САРАЈСКА ПЛАТФОРМА

Нобел и законот на чичко Никола

САРАЈСКА ПЛАТФОРМА

1 Си постојат во една држава министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и градонаначалник на главниот град. Тројцата се појавуваат заедно на телевизија. И градоначалникот на новинарите им вели дека нема ингеренции да урне дивоградба во подрачје што е заштитено како природно богатство. Тоа го слушаат министерот за внатрешни работи и министерот за транспорт и врски. И не реагираат.

Тоа е тоа.  И тоа е сѐ што треба да се знае за функционирањето на македонската држава.

Дивоградбата е обична дрвена платформа на езерото во кањонот на Матка што е природна реткост и што го има на сите разгледници од Македонија. Едниот министер е Оливер Спасовски, кој раководи со полицијата и сака да биде претседател на државата.  Другиот министер е Горан Сугарески, под чија надлежност е Државниот инспекторат за градежништво. А градоначалникот на главниот град се вика Петре Шилегов. Кој пред другиве двајца високи државни функционери на новинарите им соопштува дека Матка е во Општина Сарај. Слободна зона од метрополата, што е под контрола на градоначалник на ДУИ кој се вика Блерим Беџети. А ДУИ е коалиционен партнер на владејачката партија СДСМ, од каде што се градоначалникот и двајцата моќни министри.

Скопје, Сарај, Матка – релација кратка. Сите се на власт, сите се на клучни места, ама никој, ај што нема ингеренции, туку нема ни моќ да ја тргне дрвената платформа од езерото.

Во приказната за платформата од Матка има и една друга многу важна институција што се вика Инспекциски совет. Во таа државна институција имаат и одделение за односи со јавноста. Којзнае колку братучеди, баџанаци, снаи, девери, шурнајки се имаат напикано таму за да ги раниме. Ама, тие не одговараат на новинарски прашања дали инспекторите излегле на терен да ја видат платформата. Туку бараат да поднесеме барање за пристап до информации од јавен карактер. Да пополниме формулар, да им го испратиме, а тие ќе ни одговорат во рок од 30 дена. Транспарентна админстрација – нема што.

Оваа Сарајска платформа се покажа многу солидна. Поцврста и постабилна дури и од Тиранската платформа. Оти Тиранската платформа беше виртуелна. Ја измисли ВМРО-ДПМНЕ за да кулминира со нападот на Собранието на 27 април 2017. А платформата на Матка е вистинска. И топ не ја бие.

2 Сега, бидејќи власта подготвува нов закон за легализација на дивоградби, и платформата ќе си стане легална. Се сеќавате ли на бомбата што ја објави Заев, во која Али Ахмети и Никола Груевски правеа муабет за дивоградбата кај американската амбасада во Скопје? Кога Груевски му викаше: „Во наши општини кај можеме рушиме“. А Ахмети му викаше дека и тој е против дивоградби, ама во Чаир „некако да се изменаџира“.

Е па во Чаир се изменаџира со Груевски. Во Сарај ќе се изменаџира со Заев.

Ама па сега, зарем за една платформа владина коалиција ќе рушиме?

3 Владата на Заев реши да расчисти со криминалот на оригинален начин. Ќе го легализира. Кој крадел, ќе го помилуваат. Кој градел дивоградби, ќе му ги легализираат. Кој напаѓал Собрание, ќе го амнестираат. Кој не плаќал сметки, ќе му ги простат долговите. Кој нелегално прислушкувал, ќе му го укинат обвинителството што го гони за прислушувањето.

Но, тоа не е сѐ.  Сите блиски и далечни, што роднини, што пријатели си ги вработија, оти нели 11 години вмровците ги дискриминирале, не ги вработувале „на државно“. Никој од вмровците пак, што претходно исто така се напикаа на државни јасли од врвот па до коренот на семејните стебла, не е избркан  од работа. Кадрите на ДУИ традиционално не смеат да се чепкаат оти отиде соживотот, а богами и коалицијата.

Ој животе, убајни…

Во ваква ситуација стварно треба да го жалиме Груевски. Мораше да избега во Будимпешта. Наместо да си седи тука и да ужива во плодовите на семето за системот што тој го посади. И што единаесет години посветено го растеше.

4 Затоа пак, тука е Владата на Заев што го прошири и го надгради во 100 чекори тоа што Груевски го негуваше.

Првата работа за која се зафати на внатрешен план беше легализацијата на најлонските тераси на кафеанџиите и нивното претворање во цврсти градби, паралелни кафеани на јавен простор. На тоа логично се надоврза изјавата на премиерот, со која тој му вети на „чичко Никола“ од Охрид  дека лично ќе се потруди да му овозможи да изгради „мало објектче за семеен бизнис“ од 7 соби и 8 апартмани на четири ката во заштитената зона на помалку од 10 метри од брегот на Охридското Езеро.

И така, чекор по чекор, доаѓаме до платформата на Матка. Зошто на градоначалникот на Сарај би му пречеле малечки диви платформи за семеен бизнис,  кога премиерот за див хотел што крши 12 закони и Уставот на државата вели: „Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. ‘Не бива’, не може. Најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’!“. Зошто на градоначалникот на Општина Струга би му пречело ако некој ја пали трската на крајбрежјето за да си гради бетонско парапетче за кафеана, за мал семеен бизнис? „Не бива, не може. Најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’!“. Зошто градоначалничката на Тетово би ги уривала дивоградбите на Шара и би ловела дрвокрадци што предизвикуваат смртоносни порои? „Најлесно да биде ‘не’. Ќе најде начин да биде ’да’!“

Впрочем, требаше на сите да ни биде јасно дека во оваа земја ќе се владее по законот на чичко Никола уште кога новата власт дозволи да се догради проектот Скопје 2014. Кај и да е, и лопати со панделки ќе фрлаат на дивоградбите. Овие не раскинаа со криминалните практики на ВМРО-ДПМНЕ. Само ги легализираа.

Имаат ли усул? Сѐ што за две години направија на меѓународен план, за што добија честитки од цел западен свет, упропастија за уште пократко време дома. Од една страна, решавање на историски спор што на премиерот може да му донесе Нобелова награда за мир. Од друга страна, миротворецот дома форсира беззаконие и неказнивост. Нобел и законот на чичко Никола.

5 Триото ненадлежни, Спасовски, Сугарески и Шилегов од почетокот на текстов, се појавија заедно на промоција на специјални паркинзи за трудници. Што е идеја за поздравување. Сигурно им ја покажале во некое странство, каде што ги носат на учење за да им кажуваат како да нѐ направат саглам држава.

Тројцава не можат колите од среде Градскиот парк во Скопје да ги избркаат. Па на трудниците паркинзи ќе им дочуваат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари