ПЕШАДИЈА И КОЊАНИЦА

Што е Талат да вика: „Јас кога ќе одлучам, тогаш!“ Така и Трајко Вељаноски се занесуваше четири месеци

ПЕШАДИЈА И КОЊАНИЦА

1 Многу ме интересира како им текна на Христијан Мицкоски и новите пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да тргнат на Водно среде август, на плус 30 степени, да бараат објаснување од претседателот Стево Пендаровски зошто му го дал мандатот за состав на влада на Зоран Заев. Како тече процесот за донесување таква одлука? Како тоа, си седеле на фотелјите во тоа белата палата под портретот на некој револуционер и оп, им светнала идеја – ај да му се качиме ние на Пендаровски. Кому прв му текнало, дали некој се побунил, дали некој имал друга идеја…

Мора да било спонтано, според тоа како беа облечени. Не се качува на Водно по бели кошули, по фустанчиња и штиклички. Госпоѓите се дотерале ко за прва прес-конференција за пред камери, да ги видат на телевизија, а Мицкоски ги спотера да се качуваат на планина.  Ни капчиња немаа, белким им останале од тоа промотивните материјали за избори. Ко дамла да ги имаше удрено, кога ги гледав испоседнати на тревникот под сенките.

Барам разумно однесување за маршот кон Водно и ми текнува дека можеби, едноставно, новата пратеничка група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ почна да го практикува откажувањето од патни трошоци. Отсега натаму, наместо да им даваме пари за бензин и патарини, ќе им купуваме чевли, патики за планинарење и маички низ кои испарува потта.

Ај што го искачија Водно, туку, не видовме како се симнаа. Да беше Игор Јанушев уште директор на ЈСП, ќе си викнеше еден панорамски автобус, барем да си ги издуваат главите од уставните дилеми што ги решаваа додека чекаа под сенките. А можеше и Тимчо Муцунски да ги префрлува еден по еден на тури со тротинетчето. Само Рашела Мизрахи фалеше да се качи на коњот. Па Мицкоски, како воен стратег, да го нападне Водно со мешовити единици – коњаница и пешадија. Оклопно-моторизирана единица немаат од  оправдани причини. Оти командантот на механизираната единица го искористи гепекот за транспорт до Будимпешта. До таму и со коњ е далеку, а не пак пешки.

Ако по 19 дена ВМРО-ДПМНЕ реши да ги одмрзне односите со претседателот, Мицкоски да си се подготви соодветно кога ќе тргне по мандатот. Како му рече Пендаровски? Уште рано сабајле да се качи на Водно, по ладот, да не го фаќа горештината.

2 Продолжуваме со политичките вести од Македонија. Покрај политичкиот земјотрес што го предизвика замрзнувањето на односите на ВМРО-ДПМНЕ со шефот на државата, уште повеќе се испотресов кога прочитав официјално соопштение од Собранието, дека претседавачот Талат Џафери ја одложува седницата, за која му се закани на Заев дека ќе ја закаже, „поради објективни семејни причини“.

Среќа, прочитавме на Фејбсук дека се породила ќерка му Бесиана и го родила Фрашер.

Кога ги искарав во редакција зошто не ја објавиле веста дека седницата на Собранието е одложена затоа што на поранешниот спикер му се родило внуче, ми одговорија: „Ни изгледаше нереална“.

Брзавме на избори, брзавме да имаме нова влада што ќе преземе одговорност, влегуваме во тешка финансиска криза, се бориме со пандемија, не можеме да ги отвориме градинките, ама функционирањето на државата ќе мора да почека.

Остави мнозинството. Туку, поради внучето на Талат не можат да се отворат ни училиштата.  Министерот Арбер Адеми рече дека без функционално Собрание не може да почне школската година.

Туку, му пропадна терањето инает на Талат. Штом Заев се сили дека има мнозинство, Талат сакаше да му покаже дека баш нема и се закани дека ќе свика седница на Собранието, кога – внучето го омекна и му ги поремети плановите.

Сега, на прашање кога ќе закаже седница на Собранието, Талат вика: „Кога ќе одлучам, тогаш. Засега немам никакви планови“. Ете, внучето ги откажа сите планови. Друг пат ќе му покаже на Заев дека нема мнозинство без ДУИ.

3 А што е Талат да вика: „Јас кога ќе одлучам, тогаш!“ Така и Трајко Вељаноски се занесуваше четири месеци пред три и пол години. Викаше: „Тешко се седнува на ова столче.“ Се сеќава ли Талат како беше избран? Кој ја свика седницата на која што тој беше избран за претседател? Талат Џафери е поранешен претседател на Собранието. Сега е претседавач на Собранието. Церемонијална функција. Еден од 120-те пратеници. Не е негова работа да го толкува Деловникот, ниту пак Уставот. Нека прошета до Водно и него да го фати воздух како вмровците и нека дебатира под сенките со Мицкоски, Гордана Силјановска и Тања Каракамишева дали Собранието било конституирано или не.

Ме чуди нивната креативност како им текнуваат сите овие работи, вклучително да искористиш и штотуку родено дете за политичко надмудрување. И како не им е збоктисано од глупости поради кои само се одложува нормалното функционирање на институциите.

Нам ни е здосадено оти си имаме друга работа. А ним тоа им е работа. Замислете. Што би работеле политичарите ако не се бават само со тоа што им е главен интерес. А тоа е – да бидат на власт. Па и по секоја цена.

4 Уште една сериозна вест. Овој пат од енергетскиот сектор. По реакциите за поскапувањето на струјата, државната компанија МЕПСО издаде соопштение со луциден заклучок: „Дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија“.

Збориме за државна компанија која огласува работно место копирант за нето плата од 25.000 денари и во која директор троши илјадници евра за замена на мебел во кабинетот, а главниот услов на тендерот е мебелот да биде од телешка кожа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира