МАЈА ДА КАЖЕ

„Ама, мене Берлин така ми рече да ви кажам“

    МАЈА ДА КАЖЕ

    1 Добрата вест неделава е што Македонија уште не го допрела дното. Оти, со овој претседател и со ова судство допрва ќе паѓаме. А и Али Ахмети искрено си кажа: Не знам во кој правец сме тргнале. Убеден сум дека власта допрва ќе смислува нови пакости што треба да ги направи Ѓорге Иванов за да ги спаси.  Затоа што, во овој хаос во државата само врхушката на ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи и мисли за утре. За нивното утре да не биде во затвор.

    Што ако Заев му донесе на Ѓоле 61 потпис? А Ѓоле не смее да му го даде мандатот? Ќе му бара ли вештачење од графолог? Или ќе рече: „Ги имам потписите, ама мандатарот не ми даде гаранција за унитарноста и за системите за безбедност на државата“. Или, едноставно нема ништо да рече. Нема да му го даде мандатот на Заев. Што му можат?

    И навистина, што му можат? И кој му може? Зошто на човек кој минатиот април помилува 56 функционери и нивни блиски за да ги спречи истрагите против нив за тежок криминал, па после сам си ја повлече аболицијата, сега би му било глупаво да не го дава мандатот на некој што не се вика Никола Груевски?

    Нашиот проблем е што ние секогаш одново се чудиме за тоа што го прави Иванов. Нашиот проблем е што уште се чудиме дека претседателот е професор по право, а тој го крши правото. Дека наместо да работи за државата, работи за партијата што го избрала. Поточно, не работи ни за партијата. Работи за врхушката на партијата, што ја киднапирала и партијата и државата. Нашиот проблем е што ние упорно не сакаме да сфатиме дека Иванов само затоа е станар во вилата на Водно.

    Конечно, нашиот проблем е што, и по минатогодишната лекција со аболицијата што ни ја одржа професорот, сега и на лекцијата за креативно толкување на Уставот му играме мајтап. А работата не е за смеење.

    2 Иванов рече дека уставотворецот му оставил простор на претседателот слободно да си го толкува член 90 од Уставот на кого треба да му се даде мандат за состав на нова Влада. И Ѓоле креативниот, откако Никола Груевски не успеа да состави парламентарно мнозинство, смисли консултации. Демек, државникот се консултира. Па денот го почна со претседателот на Уставниот суд. И го продоложи со претседателите на партиите што освоиле пратеници во новиот состав на Собранието. А го заврши со средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

    Многу креативно. Го остави Груевски за крај, за да може да му даде рапорт од белешките што ги фаќал. Да ги искодоши другите што зборувале.

    Макар што, бидејќи неговите не оставаат ништо без контрола, не е неверојатно да го снимале додека разговарал со Заев. А Груевски на крај отишол само да го испита дали сè ќе му раскаже.

    3 Во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги испитува странските амбасадори дали тие лично сметаат дека не треба да има нови избори. На ред за распит во палатата на ВМРО-ДПМНЕ стигна и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

    Според соопштението што го издаде партијата, се гледа дека ја подбрале госпоѓата амбасадорка со вкрстено испрашување. Едно прашање Никола Груевски, второ прашање Никола Попоски. Кажи, а, кажи, ти ли мислиш дека не треба да има нови избори? Амбасадорката се воздржувала, давала отпор, ама на крај на двајцата Николи морала да им признае: „Ама, мене Берлин така ми рече да ви кажам“.

    Што си мислат Груевски и Поповски? Дека германската амбасадорка си седи на кафе со другарките и така си гради официјални ставови? Дека ќе ја искараат и ќе објават соопштение за сѐ што збореле со неа и официјален Берлин ќе го смени ставот? Дека после такво соопштение официјална Германија ќе почне да поддржува нелегално прислушување, корупција, партиско судство, криење убиства и неказнивост на функционери што краделе од народните пари? Или, си мислеле дека ќе ги импресионираат со тоа што со тие пари инвестирале во една од најскапите германски коли, сосе очилата за шоферот и екранчињата за децата?

    Зарем после 10 години на власт на Груевски уште не му е јасно како функционира вистинската дипломатија? Или, си мисли дека како тој што ги поставува кај нас, и таму државите си ставаат другарчиња од партијата да бидат амбасадори за да си ги дошколуваат децата во странство.  А некои и да прошетаат малку и да се радуваат по светот. Како оној Перо, министерот што го пуштија во Австралија да си купи лап-топ за да му го украде љубовницата. Или оној што го пратија во Женева, па пијан возеше во спротивен правец. Или оној што беше амбасадор во Прага, па избега како амбасадор и го снема? Или за оној конзулот во Њујорк што се тепал по барови и фалсификувал документи за виза, па Американците побарале да си го прибереме.

    4 Ај со амбасадорката, туку тие и со службеници почнаа да се караат за мандатот. Кога ѝ се запнаа на портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич да објасни што мислела под поимот широка коалиција, жената око не склопила загрижена за судбината на Груевски. „Маја да каже, па Маја да каже…“

    Што има Маја да каже? Таа е портпарол. Го пренесува ставот на Европската комисија. Поточно, на Владата на ЕУ. Може Маја и да е вљубена во Груевски, ама за нејзиното лично мислење никој не ја прашува.

    5 Како што Груевски проверува дали Германија стои зад ставот на Германија, така проверува и дали САД стојат зад ставот на САД. Ама за разлика од амбасадорката Алтхаузер, амбасадорот Бејли овој пат не се ни потрудија да го викнат на распит.

    Си плаќаат тие во Америка лобисти. ВМРО-ДПМНЕ до сега потрошила 1,7 милони долари за лобирање во САД. И како партија на власт, никој не ги прашува за потеклото на парите.

    Затоа и можат да си платат некој конгресмен да каже нешто убаво во корист на слободата на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и да го објават на тукашните медиуми. И ќе го престават како „водечки“ конгресмен кој побарал Трамп да го смени Бејли. За разлика од другите „неводечки“ 434 конгресмени.

    Така пуштале Американците амбасадори. Тој што го планираат да дојде после Бејли сигурно веќе наголемо учи македонски. Ама, за земја што е лидер во регионот само „водечки“ конгресмен може да добие пари да излупа глупости.

    6 Специјалното јавно обвинителство побарало од Основниот суд во Скопје да издаде налог за претрес кај неколку сегашни и поранешни функционери. Нормално, судот не издаде налог. Прво, за секој случај го смени дежурниот судија. А потоа пет дена одлучуваа што да направат.

    После пет дена можеа и да дадат налог за претрес. За пет дена функционерите под истрага можеа и да се иселат, па и молерај ќе направеа. За да се покријат трагите од сликите.

    Па за тие пет дена може и Груевски ќе успееше да состави влада.

    7 Во Романија, стотици илјади луѓе со денови протестираат против указот на Владата со кој државни функционери ќе лежат затвор само ако украле над 44.000 евра.

    Кај нас ГДОМ со денови протестираше во корист на функционери осомничени дека украле милиони евра.

    Има разлика.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

     

     

     

     

     

     

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира