РЕЖИМ НА ПОЛКОВНИЦИТЕ

Редно е и ситните криминалци да имаат стручно тело што ќе ги спасува од затвор. Оти крупните веќе си имаат.

РЕЖИМ НА ПОЛКОВНИЦИТЕ

1 Ситни криминалци – обединете се. Свестете се во Новата година. Формирајте си некое еснафско, работно тело што ќе ги штити и вашите интереси. Како вика лидерот на СДСМ Зоран Заев: „Луѓето ја живеат слободата!“ И навистина ја живеат. Само вие, џепчии, криминалци, разбојници и горди носители на по два грама марихуана останавте по затворите.

Гледате како Судскиот совет си се грижи за сопствените осомничени криминалаци? Судијата Зоран Теофиловски, кој патем е и член на Судскиот совет, осомничен за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово, прво бегаше цел ден од полицијата, па после самиот се пријави, ама стручното тело само му го одзеде имунитетот, но не дозволи да биде притворен. Осомничен е дека го оштетил Буџетот за 860.000 евра.

Истиот Судски совет во мај минатата година, исто така му го одзеде имунитетот на управниот судија Мустафа Шахини, ама не дозволи да биде притворен. Тој е осомничен за злоупотреби со денационализација. Ја оштетил државата за 200.000 евра.

Значи судииве може да крадат имоти, ама не смее да одат во притвор, а овие што крадат по улици и по куќи ќе си одат во притвор, па и затвор ќе си одлежат. Зошто? Само затоа што немаат колеги, докажани професионалци со искуство во својата работа, што ќе ги застапуваат нивните права  да не ги стигне правдата.

Зошто на пример има три стопански комори, два синдиката, а има само еден Судски совет?  Па нека се направи барем уште еден. Редно е и ситните криминалци да имаат стручно тело што ќе ги спасува од затвор. Оти крупните веќе си имаат. И функционира перфектно.

2 Чекајте. Не знаеме на што уште сѐ е спремен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кога уште на непочната изборна кампања понуди армиски полковник за министер за внатрешни работи. И упорно го туркаше тој предлог иако знаеше дека е неуставен. И си ја врти плочата: Што ако е неуставно, кога Заев се плаши од професионалци? И што ако е прекршен Уставот, кога ионака Уставот е за да се крши? И дека Заев се плаши од професионалци и затоа се фаќа за уставни толкувања. До последен момент не сакаше да се откаже од приказната за полковникот Драган Ковачки, докажаниот професионалец, па за да држи тензија свика прес-конференција на која соопшти дека до вечер ќе соопшти друг кандидат. Па најде разузнавач. Пак од армијата.

Кога од партијата што го иницираше нападот на Собранието на 27 април 2017 доаѓа предлог  министер за внатрешни работи да биде воен полковник, на ништо добро не може да се надеваш. И тоа не било кој полковник, туку човек близок на експретседателот Ѓорге Иванов кој како врховен командант, според сведочењата на осудените учесници во нападот, планирал да воведе вонредна состојба. Иако и тоа не е за дискусија. Џабе верглање. Едноставно – Уставот не дозволува униформирано лице да биде министер за внатрешни работи. И точка. Во нормална држава ваква дискусија не би била ни отворена. Оти немало ни да има таков предлог.

Впрочем, во светот има бројни успешни примери на врвни професионалци од армијата што воделе политика. На пример, полковникот Моамер  ел Гадафи во Либија. А и во соседството имало успешни полковници. И тоа не толку одамна. Полковниците Патакос, Пападопулос и Макарезос во Грција. Кои во 1967 година со воен удар ја преземаа власта и го суспендираа Уставот. Владееја до 1974. Тој период од грчката историја е познат под името „Режимот на полковнициите“. Или, просто кажано – хунта.

Платформата што ја понуди Мицкоски уште пред избори беше кршење на Уставот. На каква „обнова на Македонија“ можеме да се надеваме од ова ВМРО-ДПМНЕ до избори? А особено по избори, ако случајно победат?

Разочараните од таборот „Сите се исти“ сигурно го имаат одговорот.

3 Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара Заев да ја образложи оставката од функцијата премиер на седницата на која Собранието јa прифати во пресрет на изборот на техничка влада и предвремени избори. Барањето на Мицевски за образложение на оставката е небулоза иста како приказната за професионалецот полковник. Ај ќе си правиме муабет за професионалецот, а нема да збориме дека го кршиме Уставот.

Зошто Собранието да дебатира за оставката на Заев и што има тој да образложува зошто ја дава, кога за да има техничка Влада пред избори премиерот мора да си даде оставка. Техничка влада – техничка оставка. Така вика законот. И точка.

Пратеникот Мицевски барањето да го види Заев во Собрание го искористи само за уште еднаш да ја извергла партиската мантра – дека „Македонија и македонскиот народ се ослободуваат од најнеспособната, најкорумпираната и најкриминална власт што ја имала до сега“. Бре мајката, овие од ВМРО-ДПМНЕ упорно нѐ тераат да заборавиме дека „најкорумпираната и најкриминална власт“ падна пред три години. И баш поради тоа што има такви што заборавиле, ВМРО-ДПМНЕ уште поминува како нормална опозициска партија. А  не како злосторничко здружение што ја грабна државата и чијшто лидер избега во странство.  И со парите што ги украде уште ја командува партијата од таму. А државата уште е во канџите на вмровските инсталации во судството и обвинителството. И на инсталациите во јавната администрација од општините до Уставниот суд, кои уште од сега ги имаат таксано одморите за партиската кампања.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST


.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира