ПРАКТИЧНО И ПРАВЕДНО

Да не се секираме. Амнестијата не ја има смислено Зоран Заев

ПРАКТИЧНО И ПРАВЕДНО

1 Нормално е дека сум против Законот за амнестија. Кој нормален би бил „за“ таков закон, со кој ќе се ослободат од кривично гонење одговорните за најстрашниот настан во современата историја – нападот на Собранието на 27 април 2017 и обидот за пуч? Разбирлива е резигнацијата дека е изневерено мотото „Нема правда, нема мир“. И дека дури и она „Шутка не ти бега, Никола“ веќе не важи.

Ама, вреди ли да се трошиме на резигнација? Дај еднаш да го затвориме прашањето за опстанок на државата. И да ја чуваме силата да почнеме одново. Кога ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ. Белким тогаш навистина ќе градиме правна држава.

Не ви се верува дека и тогаш Македонија ќе ја биде? Искрено и јас сум малку скептичен. Ама па, имаме ли друго решение? Имаме ли време за друга шанса?

Впрочем, зарем некој сакаше да го менува името? Тоа е многу поболно и пофрустрирачко од амнестијата за 27 април. За да се остварат повисоки цели, особено во глобалната политика, решенијата се практични. Што не значи и дека се праведни.

Така што, да не се секираме. Амнестијата не ја има смислено Зоран Заев. Јасно беше дека за брзо да помине Договорот од Преспа и уставните измени амнестијата се покажа како најпрактично решение. И ако НАТО веќе нема време за чекање, ние па – ич. И кога се жестиме дека веќе не вреди ни да се протестира, ни да се излегува на избори, да се сетиме дека Македонија како држава сѐ уште е во фазата „Ако се пазариме, барем да ќариме“.

Па никој не е толку глупав да не знае што е правна држава. И дека сака да живее во држава во која правото владее за сите подеднакво. Ама па, ние 27 години глумиме дека имаме правна држава. А замижуваме пред фактот дека немаме правна држава. И што сега? Дојде СДСМ на власт и прогледавме? Поарно уште два-три месеци да помижиме, отколку баш сега да се соживееме со улогата дека стварно имаме правна држава. Оти ако продолжиме да глумиме, може да ни се случи вгодина ова време и да немаме држава. Звучи страшно, ама без НАТО и без ЕУ нема да се затвори прашањето за опстанокот на Македонија. Дај барем да го тргнеме тој товар со кој живееме 27 години.

2 Туку што правиме после? Многу поголемо разочарување од самата амнестија за извршителите ќе биде ако не се откријат и ако не се казнат организаторите на нападот на Собранието. И уште пострашно ќе биде ако некој од тие организатори ни се врати на власт.

Ама најстрашно е дека, додека се занимаваме со глобална геостратегија и перспектива и се трошиме со резигнација, во секојдневниот живот ни се случува распад на системот. И на институциите. И на вредностите. И на човечкиот капитал.

3 Правната држава не е прашање само за тројцата пратеници што отварале врати, за професионалните интелектуални хушкачи и за помалку интелектуалните тепачи со фантомки. Правната држава не е знамето дигнато на 30. јарбол пред седиштето на НАТО во Брисел. Правната држава е во секојдневните проблеми и радости на животот. Во образованието, судството, јавното здравство, ефикасната јавна админстрација, локалната самоуправа, урбаното планирање, чистиот  воздух, чистата вода, чистата почва… Тоа е тоа што треба да го очекуваме од одговорна власт што сме ја избрале еднаш кога веќе ќе го затвориме ова поглавје.

И ќе треба конечно да се занимаваме со вистинскиот живот. Е тоа е прашањето што многу повеќе ме загрижува отколку амнестијата. Оти со овој Закон се надевам дека завршуваме со минатото. Ама, ме плаши иднината кога гледам дека пристапот до јавните пари и вработувањата со партиска привилегија се сѐ уште главна одлика на владеењето. И се прашувам дали сите ние како граѓани имаме сила да бараме добро владеење, наместо да бидеме соучесници во лошото владеење.

Оти, суштината на добар живот е во добро и одговорно владеење. А таков живот во Македонија уште не е дојден. Ниту некогаш сме виделе.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари