МАСКИ И КИКИРИКИ

Може ДУИ и од опозиција да ги брани интересите на Албанците.

МАСКИ И КИКИРИКИ

1 Што е најразумна реакција на граѓанин, кога ќе чуе од епидемиолог од Институтот за јавно здравство дека еден случај на коронавирус не преставува опасност за целото население? Веднаш оди во самопослуга и купува макарони, брашно и зејтин. Притоа, лекарот вика дека најдобра превенција за заштита од вирусот е често миење на рацете со вода и сапун. Не спомена макарони. Разумен граѓанин веднаш оди во аптека и купува хируршка маска. Иако лекарите велат дека маската треба да ја носи само тој што е заболен за да не ги зарази другите. За здравите маската може да е опасна.

Откако ќе се врати од интервентен шопинг, разумниот граѓанин седнува пред компјутер и на социјалните мрежи ги споделува своите неисцрпни знаења од областа на медицината, со сите супспецијалистички експертизи. И така, снабден со резерви од макарони, по можност од неиталијанско потекло, се ориентира на длабинска анализа и ги брои авионите што треба да слетаат од Милано и од Тревизо.

Други граѓани, со поширока експертиза од општа култура, имаат и логични прашања до здравствените власти. Како на пример, зошто Италијанецот кој првпат го тестираа за корoнавирус воопшто го примиле да влезе во земјава? Требало веднаш да го вратат во Кина!

Веројатно, тоа се истите луѓе што тврдеа дека заболените јапонски цреши од центарот на Скопје треба да се лечат, наместо да се сечат. Сабајле се фитопатолози. Навечер се епидемиолози и инфектолози. А во слободно време се и ветеринари, специјалисти за лишманија кај уличните кучиња.

Навистина, зачудува колку многу експерти за коронавирусот изнедрило ова подрачје во кое луѓето кога ќе излезат од веце, наместо да си ги мијат рацете, се фаќаат за мобилните да си направат селфи пред огледало. И после буричкаат во кикириките што си ги делат и со тие што си ги мијат рацете.

2 По објавувањето на предизборната коалиција помеѓу СДСМ и Беса, вицепремиерот Бујар Османи изјави дека таа коалиција „ги дефакторизира албанските гласови“. Што му значи тоа на Османи стана појасно откако потпретседателот на ДУИ Изет Меџити преведе: „Нас нѐ интересира само едно – да го имаме легитимитетот на Албанците, а другите нека му ја мислат“.

А кои се другите? И што да му ја мислат? Да мислат како ли ќе им биде ако ДУИ не е на власт? Башка, од каде па баш ДУИ има монопол да ги застапува интересите на Албанците? И кои се интересите на Албаците? И зошто тие интереси се различни од интересите на Македонците и останатите граѓани, припадници на други народи во земја што е членка на НАТО и чека преговори за влез во ЕУ? Од кого ДУИ ќе ги брани Албанците? Од НАТО? Или од ЕУ?

Е добро де. Може и ДУИ некогаш да биде во опозиција. Па ќе има и други избори. Нема да запре светот ако ДУИ не е на власт. На крајот на краиштата, можат во ДУИ и од опозиција да ги бранат интересите на Албанците. Ако веќе толку инсистираат дека баш тие го имаат монополот.

3 Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека ќе покрене истрага по допрен глас, откако силниот ветер што дуваше во Скопје ја однесе барокната стиропорна фасада на седиштето на државната компанија МЕПСО, што беше додадена на модерната зграда во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Уште во февруари 2018, Државниот ревизор известил дека за реконструкцијата на фасадата поранешниот директор работел неодговорно, несовесно и не ги заштитил интересите на компанијата. Државниот завод за ревизија овој извештај го доставил до Јавното обвинителство. Тоа пред две години не беше ли „допрен глас“ за да се покрене истрага? Не беа ли „допрен глас“ двата ревизорски извештаи за „Скопје 2014“ што Општина Центар ги предаде во Обвинителството уште во 2013 година? Не беа ли „допрен глас“ десетиците истражувачки стории за финансиските манипулации за „Скопје 2014“?

Требаше ли да дувне ветер за на обвинителството да му го донесе гласот и за да покрене истрага?

4 Наместо заштитни маски, поупатно е да се носат заштитни шлемови. Маските не штитат од вируси. А шлемот може да ти спаси глава додека шеташ низ „Скопје 2014“.

Прво, се молевме да дувне ветер за да не биде загадено. Кога задува, одлетаа фасадите. Дај, да не се молиме да заврне оти сушна ни беше зимата. Ако надојде Вардар, кај и да е, и галиите ќе тргнат накај Солун. Ќе ги однесат мостовите.

Па после, ќе чекаме ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт. За да ја обнови Македонија. Со стиропор од нови 600 милиони евра.

5 Маршот за правда што го организираше СДСМ беше смешен и бесмислен. А маршот за правда што го организираше ВМРО-ДПМНЕ беше навредлив.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во говорот пред судот праша: „Кој одговараше овие три години, по годините кампања што ја водеше Зоран Заев?“. Кој го прашува тоа? Лидерот на партијата што го зароби правосудството и чиишто инсталации сѐ уште го држат во заложништво. Нека не прашува на митинг. Нека си ги провери тефтерчињата на Груевски. Со штиклираните имиња на судии и обвинители. Таму ќе го најде одговорот зошто никој не одговараше овие три години.

Мицкоски упорно маршира за враќање на правдата на Груевски.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира