СКРШЕНИ СРЦА

На годишнината од нападот на Собранието, не се знае дали има и до каде е истрагата за улогата на претседателот Ѓорге Иванов

СКРШЕНИ СРЦА

1 Просто да ти е незгодно кога ги слушаш странците како го фалат Зоран Заев и Владата. Го слушам претседателот на Европскиот совет Доналд Туск како чувствувал „вистинска политичка волја за придвижување на евроатлантската интеграција“. И не е да те фаќа срам. Туку мене – страв ме фаќа. Оти, ми текнува како го фалеа и Никола Груевски сосе цела екипа во 2006 и 2007 година. Море млади технократи, реформатори, храбри… Па и првата официјална посета беше кај Ангела Меркел.

И дојде април 2008 година. И Самитот на НАТО во Букурешт. Американскиот претседател Џорџ Буш веќе ни ја имаше честитано поканата за НАТО. И, другиот ден Грција стави вето. И сите што го фалеа Груевски се солидаризираа со Грција. И по инерција продолжија да го фалат до 2011 година. А Груевски кога виде дека нема абер од фалбите, затоа што ЕУ и НАТО не можат да го испорачаат тоа што го ветиле, сфати дека може да прави што сака. И ја врати земјата во античко доба.

Што правиме ако ЕУ и НАТО, на толку фалби, повторно допуштат Грција да нѐ блокира?

Е, затоа ми е страв од фалбите.

2 На годишнината од нападот на Собранието на 27 април 2017 година, се знае само дека нападот бил организиран. А не се знае кој е организаторот.

Е тоа е динамиката со која се остварува правдата во Република Македонија. И тоа е динамиката со која се движи цела држава.

3 Еден ден по ланскиот напад на Собранието, на 28 април, Зоран Заев го обвини и претседателот Иванов дека е еден од организаторите.

„Насилството врз новинарите и легитимно избраните претставници на народот во Собранието беше организирано од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Митко Чавков и нивни соработници, кои не сакаат мирен трансфер на власта. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план“, изјави лидерот на СДСМ и тогаш пратеник Заев на прес-конференцијата на 28 април 2017.

На годишнината од нападот на Собранието, не се знае дали има и до каде е истрагата за улогата на претседателот Ѓорге Иванов. За вакво сериозно обвинување од страна на човек што сега е премиер, стварно динамиката со која се остварува правдата во Македонија не е за фалење. За плашење е. Иванов уште е претседател.

4 Ден пред годишнината од организираниот напад на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ баш во Собранието пуштија чочек. Лидерот го сменија, ама смислата за хумор им остана иста како неговата.

Дежурните мрчатори се згрозија оти вработените во фирмата што го градеше автопатот Демир Капија – Смоквица викнале блех музика и играле чочек во тунел. Им личело на вмровштина. Па вмровците се навредија, и за да бидат вицкасти, на сдсмовците им пуштија чочек. Оти тие на нивните славни комитски вечери само со опера се веселат и балет играат.

И што си мислат? Дека ќе пуштат чочек во Собрание и ние ќе заборавиме дека ем чочек играле, ем краделе?

А и овие од власта баш знаат да ја погодат темата. Наместо да им кажат: „Вие ги собравте парите, а ние трубачите“, тие се бранеа. Па главна вест беше дека Министерството за транспорт се оградува од чочекот во тунел. И цела недела државата се занимаваше со чочекот. А не за тоа дека 28 километри се градеа 6 години и дека еден километар чини безмалку 8 милиони евра. Без да се споменат европските истраги против Актор баш за оваа делница, провизиите за автопатиштата, „Да не е многу“ муабетот меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски, утнатите траси на автопатот кон Охрид, кешот што грчката благајничка го изнесувала преку граница… Којзнае, може дел од тие пари сега се вратиле дома, на челата на трубачите и тапанарите во тунелот.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека на Македонија не ѝ треба блех музика, туку инвестиции. „Да не е многу“ тоа што го бара ВМРО-ДПМНЕ? Да не треба да се вратат петте посто?

5 Зошто е страшно да се игра чочек, па макар и во тунел? Зашто ќе сме се срамеле пред странците? Од каде е таа потреба на Македонецот да се претстави каков што не е? И од кои странци ќе сме се срамеле? Од овие што ни го чистат ѓубрето?

Па и улиците блескаат само кога во Скопје има Супер куп, или некој политички самит. За странците да нѐ видат. Кои странци ќе ги одушевиме? Амбасадориве на Холандија, САД и Велика Британија, што во четвртокот собрале 8 метри кубни ѓубре на кејот на Вардар?

Па дури и љубезната Швајцарија, што има истурено милиони франци за еколошки проекти во Македонија, не успеа да се воздржи. На фејсбук профилот на швајцарската амбасада по повод  Денот на планетата Земја објавија цела галерија фотографии со ѓубре во природа. И под галеријата напишаа: „Македонија е прекрасна земја со пејсажи од светска класа. Но, има и не толку ласкава страна. Овие слики ни ги скршија срцата. И сакаме да работиме заедно за дивите депонии да станат минато“.

И упорни бре ова Швајцарците. Не се откажуваат. Пак сакаат заедно да сме работеле. Оти на нив им се скршиле срцата. Од нашето ѓубре. Ние срца за кршење немаме. Нашите срца се јуначки.

Затоа нам ни е тешко да ја средиме државата. Затоа што немаме чувство за заедница. Затоа што заедничкиот интерес завршува на куќниот праг. И на сеирот. Дури ни лифтот кој сите го делиме во зградата во која живееме никој не го чувствува за свој. А не пак, планините, реките, парковите, тротоарите, пешачките зони, јавниот превоз…

Гледам јас дека ќе оставиме ние уште многу скршени срца. Ај што странците се мачат државата да ни ја направат.  Туку, ќе треба и да ни ја чистат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира