НОЌНИ ГОСТИ

Ако се почитува Уставот и правниот поредок, најмалку што можат да направат институциите е да го повикаат Иванов како сведок за организираниот напад на Собранието. Ако веќе не го обвинат.

НОЌНИ ГОСТИ

1 Не знам што мисли Ѓорге Иванов да постигне со оние ноќни седенки во вилата на Водно, каде што ги собира државниот врв и лидерите на партиите да си прават муабет за организираниот напад на Собранието на 27 април. А дека не мисли ништо добро е јасно од содржината на соопштението. Дека барале „решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.

Каква тензичност? Каква загриженост? Само кај Иванов има тензичност. И кај Груевски и оние неколкумина што останаа со него. Уште ли Иванов ќе нѐ плаши со силата на Груевски, кој кога ќе ги викнеше неговите клиенти да не седат дома по влечки и да излезат да го бранат, се покренуваше цела државна машинерија на чело со МВР? И сосе претседателот на државата.

Не знам што мисли и лидерот на СДСМ Зоран Заев кога оди кај Иванов да му го спушта притисокот. И уште колку вечери ќе му оди дома да му ја смирува загриженоста, оти имало „политичка микрокриза“? Ако нема попаметна работа, нека оди.

Ама, знам дека разрешница за 27 април мора да има. И тоа е единствената загриженост кај граѓаните овие денови. Дали ќе ја дознаеме вистината? Тоа е многу поважно од пресудите што ќе следат. Што се случи? Чија идеја беше? И кој го организираше нападот на Собранието?

Како што 27 април е историски настан, така и неговото расветлување мора да биде историско. Само од тоа ќе зависи враќањето на довербата во правниот систем. А со тоа и враќањето на довербата во државата. И ако сега се ценкаат со правдата, дури тоа ќе направи тензичност. Е тоа предизвикува загриженост. Оти, тоа ќе значи дека 27 април пак ќе може да се повтори.

2 Со колкава еуфорија вмровците го бранат Никола Груевски, кај и да ѐ само уште Ѓорге Иванов ќе му остане. Изгледа дека долгот е голем, па мора уште да се враќа. Само уште тој се обидува колку-толку да му го продолжи рокот на траење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Не дека и тој не би се откажал. Ама не може. Заедно ни го смислија злото во кое што сите нѐ фрлија. Па од тоа зло, сега еве и нивните поддржувачи почнаа да одат курбан.

Претседателот Иванов уште еднаш се обиде да го релативизира фактот дека на 27 април се случи обид за уривање на уставниот поредок. Тој и натаму ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“ што заврши со организираниот напад на Собранието. Уште ни раскажува приказни за „граѓани кои се сплотиле зад идејата за заштита на државата“. Добивал информации за „политички и партиски реваншизам“. И вели дека „нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонски судир“. Демек, ако се степаат Македонци и Албанци, тоа е нормално, ама ако се степаат Македонци што бараат правда и Македонци што штитат криминалци – е тоа е веќе трагедија.

Чекај малку. А улогата негова во меѓумакедонскиот судир? Ја памти ли? Да се потсетиме на 12 април, 2016 кога потпиша аболиција за Груевски, за да го спаси него и неговата криминална дружина. Па после, измислуваше криви дрини за да не му го даде мандатот на Заев кога го обезбеди парламентарното мнозинство. И сега тој Иванов, што цело време долеваше масло на огнот и ја разгоруваше кризата, ќе зборува за сплотени граѓани, меѓумакедонски судир и реваншизам.

Конечно, да не заборавиме како се однесуваше Иванов на 27 април вечерта. Кога неговите граѓани „сплотени зад идејата за заштита на државата“ го влечеа Зијадин Села мислејќи дека е мртов низ ходниците. Што правеше тогаш Иванов? Чекаше да му јават дека и Заев е убиен, за да може да прогласи вонредна состојба. И после, кога Заев сепак остана жив, ги викна лидерите на лидерска средба. Едниот полумртов, другиот со скршена глава. Да се видат со кого? Со неговиот лидер, што беше на безбедно во Виена и цело време се слушал со Чавков.

Нашол баш истиот тој Иванов да ги повикува „институциите да го почитуваат Уставот и правниот поредок на Македонија“. Ако се почитува Уставот и правниот поредок, најмалку што можат да направат институциите е да го повикаат Иванов како сведок за организираниот напад на Собранието. Ако веќе не го обвинат.

3 Не ме чуди што во обидот за релативизација на 27 април и Никола Груевски зборува за одмазда. Во иста шупелка дуваат. Па уште и посегна по децата на обвинетите. И по нивните професии. Се чуди оти оперски пејач апселе. И оти имал три деца. Па не го апсеа оти лошо пеел. А за тој што нема деца, па, се изначуди како го апселе, а бил архитект. Вика „замислете оперски пејач, замислете архитект“. Нема што да замислуваме. Ги видовме. Влегоа да убиваат во Собрание. Тие таму немаа ли деца? На телевизија во директен пренос гледаа како сакаат да им ги убијат родителите.

Уште колку човечки судбини ќе носи Груевски на душа само за тој да куртули?

4 Вмровците толку го уништија и новинарството што дури и своите медиуми ги оставија неописменети, па пред некој ден во оние извештаи за „теророт“ што го прави СДСМ го прочитав и ова: „Членови на ВМРО-ДПМНЕ биле насилно задржувани на работните места само за да не дојдат на протест“.

Замислете. Во 13.30 ги тероризирале со тоа што морале да бидат на работа. Груевски изгледа стварно не е свесен што му се случува. Тој кога ќе викнеше на протест среде работно време се знаеше – се гасат компјутери, се викаат автобуси, се праќаат смс-ови со закани дека ќе се изгуби работата, се заокружуваат списоци, се прават селфиња, се пуштаат на Фејсбук, сендвич, сокче, екскурзија до Скопје.

Прашање е само колкумина од тие што добиле работа со партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ сега се спремни да си го ризикуваат работното место, за да одат да го бранат Груевски да не оди в затвор. Па бранејќи го, тие да завршат в затвор.

5 Фино што министерот Дамјан Манчевски најави дека нема да има отпуштања од јавната администрација. Ама, не ни кажа дали тие што не доаѓаат на работа уште примаат плата. И кај му се вторите смени.

Ако продолжиме на сите да им ја обезбедуваме платата, очекувам идната година ова време државата да ни функционира како часовник. Швајцарски.

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари