ВАНЃА И КОЊОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:101:"Научнафантастикае?Иликомедија?Илисепак,трагедија.

1 Додека Америка уште спиеше, а Јапонија се спремаше да си легне, јас се разбудив во Македонија, една од најразвиените земји во светот. Така пишуваше во најава на вести на телевизија.

Крајно време е Македонија да си го заузда темпото на развојот. Оти ако вака продолжиме, Пјонгјанг ќе ги наврти ракетите со боевите глави кон Скопје. Така тие се пресметуваат со поразвиените од нив.

Стварно, што си мислите кога на вести ќе ви кажат дека Македонија е една од најразвиените земји во светот? Си помислувате: „Ех којзнае како им е на неразвиените“.

2 Обвинителите од обвинителството на Зврлевски  седнаа, напишаа писмо, нешто на латински  ѝ мудруваа на Катица Јанева, ама заборавија да се потпишат. Штета. Оти, вака без потпис нема да знаеме кои се тие толку професионални обвинители кои ја напизмија Катица како непрофесионална.

Баш ме интересира дали овие непотпишаните обвинители се од редот на професионалците што пола година не можат да го декодираат мобилниот на сведокот на СЈО Коста Крпач? Или ова се оние професионалци што го најдоа телото на новинарот Никола Младенов по сообраќајката според сигналот на мобилниот, ама не го најдоа мобилниот? И кои за разлика од непрофесионалната Катица, уште водат професонална истрага кој ја нападна Општина Центар пред три години. За нападот врз ЛГБТ центарот пак, ич да не збориме. Таму напаѓачите беа со качулки, тоа е сложена истрага.

Од што беа обвинителите многу професионални, цел свет се дигна да ја вади Македонија од криза, па мораше да се формира непрофесионално Специјално обвинителство.

3 И професионалците од Кривичниот суд се пожалија на непрофесионалноста на Специјалното јавно обвинителство.  Соопштија дека Судот не сака да учествува во спектаклите на СЈО и да крши презумпција на невиност, туку „отсега благовремено и прецизно ќе ја информира јавноста за сите донесени одлуки преку соопштенија“.

Значи, Катица била во право кога рече дека ги размрдала судиите. Штом велат дека отсега друга песна ќе пеат,  значи дека досега пееле фалш.  И дури сега се налутиле на некој обвинител што си ја работи својата работа.  Оти досега обвинителите не им пречеле.

На судиите на кои сега им е спектакуларно кога Катица вика „Отвори, отвори!“ пред портата на МВР за да спроведе судски налог, не им изгледаа доволно спектакуларно парадите пред судот кога ги носеа на распит, на пример, новинарот Томислав Кежаровски,  лекарот и синдикален  лидер Дејан Ставриќ, инкасантите на патарините од Змиско око… И лекарите осомничени за поткуп. И професорите од Економскиот факултет. И нивните колеги – судиите за прекршоци…

Сега од Катица го штитат дигнитетот на судската власт. А не им бил спорен дигнитетот кога фаќале врски и купувале „сваровски“ за да бидат штиклирани во тефтерчето на Гоца и издиктирани на секретарката на премиерот .

4 Се појавија неколку наслови на вести излезени од брифинг во канцеларијата на ЕУ во Скопје, кои сугерираат дека  „дипломатите сметаат дека би било добро Специјалното обвинителство да биде помалку активно за време на изборната кампања за да не врши влијание врз резултатите од изборите“.

Демек, Катица требало малку да се смири. Што значи тоа? Дека СЈО треба да ги замрзне истрагите до изборите за да не влијае на изборниот резултат? Меѓу кои има и истраги за изборни измами за последните 7 години. А тоа значи – што? Дека некој што сака да оди на избори се плаши дека ќе заврши во затвор поради истрагите на СЈО, затоа што крадел на избори? Е па, тоа стварно би влијаело на изборниот резултат.

Нејсе. Кажале дипломатите, ама СДСМ молчи. Дали тоа значи дека и ним им одговара СЈО да прекине со истрагите? Тоа значи – што? Дека џабе две години се маткаме со бомбите? Дека тоа што го чувме не е криминал кој вреди да се истражува оти идат избори?

Е па, ако не треба да работи СЈО на Катица Јанева оти ќе влијае на изборите, тогаш до 11 декември не треба да работи ни Обвинителството на Марко Зврлевски.

Значи, во оваа држава право и правда ќе има толку колку што ќе се договорат Заев и Груевски. Излегува дека, во суштина, ако се договорат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тогаш може и Уставот да не важи. Ионака највисоки институции во државата се Законот на партијата, Клубот на пратеници и Резиденцијата на ЕУ во Пржино. И така, државата и парадржавата станаа едно.  А ние наивните ќе веруваме во право, правда, јавен интерес, отчетност, морал, одговорност… Тра-ла-ла…

5 И да се вратиме во реалноста од почетокот на текстот, кога се разбудив во една од најразвиените економии во светот. Колку сме развиени се покажа дури и на примерот на Струмица, една од трите општини во кои на власт е опозицијата.

Струмица оствари два успеха во една недела. Прво, продолжи да ја гради пречистителната станица што почнале да ја градат пред 20 години, па ја прекинале оти немале пари. Сега добиле пари од ЕУ. И анџак се при пари,  донеле одлука да дигнат споменик на Баба Ванѓа. Зошто? Затоа што општинските советници заседавале на Света Петка, а Света Петка ѝ била заштитничка на Баба Ванѓа. Чиста логика. Неверојатно. Ама вистинито. Сигурно Баба Ванѓа претскажала дека за 20 години ќе ја продолжат изградбата на пречистителната станица. Дали ќе ја завршат, тоа ни Баба Ванѓа не видела.

СДСМ се најде во работа за Света Петка. Да продава популизам како ВМРО-ДПМНЕ.

За време на власта на ВМРО-ДПМНЕ  единица мерка за неразумно трошење е мадето на коњот на Александар. На пример, колку болни можат да се излечат со вредноста на едно маде? Ако дојде до промени, можеби единицата мерка за неразумно трошење ќе се смени. Па, сè ќе сметаме со цената на чинење на ќорото око на Баба Ванѓа.

6 Во Охрид се одржува некоја судска конференција под наслов „Независно судство“. И темата и градот таман се погодени. Само, имам проблем да  сфатам што жанр е конференцијата. Научна фантастика е? Или комедија? Или сепак, трагедија.

СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST

Слушај тука

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира