ПОДОБРОТО ЗЛО

Ова веќе не може ни да се пародира, а камоли сериозно политички да се анализира.

ПОДОБРОТО ЗЛО

1 Па добро луѓе, каква е оваа ситуација? Така пее Игор Џамбазов, а и јас цел ден си ја потпевнувам песната „Каква е оваа ситуација?“, барајќи одговор на „прашањето што ја мачи цела нација“. Не е дека не се трудам да сфатам што се случува. Навистина се трудам да бидам сериозен. Ама ова што ни се случува во државава веќе не може ни да се пародира, а камоли сериозно политички да се анализира.

До пред само неколку дена, на секоја критика за неработењето или лошото работење на власта, партиската пропаганда одговараше: „Ако не па, Груевски да го вратиме“. Од пред неколку дена партиската пропаганда има рационално согледување на стварноста па ни вика: „Добро е Груевски да го вратиме“.

До вчера викаа: „Ова зло да не се повтори“. Од вчера веќе нè убедуваат дека добро е злото да се повтори. И тоа – злото да се повтори, за наше добро.

Кога се фалеше Зоран Заев дека кога-тогаш ќе го врати Груевски, ние наивно мислевме дека ќе го врати екстрадиран, или киднапиран, за да го стават во затвор. А тие го враќаат мислејќи дека ќе им помогне да ги внесат Бугарите во Уставот. Демек, за да нè внесе во ЕУ го враќаат.

За ЕУ, за која сите мислевме дека е симбол на правда, власта ни донесе неправда. Затоа што си го смени  казнениот систем за корумпирани функционери што ионака не беше функционален. Ќе им се најде. Устав малку потешко, ама Кривичен закон полесно се менува отколку што би се променила преговарачката рамка со ЕУ. Особено кога ќар од неказнивоста ќе видат  политичарите и од власта и од опозицијата.

Тоа е тоа. Да се краде, а да не се оди в затвор. Како? Со тоа што ќе го урнисаш законот за борба  против корупција на функционери во земја во која царува корупцијата, и тоа од функционери.

Јас сум функционер. Јас крадам. Јас ќе си го изгласам законот да не одам во затвор. Зашто ми се може.

2 Ова немаше да ни се случи ако СДСМ уште на почетокот на мандатот не се пазареше со криминалците од ВМРО-ДПМНЕ и не ги усвои најдобрите практики за крадење на Груевски и дружината. И немаше да се случи ако ВМРО-ДПМНЕ не ја саботираше правдата на секој чекор седум години. Да се извинеше Христијан Мицкоски уште тогаш за злосторничкото владеење на претходното раководство, сега ќе можеше со потсмев да ги чита патетичните фејсбук писанија од Будимпешта и со чиста совест да им вика на СДСМ-овците: еве ви го Груевски, штом толку го сакате, вратете си го.

Да не заборавиме. Правиме муабет за Никола Груевски. Поранешен премиер кој е осуден како криминалец и избеган од земјата.

Добриот криминалец Груевски.

3 Двајца стружани во полициска станица прво прскале сведок  со спреј, а потоа ги тепале полицајците и се обиделе да им го земат оружјето.

Како ли ќе завршеле овие двајца насилници ако ова се случело во некоја полициска станица во Америка? Или, еве, во некоја подемократска земја на ЕУ?

Возач на џип влегол на пешачка зона и возел низ плочник на трговски центар во скопски Аеродром. Двајца од минувачите му реагирале, па возачот излегол од џипот и двајцата ги избодел со нож, по четирипати.

Колку терористички напади имаше со комбиња и камиони кои газеа пешаци во Ница, Барселона, Стокхолм, Берлин… Како ли ќе завршел возачот на џипот, уште пред да има шанса да излезе од колата и да извади нож, во моментот кога стапнал на плочник, ако трговскиот центар бил во Америка и во која било земја на ЕУ?

Едно по едно, си се собира. Почни од неказнување, или селективно казнување за паркирање на трета лента на булевар, водење куче без поводник и несобирање на изметот, истурање шут во планина, градење дивоградби во национален парк, катче, поткровје, дивоградба што глуми тераса за пушење, неказнување за малтретирање цели населби со гласна музика и пречекорено работно време, па сè до законско амнестирање на веќе осудени и обвинети државни функционери.

Па после чуди се на моќта на силеџиите што се дрзнале да тепаат полицајци среде полициска станица, додека чесните немоќно вртат броеви на инспектори што не се јавуваат и чекаат правда на суд.

4 Во Бугарија ќе се носи закон според кој ќе може да се објават јавно сите што имаат земено бугарско државјанство.

Во последниве 200-300 години ова може да биде најчесниот потег на Бугарија кон Македонија. Да ја разоткрие дволичноста на македонските политичари и носители на јавни функции што имаат бугарски пасоши. Тие што добиле бугарско државјанство морале во Софија да ја докажуваат лојалноста кон Бугарија со доказ за бугарско потекло и декларација за бугарско самочувство.

Да нема забуна. Баш ми е гајле кој како се чувствува. И баш ми е гајле за тие што зеле бугарски пасоши, ама си бркаат работа по Германија, Австрија, Шведска, Франција, Шпанија… Тие не се занимаваат со политика, освен што нè обвинуваат нас што сме останале тука дека не сме толкави патриоти како нив. Ама многу ме интересира кој од овие сегашни, минати, па и идни политички лидери има бугарски пасош. Оти со тој пасош тие веќе се во ЕУ. Баш ме интересира што мислат тие за бугарското вето за Македонија во ЕУ.

Ние што сме останале да живееме тука само со македонски пасош, оти Македонија ни е сè што имаме, како што викаше претседателот Киро Глигоров, додека трпеливо чекаме Бугарија да ни го одблокира патот кон ЕУ, сакаме на избори да знаеме кој од кандидатите за пратеник, иден премиер, министер, градоначалник, општински советник, амбасадор и друг носител на јавна функција има резервна татковина. Во случајов Бугарија – актуелниот непријател на Македонија.

Кога ќе одам на избори сакам да знам дали оние што партиите ми ги ставиле на гласачкото ливче имаат преземено обврски кон Бугарија? Оти тука го добиле државјанството со раѓање. Ама кога барале бугарски пасош докажувале лојалност кон Бугарија. Чии интереси ќе застапуваат?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира