ВИКАЈ ПОЛИЦИЈА

Глупаво е секое сабајле штом се разбудиме да гледаме што кажала Софија и како тоа го искоментирале во Вашингтон и Брисел, а да не гледаме што ни се случува во Скопје.

ВИКАЈ ПОЛИЦИЈА

1 Слика прва – Ладовинка покрај езеро, Малку Отешево, малку Охрид. Таму, цела влада, сите амбасадори, политичари, министри, новинари, експерти, аналитичари… Цел свет се собрал на едно место, Америка и Европа расправаат за значењето на Западниот Балкан, за европски перспективи на регионот, за глобална безбедност и длабокоумни теми од високата политика. Тоа се вика „Преспа форум – дијалог“.

Слика втора – центар на главниот град. Пукнало сонце, четириесет степени, цела држава во портокалова фаза. Стотици луѓе со часови чекаат надвор на скали, а дувнал некој јужен ветер од Сахара, мислиш фен некој вклучил на сета жештина. Внатре, не се дише. Кој со маска, кој без маска, запотени, залепени жени, мажи, цели фамилии, еден до друг си дишат во врат, деца плачат, луѓе припаѓаат, кој зборува на мобилен да фати врски побрзо да се пробие, кој се бутка преку ред, си додаваат вода да се разладат, други викаат, се закануваат, ќе се тепаат… Сликата не е од некоја итна евакуација, луѓето не се тепаат за да се спасат, туку да извадат лични документи во просториите каде што државата те слика за лични карти, пасоши, возачки дозволи. Кога, на еден од толпата му текнува: „Викни полиција“, вреска на цел глас, а другите му се смеат: „Која полиција бе, па ние сме во полиција“.

Е, тоа е нашето секојдневие далеку од гламурот на евроинтегративните процеси. Да викаш полиција, а полицијата не може да ти помогне иако си среде полиција. Да бараш сервис од државата на која ѝ плаќаш даноци, а државата да не ти заврши работа иако си се обратил во државна институција што е одговорна да ти ја заврши работата на време. Тоа не е само МВР. Тоа се сите институции. Ниту една не е тука кога ти треба. Викај полиција во полициска станица – тоа е нашиот реален Преспа дијалог.

2 Така што, не сум јас премногу загрижен за второто бугарско вето за почеток на преговорите со ЕУ, иако искрено, веќе сум уморен од чекање и ме фаќа летаргија. Загрижен сум дека сега владејачката елита, која и да ја изгласаме во иднина, секогаш ќе си има оправдување за сопствените неуспеси, како што 25 години си наоѓаа оправдување во Грција. Сега, Бугарија е новата Грција. Ама уште пострашна.

Бадијала претседателот Стево Пендаровски се надева дека сега приоритет на словенечкото претседателство ќе биде проширувањето на ЕУ и затоа е добро тоа што завршило португалското претседателство. Па и на Германија почетокот на преговорите со Македонија и Албанија ептен ѝ беше приоритет, па дури и таа не успеа. Португалскиот предлог, за кој нашите викаат дека е добра основа за напредок, беше надграден германски предлог. Сега Словенците ќе направат надграден португалски предлог. После ќе дојдат Французите. Тие нема ни предлог да прават, оти претседавањето со ЕУ ќе им се поклопи со нивните претседателски избори. Сите се сменија, само Бугарија си остана со ветото. Така што, џабе Владата вика дека сакаме да преговараме, кога немаме за што, оти Бугарија не ги прифати ни германскиот, ни португалскиот предлог.

Башка, ако Бугарија решила преку ветото за Македонија да ја води битката со ЕУ партнерите за влез во Шенген системот – ние тука ништо не можеме. А и ако тема за дијалог е „или ќе признаете дека сте Бугари и зборувате бугарски, или ништо од ЕУ“, тогаш – ништо од ЕУ.

3 Година и пол се справуваме со последиците од ковидот и последиците од бугарското вето. Затоа што година и пол, освен ковид и Бугарија ние немаме друга вест во државата. Броиме умрени и броиме бугарски вета. Ама тие последици ги чувствуваме ние, а власта не.

Очигледно е дека нè фати нов вртлог од кој можеби нема да можеме да се извлечеме и следните триесет години. Ама, што правиме со нашава живејачка тука? Кога тоа ќе стане приоритет на секоја власт, ако веќе решиме дека не сме спремни да одиме подолу од ова за да станеме дел од ЕУ? Глупаво е штом се разбудиме секое сабајле да гледаме што кажала Софија и како тоа го искоментирале во Вашингтон и Брисел, а да не гледаме што ни се случува во Скопје. Срамно е меѓународната заедница да биде совеста на власта, или што би рекол Заев, камшикот за власта, наместо тоа да бидат граѓанките и граѓаните што плаќаат даноци и гласаат на избори.

4 Претседетелот на Собранието Талат Џафери отишол во Европскиот парламент во Брисел и се обратил на албански јазик, иако според Уставот, за меѓународна употреба службен е македонскиот јазик.

Џафери е втор човек во државата. Како законодавец, сигурно знае дека Уставот е посилен од законот кој пропишува дека на албански може да зборува во македонското Собрание. Во странство, службениот јазик е македонскиот. Башка, Џафери знае македонски, не е како лидерот Али Ахмети. Ама, претседателот на Собранието, во стилот на сопартиецот Рамиз Мерко, вика „баш ме брига“. Бидејќи се зелена партија, тие се над Уставот.

И еве – да речеме дека Албанците се израдуваа оти Џафери во Брисел зборувал албански. А Македонците да се израдуваат?  Или, што поголемо понижување на Македонците толку поуспешна кампања на ДУИ.

Додека СДСМ се секира што ќе кажат странците, ДУИ си се секира само за Албанците. Оти, ако се бранат интересите на Македонците, тоа не е политички коректно, ама за интересите на Албанците сè е политичко коректно.

Што послаб партнер во власта, толку повисока цена за ДУИ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира