигнат ветото. Таман, пред најавената посета на новиот премиер Кирил Петков, кој најави дека ќе дојде на 18 јануари кај македонскиот нов премиер Димитар Ковачевски да покаже „добра волја“.

Каква добра волја, кога по шестчасовниот состанок на бугарскиот Совет за безбедност на кој државниот врв сосе лидерите на парламентарните партии расправаа за Македонија, претседателот Румен Радев изјави дека ескалира дискриминацијата против 120.000 македонски Бугари.

На ноемвриските бугарски избори, на гласачките места во Македонија гласаа 650 бугарски граѓани. Радев веројатно мисли на македонските граѓани што имаат бугарски пасоши и што се раселени низ земјите на ЕУ. Како ли само македонската држава успева да ги дискриминира македонските Бугари во Германија, Шведска, Франција, Шпанија…? Или пак, во Македонија ги дискриминираме со тоа што ги бираме за пратеници, министри, а тие се кријат зошто сакаат да ги мислиме дека се големи македонски патриоти. И бизнисмените ни се дискриминирани. И тие имаат двојни државјанства за да им врви бизнисот во ЕУ. Ги дискриминираме со тоа што со бугарски лични карти ги избираме за градоначалници.

Нема што Петков симболично да покажува добра волја. Се уморивме од симболика и љубезни зборови од ЕУ. Најдобра волја ќе покаже ако се откаже од ветото и ги почнеме преговорите. Се  друго е глумење кооперативност пред САД и пред европските партнери.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира