ПРВ – ЦРВ

Нешто многу незадоволни фамилии во ДУИ се појавија, а тендерите уште не дошле на ред за поделба.

ПРВ – ЦРВ

1 Времето е сѐ што имаме во Македонија. Па така и историјата, што ќе ја пишува реформскава Влада од чесни и способни кадри што ја договорија Зоран Заев и Али Ахмети, ќе може да почека. Европо, чекај нѐ, доаѓаме со незапирлива брзина. Само уште прво да си ги расчистат сметките чаирското и сарајското крило на ДУИ. Па велат дека и гостиварското крило нешто не било задоволно. А и липковчани немале министер.

Земјава се соочува со економска криза, бројките на заразени од ковид-19 никако да паднат, децата ќе губат уште една школска година, судските рочишта за висок криминал се одложуваат до бесконечност, а ние чекаме општинските ограноци на ДУИ да се раскусурат меѓу себе. Не би ме чудело, додека да седнат чесните и доблесни министри во Владата, а и после кога ќе се делат директорските места, и некој калашников на свадба да запука. Нешто многу незадоволни фамилии се појавија, а тендерите уште не дошле на ред за поделба.

2 Дотогаш, можеби ќе успее и третиот тендер на Општина Чаир за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“. Којзнае колку е јак фраерот што гради таму. Ќе да е некоја јака фаца од пореформаторски настроените ограноци на ДУИ штом сите му се плашат. Којзнае, можеби и советникот од ДУИ во Охрид Нефи Усеини и брат му ќе одат во притвор. Па после ќе излезат.

А што да очекувам од новата Влада, во која уште неседнати на функции од ДУИ дури и не кријат дека водат внатрепартиска битка за пари. Дека ќе ја урнат дивоградбата кај „Мавровка“? Дека ќе сопре градежното дивеење во Сарај и Струга? Дека кадрите на ДУИ испикани во судовите нема да ја попречуваат правдата?  Дека државата ќе профункционира со ефикасноста на Македонски пошти и со брзината на Македонски железница со кои досега со години раководат директори на ДУИ? Да не очекувате дека ќе рипне наплатата на даноците во Тетовско? Мислите дека навистина рамковните на кои им даваме плата без работа, за шест месеци ќе почнат и да доаѓаат на работа? Демек, Заев и Ахмети се договориле да им дадат рок. Да не им дојде одма шок сознанието дека платата треба да се заработи. Од кога, пак, рокот бил битен за работа во администрација?

Значи, ништо не очекувам. Освен уште едно уникатно ретардирано решение на македонската демократија кога на 100 дена пред избори, наместо технички, ќе добиеме рамковен премиер. Па изборите ќе ни ги организира ДУИ. И најважно од сѐ – Артан Груби ќе биде прв вицепремиер. Не е премиер, ама е вицепремиер. Еден од четворицата, ама не е како другите. Туку, за да се чувствува добро, му смислија помпезно име. Тој не е вицепремиер, туку прв вицепремиер. Како во детската брзозборка на која се сетив уште од времето кога бев во градинка: Прв – црв, втор – мотор, трет – балет, четврт – прт.

3 Како и да е, театарот со репликите „ти демек бараш, јас демек давам“ заврши. Ќе ги заборавиме и фалениците од типот „доблест“ и „храброст“, како што заборавивме дека Заев викаше оти  „гласовите на ДУИ не вредат ни пет пари“, а Ахмети му одвраќаше: „Заев треска глупости кога ќе се напие некоја чашка“.

Лесно е да се биде генерал после битка, ама ај да видиме што имаме на теренот.

Прво, Заев ветуваше Влада без ДУИ, затоа што со кадри на ДУИ нема ниту прогрес, ниту борба против корупција. Не успеа да го оствари ветувањето. Ахмети ветуваше премиер Албанец. Не успеа да го оствари ветувањето. Така што, и двајцата се губитници колку што се и добитници.

Второ, велат дека Заев можел да ја испреговара подобро позицијата во новата Влада. Со што? Со 46 пратеници? Би било супер СДСМ и коалицијата со Беса да имаа освоено барем уште два-тројца пратеници повеќе, а ДУИ исто толку помалку. Ама, не е така. Бројките се такви какви што изгласаа граѓанките и граѓаните на 15 јули. Барем Заев во претходниот мандат кога тргна со 49 пратеници, па успеа да направи историски пресврт со влезот во НАТО, има докажано дека е практичен и дека целта ги оправдува средствата. Па и овој пат реши да игра со тоа што го има в рака. Не да жали за тоа што го нема.

Трето, критичарите на новата влада прашуваат: Со кој памет им дава министерства на ДУИ? Како со кој памет? Па, со паметот што го диктираат изборните резултати. Со паметот на граѓанките и на граѓаните што ги гласаа. И со паметот на тие што не гласаа на изборите.

Четврто, ако Заев не успее да направи Влада со ДУИ, тогаш Влада ќе прави Христијан Мицковски. Секако и таа – со ДУИ.

Петто, ако ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ не успееја да се договорат со ДУИ, ќе требаше да се оди на нови избори.

Така што, си добиваме Влада таква како што е ситуацијата на теренот и што ја одразува волјата на народот. И на тие што гласаа во време на пандемија и на тие што ги мрзеше да се вратат од Охрид и Маврово на 15 јули оти не им било безбедно за здравјето. На тие што викаат „сите се исти“ ионака им е сеедно.  А тие што не ги интересира политика, ионака не ги интересира ни кој е министер, ни кој е пратеник, ни кој е директор на јавно претпријатие.

Доаѓа есен. Вистинско време за правење ајвар. Тие што за инает викаа „Е, не ви гласам“ и „Немам за кого да гласам“ сега нека лупат пиперки место да мрчат за Владата и за ДУИ во Влада. Оти, повеќе се секираа за ајварот уште од 15 јули.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира