1 До дипломатските пасоши е проблемот. Да имаа сите членови на Антикорупциската комисија дипломатски пасоши како што има претседателката Татјана Димитровска, можеби и Цвета Ристовска, на која ѝ беше даден случајот за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, ќе отидеше до Пловдив да го провери серификатот за англиски јазик што го издава некое студио „Јулија“, кое не издава ТОЕФЛ сертификати. Вака, членовите на Антикорупциската комисија едногласно одлучија дека тоа не е нивна работа.
И за претставката за дипломата на директорот Христовски од приватниот универзитет каде што завршил економија, Антикорупциската комисија рече дека не е нивна работа. Соопштија дека за „оспорената факултетска диплома надлежна институција која ги утврдува фактите е Државен просветен инспекторат“.
Па што чекаа три месеци? Што не кажаа антикорупционерите уште одма дека тоа не е нивна работа? Или, воопшто не ни знаат што им е работа. А, на крајот на краиштата, што има да се замараат со истражувања кога премиерот Христијан Мицкоски, веднаш штом бугарските медиуми во октомври објавија дека студиото во Пловдив издавало лажни ТОЕФЛ дипломи, рече дека тоа ќе го истражи Антикорупциската комисија, ама тој е уверен дека „сѐ е по закон“, оти „Христовски е чесен човек“.
Лакрдија е сериозна претстава во споредба со ова што ДКСК го изведе со известувачот Цвета Ристовска и одлуката за Бојан Христовски.
2 И што има сега Антикорупциска да се занимава со било што и било кој што има некаква врска со владејачката партија, кога знаеме како делува оваа институција во време на ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавате на Комисијата од 2016, кога тогашниот претседател Горан Миленков на барањето на новинарите да го покаже имотниот лист на Никола Груевски изјави: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“.
Така што, тури ѝ пепел на оваа Антикорупциска комисија и на „робустната“ борба против корупцијата. Тури им пепел и на сите американски, швајцарски, холандски, германски и којзнае уште чии сѐ донации на странски даночни обрзници за македонската борба против корупцијата. Тури ѝ пепел на Антикорупциска комисија што наместо да соработува со медиумите, се кара со новинарите што истражуваат корупција и што се повикуваат на официјални биографии објавени на официјлните сајтови и на ДКСК, и на Собрание и на АНБ, а како што тргнала работата, ќе учествува и во лични хајки. Што да очекуваш од антикорупционери на кои им требаа повеќе од два месеца да откријат една таква банална работа како што беше дали премиерот од лична сметка ја платил авионската карта за син му за Вашингтон, кога го придружуваше на Самитот на НАТО во јули. Нешто што се открива со еден клик. А најинтересен детаљ од предметот за директорот на АНБ е тоа што, за разлика од него што положил 40 испити на приватен економски факултет за една година, Ристовска што го истражувала предметот студирала економија на државен универзитет 10 години.
Впрочем, се виде нивното уште со првиот потег кога побараа дипломатски пасоши оти имале многу покани за патување во странство. Одат на обуки во САД и ЕУ да учат борба против корупција. Таму учат дека треба да си обезбедат привилегии прво за себе.
На последната седница на ДКСК јавно поставивме прашање дали, покрај претседателката Димитровска, дипломатски пасоши добиле и останатите членови на ДКСК? Не ни одговорија. Толку и од транспарентноста.
Така што, ич да не се занесуваме дека воопшто имаме некаква независна институција што ќе предупредува на корупција и непотизам во јавните институции. И најљубезно да го затвориме прашањето за работата на ДКСК. За век и векови, амин.
3 Собранието на 24 декември ги изгласа измените на Законот за јавни набавки, во прво читање. Невладините организации што работат на проекти за борба против корупцијата предупредија дека со предложените измени ќе се укине контролата на јавните набавки што сега ја прави Бирото за јавни набавки и дополнително ќе се зголеми ризикот од корупција.
Пратеничката група на СДСМ побара да се отвори јавна расправа за измените на законот. Владејачкото мнозинство не го прифати предлогот. И пратениците на СДСМ си заминаа. На седницата биле присутни 61 пратеник. Измените се изгласани со 61 глас. Значи, сите од власта.
Следниот ден, координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски, коментирајќи го новогодишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Собранието рече дека очекувал таа „јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки со кој се руши транспарентноста“ и ја повика да не го потпише указот за законот.
Што има Спасовски да ја повикува претседателката да не го потпишува законот, кога ниту еден пратеник на СДСМ не гласал против? И што им е финтата да не гласаат „против“, туку ја напуштаат салата? Ионака власта го има мнозинството за кворум. Барем гласот „против“ да остане запис за историја. Нека се памти. А и платата да си ја оправдаат.
4 Како што ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за заробена држава во последните 7 години, додека беше во опозиција, а претходно ја имаше заробено со 11 свои години на власт, така сега и ДУИ, по свои над 20 години на власт, последниве шест месеци додека е во опозиција зборува за заробена држава.
ДУИ се жали на „систематско заробување на институциите на правдата од оваа влада и конформизмот на одредени судии и обвинители кои се ставиле во служба на политиката“. Во исто време, го прашува Мицкоски зошто не покренува постапка против вицепремиерот Изет Меџити за плоштадот Скендербег што додека беше во опозиција го нарекувал Тендербег и за 30-те згради во Чаир кои се легализирани со антидатирање. А истиот тој Меџити беше градоначалник од ДУИ и дел од високото раководство на партијата.
Значи, кога ние се жалевме дека ДУИ ги заробува институциите, дека мести судии и обвинители, тие ни се продаваа за европејство. Сега, кога е распишана потерница по Артан Груби, одеднаш државата е заробена.
И ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат премиер и вицепремиер осудени и обвинети за корупција, кои се и на црната листа на американскиот Стејт департмент. Па затоа им се гледа заробена државата кога не биле на власт.
5 „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…”
28 декември 1944 година е денот кога за првпат во ослободена Македонија низ етерот слободно се слушна македонски јазик. Најавата беше на Владо Малески, а преносот продолжил со говорот на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
За 28 декември 2024, Собранието не испланира ништо да ја одбележи 80-годишнината од еден од носечките столбови на македонската државност – Македонското радио.
Што не е причина да не честитаме. И на колегите од јавниот сервис, а и на самите себеси. Нека ни е вечен македонскиот јазик.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST