• Lexo në shqip
  • СОРОС И КАТИЦА

    Твое министерство - твоја држава. Твое јавно претпријатие - твој кантон.

    22595

    1 До пред само еден месец, Никола Груевски бараше од гласачкото тело да му обезбеди 63 пратеници за да не може никој да го уценува. Им измисли федерализации, кантонизации, двојазичност и бинационална држава и ги плашеше дека децата ќе морале да учат албански јазик. А сега, во интервју со досега објавени четири продолженија, раскажува дека тој не е националист, дека многу ги сака Албанците, дека им дал веќе два универзитета, дека СДСМ ги тепал Албанците, а тој одел по џамии и лично ги спасувал од поплави и ги амнестирал осомничените од УЧК за Хашките случаи за воени злосторства.

    Прво си измисли националистичка тема. Ги доби изборите на националистичка карта. И сега, на оние 450.000 гласачи што му поверуваа во приказните за федерализацијата им раскажува дека не е националист.

    Ама тоа што е националист, воопшто не е најголемиот грев на Груевски. Овие избори не беа затоа што имаме проблем со национализмот на Груевски. Ниту пак поради национализмот на партиите на Албанците. Изборите на 11 декември беа затоа што имаме проблем со сомнежи за криминално владеење на досегашната власт. Имавме предвремени избори затоа што владејачките партии ја заробиле државата, прислушувале и кршеле човекови права. Немаше три Пржински договори поради национализмот на Груевски. Се преговараше поради тоа што слушнавме како владеел. СЈО не беше измислено затоа што тој многу ги сакал или не ги сакал Албанците. Измислено е за да открие кој прислушувал. И да ги истражи сомневањата за криминал во разговорите што сите ги слушнавме.

    Ниту пак ДУИ изгуби толку катастрофално затоа затоа што на своите гласачи не им обезбедила двојазичност. И дека не исповработила доволно Албанци по Рамковен договор на државна плата. Изгубија оти беа ујдисани со Груевски во истиот начин на владеење.

    Може Груевски уште во сто продолженија да се жали дека Сорос сака да ја уништи Македонија затоа што не бил добро информиран, да ја пизми Катица Јанева дека е недоделкана и да им изразува љубов на Албанците. Ама, тоа нема да ја избрише меморијата за она што го чувме како владеел.

    2 А федерализацијата видовме како функционира со 25 сантиметри снег што ја отсече цела источна Македонија. Оти „Македонија пат“ е на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со тоа.  И не смее да праша дали „Македонија пат“ има намера да го исчисти снегот“, оти „Македонија пат“  е на ДУИ. И не прашува зошто „Македонија пат“ дала милион и пол евра од нашите пари на три фирми од Тетово, Зајас и Демир Хисар да чистат снег, а не го исчистиле, оти „Македонија пат“ е на ДУИ.

    Е тоа е федерализацијата што ја направија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога ги грабнаа институциите и си ги третираа како сопствени дуќани. Ова министерство е на ДУИ и не ме интересира ни што тендери спроведува, ни кого вработува… Твое министерство – твоја држава. Твое јавно претпријатие – твој кантон.

    И кантоните си склучувале договори за вршење услуги. Ама договорите не биле за  давање услуги на граѓаните. Туку за меѓусебно вршење услуги.

    3 И кога власта ќе си ги подели нашите пари за услуги меѓу себе, нема да остане услуга за нас. Па следниот пат кога некоја Комисија со помпезно измислено име од типот „Комисија за справување со студен бран“, ќе ви каже да не излегувате од дома без потреба, сфатете ја сериозно. И не излегувајте од  дома. Оти секое излегување од дома е на сопствена одговорност и ризик. Затоа што власта има капацитет да смисли помпезно име на Комисија. Ама не и да се справи со 20 сантиметри снег во јануари, плус три дена најавуван однапред. Па така и тие 20 сантиметри снег стануваат катастрофа од епски размери. И така на телевизија ќе ти кажуваат дека било нормално  на секои 10 години да има толку снег и толку ниски температури. И дека така е насекаде во светот. Само што, кај на сѐ е уште пострашно. Таму барем Сорос не сака да им ги уништи државите.

    Ова е исто како со водната бомба што се урна во Стајковци еднаш на илјада години. И со советите „Не луфтирајте“ како главна мерка против загадениот воздух.

    4
    Кај и да ѐ, ќе дојде лето, па ќе се формира Комисија за справување со топлиот бран. Која ќе препорача да не се излегува од дома без поголема потреба.

    А да дефинираше државата што е тоа поголема потреба? Да се формира Комисија за дефинирање големи и мали потреби.  Да знаеме што за државата е прифатлива, а што неприфатлива потреба за излегување од дома. Па ако треба и казни да се воведат за тие што излегуваат без поголема потреба.

    Туку, што правиме ако студениот бран или топлотниот бран нѐ најде надвор од дома? Сигурно некој од тие завеаните на автопатот Скопје – Велес имал потреба да се врати  дома. Како би ви звучело предупредувањето: „Не се враќај дома без потреба?“ Оти не знаеш што ќе начекаш.

    5
    Среќа што СДСМ е на власт само во две и пол општини. Па само во Куманово и во Струмица и во делови на Центар што не припаѓаат на Скопје 2014 има сиромаштија, луѓето се гушат од загаден воздух, и владее хаос оти снегот не и исчистен од улиците.  Сигурно и силуваат по улици, ама екипите на „ТВ куририте“ уште немаат фатено никого во живо, па не објавуваат непотврдени информации.

    Среќа што поголемиот дел од Македонија не е под власт на СДСМ. Па луѓето таму живеат во благосостојба, мир и спокојство и дишат чист воздух.

    6
    Поповите до вчера собираа пари за светење на Бадникарските огнови, ама МПЦ годинава препорача да не се палат огнови, оти тоа бил пагански обичај. Арно ама, верниците не ја послушаа МПЦ. Па огнови повторно се палеа.

    МПЦ има погрешен пристап кон верниците. Оние верници што ја бранеа црквата со напади на Општина Центар во 2013 не ја слушаа МПЦ. Партијата си ја слушаа. Требаше МПЦ да ја замоли ВМРО-ДПМНЕ да даде препорака до верниците да не палат огнови. И тие ќе ги следеа наредбите.

    МПЦ им препорача на верниците дрвата за оган да ги донираат на сиромашните. Оти МПЦ нема пари за сиромашните. Ги потроши за богатите. За донација на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања.

    7
    Ме интересира дали оваа Комисија за справување со студениот бран има и поткомисија за спас на палмите. Па како што имаме Центар за управување со кризи на ДУИ, да добиеме Центар за спас на палмите на ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа колку палми донесоа и колку пари потрошивме за нив, овие егзотични дрва треба да се третираат како национално богатство.

    ЦСП ќе има бајаги простор за вработување. Во лето ги прскаат за да им создадат влага, а во зима ги туткаат со јута за да ги стоплат на -20 степени. Од мерките на „Македонски шуми“ и на комуналните препоријатија палмите до сега ни еден нов лист не пуштија. Па ЦСП ќе мора да смисли поефикасни мерки.  Партијата да им нареди на членовите во зима да ги гушкаат палмите. А во лето да ги мочаат од високо.