МАГИЧЕН КРУГ

Не ме карај со шефот

МАГИЧЕН КРУГ

1 До каде сме со лекцииве од животот? На пример, што научивме после поројот во Шипковица во август 2015 кога загинаа шест луѓе? Исчистени ли се каналите? Пошумено ли е тоа што било бесправно исечено? Прибран ли е шутот? Или, што научивме од лекцијата за Стајковци во август 2016 што однесе 22 животи? Во август 2019 имаше голем пожар кај велешкото езеро Младост. Премиерот Зоран Заев вети дека ќе се зголемува бројот на пожарникари во локалните пожарни единици и дека ќе се обучуваат пилоти за летање со „ер тракторите“ за гаснење пожари. Ниту авионите пролетаа, ниту се зголеми бројот на пожарникари.

И зошто е виновен директорот на Центар за управување со кризи Стојанче Ангелов што нема доволно пожарникари, што не само што нема пилоти, туку ни авионите не се сервисирани и што хеликоптерите на АРМ не можат да летаат на високи температури? Стојанче е виновен само затоа што дава изјави, па така го свртува вниманието на себе, а ние забораваме на одговорноста на тие што се вистински одговорни. Како да управува со криза кога нема со што и со кого да управува?

Ова е иста приказна како со недостигот на пасоши и регистарски таблички, со набавката на свидетелства, со доцнење на испорака на инсулините, со изводите од матичните книги… само многу подраматична и со повеќе жртви. Планирање – нула. И тие малку ресурси што ги имаме не ги користиме.

Па, уште и ќе се фалиме: Ние сме НАТО. Какво НАТО бре, кога ние ни трите авиони за гасење пожар што ги имаме не можеме да ги сервисираме? Да му ги подариме на Вучиќ на чување, па тој нека ги сервисира и нека ни ги праќа кога ќе ни затребаат.

Ни помагаат НАТО партнерите. Па замисли на нив да им се случи елементарна непогода и да чекаат помош од нас? Со што ќе им помогнеме? Со пожарникарите што ги немаме во доволен број? Со противпожарните камиони од времето на Тито? Со „ер тракторите“ што не можат да полетаат, а нема ни кој да ги лета? Или со нашите политичари, кои ќе парадираат наоколу како што парадираа во Кочани пред да заминат на одмор. Оти, кога ништо не ти функционира ти останува само да се сликаш. Ќе речеш – пожарите се подметнати и – си го решил проблемот.  Ќе се занимаваме само со тоа што во моментов може да ни донесе популарност. Купи ден – продај. И секирај се само како тоа ќе личи на Фејсбук.

2 Навистина, како се доведуваш во позиција во јули и август да не ти летаат авионите за гасење пожар? Што раководител си ти? Па белким, не ги ставаат тие директори само за да имаат службена кола и секретарка. Белким треба да завршат и некоја работа, па макар биле и од ДУИ, како што е директорот за Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

Не можело да се сервисираат авионите оти тоа било многу скапо, а процедурата за јавна набавка е сложена и тој не сакал да го крши законот. Па, сменете го законот. Директор си. Ќе планираш, ќе се јавуваш кај премиерот, ќе им се качуваш на глава на пратениците, ќе паничиш по медиуми: „Луѓе, ќе изгориме, дај да бараме чаре!“.

Истото важи и за други директори. Исто важи и за градоначалниците. Градоначалник си и ти требаат пожарникари и нови возила. Па ќе си планираш во буџетот, ќе се откажеш од некои други ставки, ќе бараш пари од Владата, ќе преговараш – овде ќе додадеме, овде ќе скратиме… Ќе ѝ посочиш на Владата кои се пречките во процедурите. Едноставно, ќе си ја работиш својата работа.

Па Владата нека не го менуваат законот, Собранието нека не се состанува да го усвои, опозицијата нека го блокира со амандмани за инает и нека викаат „Еве го пак оној досадниот“, ама барем знаеш дека си ја вршиш работата за која си платен.

Само што, кај нас директорите на државните и јавни институции функционираат по принципот „Да, шефе“.

Ќе се јавиме кај градоначалник да прашаме зошто нешто не му функционира, тој ќе ти одговори: „Еј, немој сега да ја отвараш таа тема, чекам пак да ме кандидираат, ќе ми се налути Заев“. Ќе се јавиме кај директор на државна болница да прашаме зошто некој апарат не му работи, или зошто нема некој лек, тој ќе се испожали и ќе ти рече: „Немој сега, ќе ме скараш со Филипче“. Ќе се јавиме да прашаме зошто нешто што им треба на граѓаните не е набавено, а купено е нешто само за институцијата, ќе ти речат: „Ај сега, уште и со Љупчо Николовски да се расправам“. А ако и покрај сè ја отвориш темата во јавноста, ќе биде „Аман бе, вмровец си станал“.

И така, по принципот „Да, шефе“, градоначалниците велат „кај нас сè е ОК“. Директорите велат „кај нас сè е ОК“. Владата ужива во успехот оти нели, „сè е ОК“. А и ако има потреба да се смени нешто за доброто на сите, пратениците во Собранието ќе се соберат само за нивно добро – да го сменат Изборниот законик за да ја отепаат конкуренцијата.

3 Така си живееме во магичниот партиски круг на послушни или неспособни кадри, а многу често тие се комбинација од двете – ем послушни, ем неспособни.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска не е сменета затоа што не си ја вршеше својата работа. Напротив. Ја вршела повеќе од тоа што испланирала. Сменета е затоа што се скарала со лидерката на партијата ДОМ Маја Морачанин.

Пред тоа, Владата го разреши директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски не затоа што не си ја вршеше работата. Напротив, добро си ја вршеше. Го сменија зошто на Заев му рече „Не, шефе“, затоа што не сакаше да вработува од „рамковните“ оти не му требаа.

Токму на овие две разрешувања, СДСМ и другите ѓоа демократски партии од власта, си ја покажаа басмата. Граѓанките и граѓаните се задоволни од директорите на двата инспектората, ама партијата не е задоволна. Иако, тие не се поставени како директори за да ѝ служат на партијата, туку на граѓанките и граѓаните.

Башка муабет е зошто инспектори мора да бидат врзани со партија? Зошто воопшто директори, кои било директори, на школи, на градинки, на Катастар, на Завод за статистика, на дирекции за туризам, на Брза помош, на болници се менуваат ако добро си ја работат работата? Политиката се води во министерствата, не се води по стручните институции. Толку ли не можат да си ги зауздаат партиските кадри? Па некои од нив ни идеологијата на партијата не ја практикуваат, а се сликаат на Фејсбук како плаќаат членарина.

Ова е толку бесрамно. Веќе не се ни кријат. Каква порака праќаат кога официјално викаат дека директорката е разрешена оти нејзиното место ѝ припаѓа на некоја партија за поткусурување и правење кворум во Собрание? Дека нашите животи, и буквално, зависат од полтрони чие директорување се сведува на „Да, шефе“, „Не ме карај со шефот“ и „Да си ја повозам уште еден мандат службената кола“.

Па не го турнавме ВМРО-ДПМНЕ од власт затоа што е ВМРО. Туку затоа што ни пречеа практиките на владеење и сакавме да го смениме системот во кој партијата беше над сè.

4 Кога на почетокот на летото напишавме дека „ер тракторите“ не се сервисирани, дури и колегите на работа ми рекоа: „Де бе Горан, ова само тебе те интересира“. И навистина. Текстот не беше нешто многу исчитан. Чуму возбуда ако ништо не гори.

Исто е и кога по сто пати пишуваме дека со урбаниот хаос некој ден ќе изгориме, затоа што и сега во некои делови на Скопје нема пристап за пожарните возила и за брзата помош. Никој не се вознемирува, вклучително и тие што купуваат станови во тие маала. Кога на еден градоначалник, во неформален муабет му реков дека „Не дај Боже, ако има земјотрес и ако некоја зграда се урне нема да има пристап да дојдат спасувачки екипи“, тој ми рече: „Де бре, ама си фаталист, па од нешто мора да се умре“.

На крај доаѓаме до – дај Боже да не ти затреба државата. Ама, ете судбина, и Господ понекогаш не е милостив.

АУДИО ВЕРЗИЈА

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира