ОСУМТЕ ТАСТЕРИ

Кога ќе победам со 80 пратеници ќе ја извадам Македонија од НАТО. И никогаш нема да станеме членка на Европската унија

ОСУМТЕ ТАСТЕРИ

1 „Ќути, дома ќе бидеме за Нова година. Јас си викав леле во затвор ќе требаше да славиме“, се смееја обвинетите од општинската администрација на Гази Баба, кои според обвинението на СЈО биле поттикнати од тогашниот градоначалник Тони Трајковски да го урнат објектот „Космос“ како одмазда дека Фијат Цаноски ја напуштил коалицијата со Груевски.

Е токму со таа една реченица: „Јас си викав леле во затвор ќе требаше да славиме“ симболично може да се затвори оваа година која ќе ја паметиме во славното предвремено умирање на некогаш славното СЈО.Си заминува уште една година во која по којзнае кој пат се покажа гнилоста на правосудниот систем од тефетерчињата, партиските списочиња и сваровски  поклончињата. Со сите поротници пред пензија, адвокати што не знаат македонски и неодржување рочишта повеќе од три месеци за судењето да се врати на почеток. И со претепување на обвинетиот поранешен градоначалник Тони Трајковски ден пред да се пензионира поротничката за да не може да му се изрече пресуда и судењето да се врати на почеток.

Па уште и никој не верува дека обвинетиот е стварно натепан. Па онака заџигерен по лицето самиот си пушта слики по медиуми за да му ги видат повредите. А фејсбук форензичарите истражуваат како е можно модринките да се само од едната страна на лицето.

Зошто толку сомничавост? Зарем не ви текнува дека вмровците пред камери пиеја вода од Дојранско Езеро и си ги крштеваа децата за да докажат дека не е е загадено.

2 Должниците ќе бидат ослободни од долговите. Криминалците добија амнестија. Верниците си имаат екстра слободни денови. И како така Заев на сите им простува, со оние што сакаа да го убијат се помирува, само на директорката на МНТ не ѝ простува. За сите лепче да има, ама за директорката Симона Угриновска петнаесет отсто намалена плата. Оти ги пуштила навивачите од групата „Шверцери“ да гледаат документарен филм во театарот. Тие не дошле со намера да кршат столчиња. Тие дошле да гледаат филм на покана на Владата и си се однесувале како што си се однесува навивачка група. Оти настанот беше организиран од Владата по повод Денот на албанската азбука.

И не станува збор само за казната дека директорката не направила договор со Владата. Туку, ако „Шверцерите“ не ја платат штетата, директорката ќе ја плати. А како ќе платат „Шверцерите“ кога немаат договор?

Баш ме интересира како течела расправата во Владата за казнувањето на директорката. Каков став заземал инспекторот за двојазичност Бујар Османи? Шверцерите не треба да платат, оти тоа е и нивен театар. Министерот за култура Хусни Исмаили се правел наудрен, оти тој не е од ДУИ, па баш му е гајле што прави Артан Груби за културно освестување на „Шверцерите“. Оливер Спасовски зуцнал ли нешто во одбрана на директорката? Тоа настанот што бил организиран од Владата го обезбедувале редовни полицајци, или шумарите на Али Ахмети се симнале од планината?

И сега што излезе? Директорката ќе плати оти Владата ѝ дошла на гости и ѝ ги искршиле седиштата. Директорката да плати оти Владата дивеела.

3 Има ли човек што верува во ветувањата на Христијан Мицкоски дека кога ќе дојде на власт ќе го ревидира Преспанскиот договор? Сигурно има, штом лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како што се ближат изборите изјавува дека ако на изборите во април освои двотретинско мнозинство „ќе направи чекор назад“. Што и да му значи тоа.

Вака ќе било, онака ќе било… Осумдесет пратеници ќе имаат.  И Бадинтерово мнозинство. Па советниците на ВМРО-ДПМНЕ по општините бојкотираат седници оти на документите пишува Северна Македонија. Па Заев да бил шпицен играч, па партиските органи едногласно решиле Мицкоски да бил мандатар за нова влада. Па промената на името никогаш не била услов за членство во НАТО. Па вмровците на Мицкоски ќе направат брзи реформи и така брзо ќе влеземе во ЕУ и ќе седиме на иста маса со Грција…

Премиерот Зоран Заев промовираше книга со детски раскази „Моето патување во Фантазија“. Меѓу нив ги нема расказите на Мицкоски и Александар Николовски.

Се слушаат ли што зборат? Ај тие што зборат. Туку, гласачиве, слушаат ли што им ветува ВМРО-ДПМНЕ? Имаат контакт со реалноста? Или само по партиските гранапчиња се собираат? Мицотакис не успеа да го ревидира Преспанскиот договор. Ама Мицкоски „ќе направи чекор назад“. Што и да му значи тоа. Ќе ревидира договор со печат на Америка и на Европа.

Туку, ако веќе Мицкоски собира храброст да го каже прецизно тоа што избегнуваше да го каже за време на референдумот, ај нека се одважи и нека каже што му значи тоа „чекор назад“.

Што не си каже искрено, барем еднаш да го чуеме јасно да се изјасни: Кога ќе победам со 80 пратеници ќе ја извадам Македонија од НАТО. И никогаш нема да станеме членка на Европската унија. Фразата „чекор назад“ , што Мицкоски ја продава како патриотска платформа, преведена на разбирлив македонски јазик значи: Ќе работам против Македонија во ЕУ и против Македонија во НАТО.

4 Тоа е оној познат синдром на самоуништување. Мудросерите што гледаат од морални висини не се секираат дека вмровските зулуми останаа неказнети. Не се бават со бруталната опструкција на правдата од вмровските инсталации по судовите и обвинителствата.  Важно е само на Заев маана да му се најде. И да се каже: Сите се исти. И – не ви гласам.

Па после кога ќе дојде Мицкоски нему нека му бараат маана. Ама од истите морални висини. Оти, во времето на Груевски висината им беше нешто пониска.

5 Градот Скопје доби тастер. И тоа не било каков тастер, туку копче на семафор што, замислете чудо, може да го притискаат пешаците, за да ги запрат колите и да преминат на пешачки премин. За софистицираноста на тастерот на прес конференција пред семафорот се обрати градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Во неговиот говор тој истакна дека тоа е прв тастер за пешаци во Скопје. Но, аналитичкиот тим на нашата редакција, под раководство на уредникот за проверка на факти откри дека ова е втор тастер. Првиот тастер е ставен многу одамна, некаде на почетокот на овој век на булеварот Илинден пред старата амбасада на САД. Откако некои сограѓани во 1999 ја запалија амбасадата, нашите аспирации кон НАТО станаа реалност на тој начин што тогашните градски власти им ставија тастер на американските службеници да можат безбедно да одат во спротивното кафуле.

Од Кабинетот на Шилегов се пожалија дека медиумите погрешно ја пренеле веста. Овој новиов тастер не бил прв во градот, туку бил прв од осумте тастери што ќе се поставуваат. Што дава дополнителна тежина на ова технолошко остварување. И не само тоа. Симболично, тастерите одржуваат историски континуитет. Првиот тастер бил на булевар Илинден. Вториот тастер е на булевар Србија. Третиот би требало да биде на АСНОМ. Четвртиот на булевар Осми Септември…

Осумката е судбинска бројка за Македонија. Имаме осуммина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за Договорот  од Преспа. На преминот од комунизам кон капитализам во доцните осумдесетти ги имавме осумтемина од СВР како предвесници на демократизацијата. И сега, при влезот во НАТО, ќе добиеме осум тастери.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира