1 Супер е ова шаренава револуција. Убава културно забавна манифестација која трае еве повеќе од 40 дена. И чаталот е супер иновација. Речиси исто револуционерна измислица и исто толку ефективен како издлабеното дрво од почетокот на минатиот век што го славиме како легендарното Црешово топче. И маичките со ликовите на специјалните обвинителки се супер. И улиците изгледаат поубаво кога се шарени. И музиката е супер. И атмосферата е супер… Кој со деца, кој со кучиња… Весело. Забавно…
И додека демонстрантите уриваат режим со уметнички перформанси секој ден во шест, првото лице на режимот, поранешниот премиер и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се огласи со едно мега интервју во неколку епизоди за да трае и за да го има секој ден на вести. Во тоа интервју Груевски рече дека состаноците на тие што ја организирале Шарената револуција личеле на сеанси на некоја секта. И дека не му се верувало кога му кажувале дека на тие сеанси секташите скокале врз програмата на неговата партија. И дека ги терале да викаат во еден глас: „Оваа Влада не чини“.
И потоа, уметниците од Шарената револуција почнаа вистински да скокаат врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ. При тоа му се смеат на поранешниот премиер. Оти, за разлика од него тие имаат смисла за хумор. И смислуваат нови и нови се поубави и се поинвентивни уметнички перформанси за уривање на режимот.
Смејте се, смејте се… И јас за себе мислам дека имам смисла за хумор, ама работава не е за смеење. Следната работа што Груевски ќе ја направи е да ги забрани овие „секташите“ што скокаат врз неговата програма. Не верувате? Е па не верувајте, ама со ова интервју Груевски го најави и тој потег. Само датумот не го кажа, ама и тој може да се предвиди. Одете на гугл и пребарајте што се случувало по секој драматичен празничен говор на Груевски и по секое сто пати емитувано интервју. Се што најавил, се остварил.
Додека се смеете и додека ги шарате улиците, закон за забрана на „секташите“ веќе ќе биде донесен. Одлуката за тоа е донесена уште пред да го пуштат Александар Пандов на митинг на ГДОМ да бара забрана за невладините организации. Може законот е веќе и напишан. И воопшто не е важно дали примерите што ги дава Груевски во интервјуата се смешни или сериозни и со какво оправдание ќе го пушти во Собрание предлогот на законот.
Стварно, зошто не му верувате на Груевски? Зошто не верувавте дека Уставниот суд може да донесе пресуда со која ќе му дозволи на претседателот да помилува за секакви криминали? Си викавте дека тоа не е можно, нели? Зошто не верувавте дека Ѓорге Иванов ќе го искористи тоа право со цел свој умствен капацитет? Вие барем сте од тука, не сте некојси Јоханес Хан кој не можел да поверува дека такво нешто нема да се случи, па се чуди како можело претседател на држава да го излаже. Зошто не верувавте дека министерот за внатрешни работи Митко Чавков ќе вика на информативни разговори за учество на протести оти неговата полиција ги снима демонстрациите?
Не верувавте ни во Скопје 2014, па сега го шарате.
И зошто мислите дека Груевски е смешен кога најавува забрана за невладини организации за кои му ракажувале дека некако чудно се однесувале. Воопшто не е смешен. Во него е силата. Во рака го има цел систем. Од Уставниот суд до чистачките во основните школи. И не видов дека некој од тој систем за сите овие 40 дена додека трае забавата на улица му откажал послушност.
Конечно, зарем мислите дека нема да се дрзне да го направи тоа оти меѓународната заедница нема да му дозволи? А аболицијата му ја дозволија? Еве помина месеципол, а тој до вчера се пазареше и со САД и со ЕУ за Ѓоле делумно да ја укине одлуката за аболицијата. Исто така ќе се пазари и за укинување на забраната за невладините. Кога се купува време, секој ден е вреден.
Така што работава не ни е за смеење. Додуша не е ни за плачење. За плашење е.
2 Замислете дека не живеете во Македонија каде што секој се знае со секого и каде што секој за секого има нешто да каже. Замислете дека не знаете кои се Уранија Пировска, Гордан Калајџиев и Мирјана Најчевска.
Доаѓате од некаде и читате вести дека полицијата ги викнала на информативен разговор лидерите на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Поторувам, не зборуваме за некои си Уранија, Гордан и Мирјана. Зборуваме за активисти на реномирана меѓународна организација што се бори за заштита на човекови права. И тие активисти биле викнати во полициска станица на информативен разговор оти правеле ѓубре за време на протести.
Што ќе помислите за таа земја во која ќе прочитате ваква вест? Сигурно дека е земја кандидат за ЕУ.
3 Многу ме интересира што си мислеле од Мисијата на Европската унија во Скопје кога решиле на иста маса да ги седнат невладините организации што протестираат против власта и невладината организација ГДОМ, што протестира за поддршка на власта и против другите невладини организации.
Пред само еден месец Александар Пандов од контрапротестот на ГДОМ во Скопје побара Уставниот суд да ги забрани невладините организации и да го укине граѓанското општество што мисијата на ЕУ во Скопје го покани на дебата. Тоа барање Пандов го кажа јавно, во ТВ пренос. Потоа исто така јавно, други членови на ГДОМ бараа гумени, а некои и вистински куршуми за демонстрантите на „Протестирам“ и повикуваа на линч на активистите на антивладиниот граѓански сектор.
Баш ме интересира дали Холандија, како претседавач на ЕУ и во својата земја би решавала криза со преговори со екстремни десничарски организации кои јавно бараат забрана на слобода на говор и смрт за сите што протестираат и мислат поинаку.
Баш ме интересира и како амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав си го замислил настанот кога 40 граѓански организации треба да глумат нормалност и да дебатираат заедно со својот џелат. Дали според ЕУ, барањето на ГДОМ за забрана на тие 40 граѓански организации е еднакво легитимно со нивното постоење? Дали во демократијата, правото на протест против Владата е исто со правото на провладините екстремисти да те убијат поради тоа?
4 Стварно, дебатата е супер работа и помага за јакнење на демократските капацитети и создавање здраво општество. На пример во Норвешка и во Шведска па ептен помага.
Ама еве како во моментов во Македонија би изгледала дебата организирана од ЕУ на која ќе учествуваат граѓански организации што година и пол протестираат против режимот на оваа власт и организација која што јавно се залага да ги снема овие со кои треба да дебатира.
Ќе седнат едните на една, другите на друга страна, меѓу нив ќе се сликаат амбасадорите од ЕУ. Секоа страна ќе си ги каже своите аргументи, за што се залага и против што се залага. Ќе има жолчна расправија, најдемократски, со силата на аргументите. На крајот мисијата на ЕУ ќе соопшти дека поздравува дебата што води кон дијалог. И така најевропски што може дебатата ќе заврши.
Кога ќе излезат надвор, антивладините граѓански организации веќе нема да бидат легални. Додека тие под закрила на ЕУ дебатирале со ГДОМ и јакнеле демократски капацитети, Владата го донела, Собранието го усвоило, претседателот го потпишал, а Уставниот суд го потврдил законот дека постоење на граѓански и невладини организации што протестираат против власта се нелегални. Власта ќе им ги блокира сметките, а членовите ќе ги стави најмалку барем во куќен притвор, а судот до недоглед ќе ги одложува рочиштата.
ЕУ и САД со заедничко соопштение ќе изразат „екстремна загриженост“ и ќе ја повикаат Владата најитно да го повлече законот за забрана на НВО. Владата ќе изрази разбирање за загриженоста на ЕУ и ќе рече дека и таа посветено го поддржува граѓанскиот сектор и не се согласува со законот, но мора да го почитува бидејќи Собранието го донело, а Уставниот суд го потврдил. Народот така одлучил.
Во меѓувреме ГДОМ која ЕУ ја призна како легитимен претставник на легитимни граѓански интереси ќе прави се подолги црни листи на непријатели на Македонија, куририте ексклузивно ќе дознаваат кои се на листите и ќе се цитираат едни со други, најистакнатите ГДОМ-ци ќе бараат бетонски плочи и на национална телевизија со шајки ќе ги бодат главите на тие што мислат поинаку од нив, а полицијата и судовите ќе работат во три смени за повикување на информативни разговори, за изрекување глоби и за продолжување притвори.
Што не е јасно сега за дебатата?
И зошто му се смеете на Груевски за интервјто? Јас чекам ново продолжение. За да дознаеме кој амбасадор ќе биде прогласен за персона нон грата.
PODCAST – СЛУШАЈ ТУКА