ХВАЛА БУГАРИЈО

Македонците решија да ги вакцинира „балканскиот диктатор“ Вучиќ кога веќе „ЕУ демократот“ Борисов не ги признава ни за живи

ХВАЛА БУГАРИЈО

1 Стотици, ако не и илјадници македонски граѓанки и граѓани деновиве ја одбележуваат годишнината од приемот во НАТО во халите на Белградското сајмиште чекајќи да бидат вакцинирани против ковид-19. Заедно со граѓаните на Србија, кои исто така деновиве одбележуваат годишнина од бомбардирањето на НАТО. Ќе биде интересно да се види дали за еден викенд Србија извакцинирала повеќе Македонци, отколку што Македонија ги извакцинирала дома лекарите за месец и пол. И тоа пак – со вакцини подарени од Србија.

Звучи иронично? Звучи грубо? Звучи ужасно? Да. Ама така е. Барем за мене лично, кој длабоко верува во западните вредности, во солидарноста и во принципите што на хартија ги промовира Европската унија, ова е исклучително болно разочарување.

Некако, како да умира европската идеја во Македонија. Зошто? Затоа што по којзнае кој пат Европската унија нè напушти, нè изневери, не ги исполни ветувањата. Едноставно, не се покажа како партнер на кого можеш да сметаш дека ќе ти се најде.

Слушам, многумина ја обвинуваат Владата дека не набавила руски и кинески вакцини уште во септември лани, кога тие ни ги нуделе, а ние сме ги одбиле. Можете ли да замислите што би се случило ако Владата на земјата што е најнова членка на НАТО во време кога чека до крај на годината да ги почне од март ветените преговори за влез во ЕУ би влегла во аранжман со Русија и со Кина? И нормално е за една проевропска НАТО земја да ги одбие понудите на Москва и Пекинг, кога природно очекуваш работата да си ја заврши со Брисел.

Ви текнува кога Венко во Софија се сликаше со Бојко Борисов да моли за 100 вакцини? По европски пат го имаше Заев пратено, ко што е редот.

И што добивме ние за лојалноста кон ЕУ? Вето од Бугарија. Другите малку си потрепкаа и освен Чешка и Словачка, ни збор не кажаа. Си заќутеа и Хрватска и Словенија од кои природно очекувавме поддршка, оти барем тие добро ги знаат состојбите во Македонија. Впрочем, во кои европски вредности да се колнеш во Скопје, кога во Брисел не поминува ниту еден амандман со којшто ќе се осуди бруталното силување што ни го прави Бугарија?

И после ни е криво дека македонските граѓани во Белград по примената вакцина се сликаат пред плакатот на којшто пишува „Хвала Србија“. А ние толку би сакале и копнееме да се сликаме покрај „ЕУ за тебе“.

Од Србија добивме вакцини. А од ЕУ што добивме? Каракачанов го добивме.

За здравје се работи.  Кога треба да спасиш живот знаеш колку ми е гајле за геостратешката позиција на државата и што ќе пишува во таму некој извештај на ЕУ? Па сум решил да ме вакцинира „диктаторот“ Вучиќ, кога „демократот“ Борисов не ме признава ни за жив.

2 Додека Бугарија раздава пасоши за Македонци, а Србија раздава вакцини, ние се фалиме колку слободни кревети има по болниците. Како во времињата кога пред продолжен викенд на телевизииите одеа вести од Охрид и Дојран дека „се бара легло повеќе“.

Се плашам дека и по ова разочарување ние нема да ја научиме лекцијата. Дека нема да ни дојде памет за другпат, ако има другпат, да се охрабриме да играме со сите карти што ни се на маса, а не да се плашиме дека некој ќе ни замери поради геополитички игри. И да се надеваме дека друг ќе ни ја заврши работата, додека ние си играме локално.

Власта ќе си тера партиски избори, премиерот ќе шета по пазари, вицепремиерот ќе пребројува Албанци низ светот, министерот за надворешни работи ќе лобира за признавање на Косово, опозицијата од партиите на Албанците ќе го блокира Собранието за да обезбеди државјанство со сведоци, ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Собранието за инает, министерот за здравство ќе одбележува годишнина од асфалтирањето на Клиничкиот центар, а премиерот Заев ќе ги теши сограѓаните дека е предност што последни сме добиле вакцини.

Барем нека одмолчи, нека признае дека е утната работата, како што признаваат и европските лидери. Не можеш да им укажеш на таа предност на оние што плачат на гробовите. Немилосрдно е.

3 Па згора на сè, уште и партиските подлизурковци ќе продаваат патриотизам и ќе ги бележат за непатриоти тие што тргнаа кон Врање, Ниш и Белград за да се спасат. Па што да прават? Да чекаат Владата опело да им испее? Оти сите таму се големи верници.

Оваа политичка промоција на Србија сигурно е идеја на Александар Вучиќ. Ама тој тоа не го извел сам. Таму некој сериозно работел за набавка на вакцините. Некои државни службеници правеле договори, преговарале, контактирале, истражувале, организирале, лобирале…

Кој да ги направи контактите кај нас? Ај да речеме, министерот за надворешни работи Бујар Османи има поважна работа – лобира за Косово и ги убедува Албанците од дијаспората да се попишат. Ама, колку телефони свртел претседателот Стево Пендаровски? Кои приватни контакти ги искористил за државата да обезбеди вакцини? Кај менаџерот се јавил, вика. Шеф на држава кај менаџер на компанија се јавува и овој го откачил.

Па имаме ние уште двајца претседатели што ги плаќаме. Кај кого се јавија Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов? Толку никаде не оставиле сопствен печат? Толку Иванов за десетте години додека беше шеф на држава не успеа ни на државна сметка, додека шеташе по светот да создаде некое пријателство за да се чувствува комотен да дигне телефон?

Има ли за државата нешто поважно од вакцините во овој момент? Која дипломатска машинерија ќе лобира низ светот кога немаме амбасадори ни во Вашингтон, ни во Пекинг, ни во Москва ни во Белград, ни во Софија… Кај нас во МНР во отсекот Јавна дипломатија ги ставаат по казна, а Србија држи лекции по јавна дипломатија со „Хвала Србија“.

Или, колкумина државни службеници, здравствени експерти и правници си ја сфатиле сериозно задачата во Владата, во Министерството за здравство и во сите оние агенции што ги храниме и чијашто главна задача беше да ни обезбедат вакцини за платата што ја примаат? Старите кадри остави ги, ионака ништо не работат, новиве се наши, им дадовме работа за да има лепче за сите. И – видовме колку ги бива и старите и новите. Кој да ги донесе вакцините? Партиските полтрони од СДСМ? Или националистите од ДУИ?

4 Во какво лудило е донесена државата покажува тоа што и пописот се продава како врвен патриотски чин. Една обична статистичка операција сега стана мерка за љубов кон татковината.

Навистина, не можам да ги сфатам овие што повикуваат на бојкот на пописот. Се плашат од корона, или се плашат колку Албанци ќе се попишат? Што си мислат кога повикуваат на бојкот? Дека пописот нема да важи, дека ќе се поништи, дека бојкотирачите ќе ги бројат во посебна графа? Дека ќе се пребројат Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби… и – „Не отварам врата“!? Не, бре. Ќе си важи бројката на попишаните. Исто како за референдумот за Северна Македонија што беше услов за НАТО. Готова е таа работа. Не излегоа, бојкотираа, се подбиваа со „северџани“… Ама се важеа гласовите на тие што излегоа да гласаат.

Исто беше и на последните избори. Од многу паметни правење – „не ви гласам бе“, им подарија 15 пратенички места на ДУИ. Така што, Македонци, ако не се попишете никој нема да ви биде виновен.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира