МАЛКУ РАСИПАНИ

Народ што има изрека „Да му умре козата на комшијата“, не треба да се чуди на говор на омраза во лоши времиња

МАЛКУ РАСИПАНИ

1 Зошто е потребно јавноста да реагира будно, па етичкиот дел на министрите и другите државни функционери да се разбуди? Зошто етичкиот дел не им се разбудил уште пред да стапат на функција, а особено откако стапиле?

Премиерот Зоран Заев рече нема да бара оставки од државните функционери кои добиле грантови за иновации преку владината програма за економски раст, затоа што тие не го кршеле законот.

„Ако така бараме оставки, потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“, изјави Заев и се дообјасни дека „со законот е дозволено сите фирми да аплицираат, а кога јавноста реагирала будно, етичкиот дел на самите министри и на другите функционери се разбудил, тие сами ги повлекле апликациите на фирмите во кои што имаат  свој удел, а еден дел од нив тргнале да ги продадат своите удели“.

Што сака да каже Заев? Дека ние сега треба да сме среќни што Владата реагира на „будното око на јавноста“? За разлика од претходната влада која што не ни реагираше. Или кога јавноста реагираше власта ја замолчуваше. Јас пак, мислев дека ние треба да сме среќни ако Владата воопшто и не се осмелува да прави вакви бели за да мора јавноста да реагира. Оти јавноста е разбудена. Затоа и ги гласавме.

Заев уште рече: „Мене ми требаат овие функционери, јас работам со нив, ги знам нивните капацитети и драго ми е што реагираат вака за да повлечат апликации и да дадат шанса при одлучувањето за сите други компании“.

Значи, премиерот не можа да се откаже од тие функционери? А што правиме ако обвинителството, што веќе покрена истрага, открие и криминал при делењето на парите? Тогаш ќе може ли да се откаже? Е, тогаш ќе мора да се откаже од нив. Ако не, ќе мора сам од себе да се откаже. Додека ние не се откажеме од него.

2 Истиот случај е и со тендерот на Министерството за здравство од 35 милиони евра. На кој се пријавила само една фирма регистрирана пред 4 месеци. И со контакт имејл адреса на јаху. Ако очекувале дека можат да добијат 35 милиони евра за да ги снабдуваат сите лаборатории во земјата, тогаш можеле барем да си купат еден сервер и да си отворат професионална имејл адреса.

И за овој тендер имаше будна реакција на јавноста. Па министерот за здравство Венко Филипче го поништи.

И по овие два последни случаи на функционери на кои мора да им се свитка раката за да им се разбуди етичноста, сакам да потсетам дека секогаш, а особено кога си на власт, разлика во квалитет има помеѓу расипан и нерасипан. А не меѓу помалку расипан и повеќе расипан.

3 Кога сме веќе кај Фондот за иновации, не е иновативно доблесно да се повлечеш дури откако ќе те фатат дека имаш конфликт на интереси. Туку, ако си државен функционер доблесно е да не се јавуваш на повикот.

И што направија сега? Поради неколку фирми на државни функционери што добиле грантови, изгореа останатите седумдесетикусур компании. Нечесно е Владата да те убедува да аплицираш за државна помош за развој, а со своето однесување да го оцрнува кредибилитетот не само на инструментот за помош, туку и на компаниите што аплицирале со проекти, немале никаква врска со државни функционери и добиле грант.

На овој начин, државата ги злоупотребила своите граѓани и нивните пари. А својата идеја за помош ја помножила со нула. И што е најстрашно, од тоа не страдаат функционерите. Оти нели, му требаат на премиерот. Туку страдаат тие што решиле да понудат продукт кој може да се развие со државна помош. Фирми што со децении се борат да опстојат со сите влади и во кои вработените си ги заработуваат платите и плаќајќи даноци ги враќаат назад во државниот буџет, сега се искомпромитирани поради некои фирми што се формирани откако е распишан огласот, или нивните косопственици се државни функционери што не можеле да се воздржат и да не се пријават уште на првиот оглас.

Што кажува тоа за државата? Дека човек не треба да има ништо со неа.  Ова само ја засилува перцепцијата која отсекогаш постоела. Дека сѐ што работиш со државата е нечесно. И таа нечесност јавните функционери ја налепуваат на сите. Па оди после исчисти ги нивните гомненици што и тебе ти ги залепиле.

4Конечно и пратениците реагираа на будното реагирање на јавноста. Па после година дена будни реакции, си ги намалија патарините за една третина.

Арно ама, донесоа нов закон за финансирање на партиите. Со кој го зголемија уделот од државниот буџет што ќе им се доделува на партиите според бројот на освоени гласови. До сега за партиите сите плаќавме 1,9 милиони евра. Од сега ќе плаќаме 4,7 милиони евра. И со законот го легализираа тоа што нелегално го правеа и до сега. Партијата сега има право да купува имоти. Плус, сега од нашите пари ќе им ги плаќаме и рекламите за изборните кампањи.

Танте за кукурику. Нас тоа ништо не ни менува. Наместо да плаќаме за пратенички патарини, ќе плаќаме за партиски имарини.

5 На тие што си мислеа дека ВМРО-ДПМНЕ е многу загрижена за името, идентитетот и референдумот сега може да им олесни. Уште повеќе може да им олесни на тие што мислеа дека ВМРО-ДПМНЕ барала амнестија само за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.

Не бе, тие биле загрижени за заштита на минатиот труд на нивното раководство, инаку сега обвинето во дваесетина случаи на СЈО. За крадење државни пари и за крадење на избори. Настрана, за прислушување. Новото раководство барало амнестија за крадењето на старото раководство.

Само што, Христијан Мицкоски тоа не го вика амнестија. Туку убаво ја склопил фразата „усогласување на кривичниот закон со европското законодавство“.

За кои европски стандарди на крадење станува збор? Ако сте краделе да ви се намалат казните и да ви се скуси рокот за застарување на делата.

Значи – сте краделе. Чувме, а сега и самите признавте. Уште само на тие што се осудени пресудите да им станат правосилни. А тие што се обвинети, да бидат осудени. И истрагите да завршат со обвиненија. Толку треба, па да почнеме одново.

6 Што се чудите дека имало многу  говор на омраза по социјалните мрежи по пожарот во Грција во кој загинаа над 80 луѓе?

Народ што има изрека „Да му умре козата на комшијата“, не треба да се чуди на говор на омраза во лоши времиња. Во секој народ има добри и лоши луѓе. Ама општото ментално здравје се мери според тоа што прават добрите за да не победат лошите. И за општото ментално здравје не значи ништо ако само се згрозуваме. И во име на тоа ментално здравје, навистина се надевам дека обвинителството конечно ќе испроцесуира обвинение што ќе заврши на суд.

7 И како што не треба секој пат одново да се чудиме на секој изблик на лошотија, не треба ни секој ден да се чудиме и зошто беше потпишан договорот со Грција. И зошто референдумското прашање е врзано со влезот во ЕУ и НАТО. Оти, има само една причина зошто е потпишан договорот со Грција. Заради влез во ЕУ и НАТО.

Мене, на пример, многу повеќе ме чуди зошто ВМРО-ДПМНЕ, која од независноста до денеска нѐ отече со референдум за името и којзнае колку избори доби на тоа прашање, сега не сака да излезе на референдум?

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира