НИШ ЕКСПРЕС

Ниту атер кршат, ниту работа вршат.

НИШ ЕКСПРЕС

1 Хит на неделата ми е дека ќе се гради брза пруга Скопје-Ниш. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт Благоја Бочварски заминаа во Белград да потпишат меморандум со Србија, за да бараат пари од ЕУ за изградба на пруга. Море вино се пиеше, море песни се пееја, достоинствено се одбележа намерата во иднина од Скопје до Ниш да се патува со воз за два часа.

Два дена претходно, попушти мостот на реката Црна на пругата кон Гевгелија, па останавме отцепени од Солунското пристаниште. Единствениот воз за Битола не оди оти се расипа локомотивата. Нашиот дописник од Велес секој ден се јавува со приказни за авантурите од Македонски железници. Сега почна и експерти да бара со прашање кога ќе го поправат мостот. Дури, ми се чини дека ние излеговме позагрижени од македонската Влада што цело стопанство трпи загуби оти му е прекината врската со Солунското пристаниште. Тие фабриките од Технолошките и развојните зони со кои се фали Владата како ќе ги увезуваат суровините, како ќе ги извезуваат готовите производи?

Ај што не одат патничките возови – не одат. Да си мислиме дека е виша сила тоа што одамна не можеме да стигнеме со воз ни до Солун, ни до Битола, ни до Кочани, ни до Кичево. Ама со товарниов сообраќај што правиме? Оската Скопје-Солун и Битола-Солун со векови била главна сообраќајна артерија. Првиот воз на Скопската железничка станица дошол од Солун во 1873 година. Султанот Мехмед V Решад стигнал со воз во Битола во 1911. Пругата издржала и распад на Отоманската империја и две светски војни и распадот на Југославија, ама се распадна сега во време на владеење на СДСМ и ДУИ.

Мислите дека некому му е гајле за пругата кон Грција во ситуација кога Владата е на перонот за брзиот воз кон ЕУ? Џабе секирација сега, кога ене каде е 2030. Башка што, Солун ионака е наш. Само што сега не е достапен. Кој да му ја мисли сега на железничкиот мост на Црна, кога не е пристојно да му се крши атерот на Александар Вучиќ? А СДСМ си се познати по тоа дека ниту атер кршат, ниту работа вршат.

2 Ако некому сè уште не му било јасно како корупцијата ги загрозува нашите животи, и тоа буквално, еве го примерот со продажбата на државно земјиште за изградба на 17-катница во болничкиот комплекс кај болницата „8 Септември“ во Скопје, речиси во дворот на Поликлиниката „Букурешт“ на локација што во минатото се корисела како болнички хелиодром за итни случаи, спасување и трагање.

Да блокираш пристап до државна здравствена инфраструктура со приватна зградурина од 400 стана и дуќани, не значи дека чавки ти го зеле умот, туку значи дека си длабоко корумпиран и дека те интересира само сегашниот момент, да заграбиш што повеќе додека си на власт. Како ли само добија идеја дека ова државно земјиште меѓу болница и поликлиника треба да се даде на продажба? Овој случај е најдобар пример на корупција од централна до локална власт, од градоначалник, општински Совет, општинска администрација, Влада со повеќе министерства па сѐ до Конзерваторски центар, и тоа во континуитет на повеќе влади, од ВМРО, СДСМ, ДУИ сосе нивните сателити.

Вистинско злосторничко здружение.

Нов Клинички центар не направивме. Овој постојниов е задушен и не може да му се пристапи баш од алчноста да се изора Водно за да се направат чудовишта од станбени згради, а остана истата улица на која пациентите умираат додека уште се во возилата на Брзата помош на пат за болница. Старата Градска болница во центарот на Скопје веќе е задушена поради алчноста на МПЦ со своето земјиште да влезе во градежен бизнис и да продава станови и дуќани. Поповите, а и тој што им ја дал дозволата за градба на три дваесеткатници, мислат дека Господ ќе ни помага ако од некоја сообраќајка треба да нѐ одвезат во тој ургентен центар. Кој да мисли колку стана се тоа, колку коли и на кои улици и на кои мостови ќе излезат тие станари.

Уште просторот околу „8 Септември“ остана колку-толку пристапен за  спас по големи катастрофи и масовни несреќи, а сме ги имале изминативе триесет години, и авионски несреќи и автобуски несреќи и поплави и војни. Ќе го изгубиме и тој простор. Зошто? За едно станче? За две станчиња? За дуќанче? За спас на коалицијата? Зошто? Сите губиме пристап до болница. Зошто? Зошто требало да се искешира моментот додека си на власт.

Батали стратешки интерес дека државата треба да сочува барем едно парче земја кое ќе биде нејзино, ако утре не дај боже треба да постави болнички шатори, или ако сака да си ги прошири сопствените болнички капацитети, да изгради уште некое болничко крило. Иако, земја-членка на НАТО треба да води сметка и за безбедноста на стратешките објекти. Батали и тоа што зградата на поранешната Воена болница е заштитена како архитектонски споменик. Еве тоа нека е помала грижа, иако нормална држава би водела сметка и за културното наследство. Ама, како бре не им е шубе за сопствениот живот?  Убеден сум дека  не им фалат пари за да се лекуваат во странство. Ама што правиме кога утре можеби баш нив ненадејно ќе ги стегне срце, ќе добијат напад на бубрег, жолчка, ќе паднат дома, ќе се скршат на улица, ќе се прејадат… Каде ќе ги носат кога ќе им се слоши? Ќе ги телепортираат ли во странство? Со холограм ли ќе ги лекуваат?

Па и тие станчиња, со кои си ја смируваат сопствената совест дека им се за децата. Свесни ли се  дека поради нивната корумпираност, и децата ќе им живеат во град во кој нема да можат да си ги спасат ни сопствените родители кога ќе треба да ги носат во болница?

3 Туку, што возови, што болници… Поштата е во бетер хаос од железницата. Во Отоманско време кога осудениците ги праќале сургун во Анадолија, стигале писма дома. Во Македонија со успешен скрнинг на кластерите за ЕУ, ни писма не стигнуваат поради корупција.

А евроамбасадорот Дејвид Гир само последнава недела три пати кажа дека изгорената зграда на Пошта 1 во центарот на Скопје е заштитен културен споменик, ставен и на европска листа на загрозени споменици и нѐ моли да ја реновираме. Па нас и УНЕСКО толку години нѐ моли да го спасиме Охрид сосе езерото, ама корупцијата не ни дава.

Ѝ се чудам на упорноста на евроамбасадорот. Кој да ти мисли, во овој историски евро-момент, на некоја си поштенска зграда кога централната и локалнитте власти се презафатени. Товарат како да ќе нема утре.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира