1 ЕВН, по повеќегодишна опсада и преговори, го скрши отпорот на арачиновци и успеа да влезе во селото за да ја модернизира мрежата. Но, кумановско Слупчане не се дава. Во селото каде масовно се краде струја, жителите со денови со блокади не им дозволуваат на екипите на ЕВН да ги сменат струјомерите. Претседателот на месната заедница Сељадин Шаини рекол дека жителите се подготвени да го платат долгот кон ЕВН, но не сакаат да плаќаат камата на камата, бараат да им се намали цената на струјометрите и да им се прости долгот на социјално загрозените семејства.
Австриската ЕВН е компанија од ЕУ. Се моли Владата да го вклучи Сељадин од Слупчане во тимот на Бојан Маричиќ за преговори со ЕУ. Тој ионака веќе е вклучен во преговорите во кластерот „Енергетика“. На терен оперира со „европскиот фронт“ на Димитар Ковачевски и коалиционите партнери.
Значи, ЕУ преговара со тие што не плаќаат и ги тинтра. А ние, што почитуваме обврски и рокови и си плаќаме сѐ, од даноци до казни, не заслужуваме такво тинтрање.
2 Ќе помине цело лето додека да дознаеме кој што кажал и како кажал на лидерската средба меѓи Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, ама тоа губи секакво значење во однос на изјавите на министерот за здравство д-р Фатмир Меџити. Министерот, лекар-специјалист, кадар на Алијанса за Албанците, која стана нов партнер во власта за да го зајакне „европскиот фронт“, со шокантна искреност ни покажа како таа „европеизација“ функционира во праксата.
Првата реченица откако го смени д-р Сашко Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија му беше: „Нема политика во разрешувањето“. Веќе во втората реченица кажа дека „тоа директорско место е предлог на СДСМ“. А за да стане уште појасно, третата реченица ја кажа лидерот на неговата партија, д-р Арбен Таравари, исто така лекар-специјалист: „Воопшто не е ни дискутирано на кого треба да му се даде Клиниката за кардиохирургија“. Фалеше уште една, четврта реченица во која требаше да ни кажат која етничка група треба да ја земе Клиниката, па за да поверуваме и во зборовите на премиерот Димитар Ковачевски дека „нема политичко мешање во разрешувањето на директорот Јовев“. Ама без грижи, и тоа наскоро ќе го дознаеме.
Работава е – го сменивме директорот, ама не се секирајте, тоа место останува во партијата.
Арбен Таравари рече: „Да му дадеме шанса на некој друг, можеби професионалец исто така, кој можеби има шанси да биде подобар, нормално апроксимативно, можеби има шанса да биде и полош од Јовев“.
Важно да не биде загрозен меѓупартискиот баланс. Квалитетот на нашите животи е небитен. За политичариве што сами си ги бираме многу пострашно е ако им се наруши меѓупартискиот баланс, отколку да дојде некој нестручен, мрзелив и неспособен кадар. Како што вика Таравари, има шанси да биде и полош.
3 Мене искрено ме чуди зошто лекарите си молчат. Да набиеш толкаво знаење, да те молат да им спасуваш животи и на крајот на денот да им се плашиш на некои неписмени партиски координатори!? Па лекарите не се обични административци примени за државна плата по партиска заслуга оти аплаудирале на митинзи, колку да им се најде работа. Толку ли не се свесни колкава моќ имаат за општествено влијание? Со таа сила барем тие можат да се изборат директорите на државните здравствени установи да си ги бираат сами, од редот на вработените, според искуство, според углед кај пациентите и колегите, според ученост, а не да се помируваат дека иако си стручен, почитуван од пациентите и имаш менаџерски способности не можеш никогаш да напредуваш затоа што одбиваш некоја партија да „те дава“ или да „те зема“.
Впрочем, што е тоа „да се даде“ и „да се земе“? Кому ќе дадат? Од кого ќе земат? Небаре, школувањето на медицинскиот кадар партиите го платиле од партиската каса. Небаре, тие клиники што си ги земат и даваат не се наши, па дома ќе си ги носат.
Следен чекор ќе биде да почнеме да се лекуваме по партиска линија. Партиите да отворат амбуланти и поликлиники по нивните штабови. Која партија подолго е на власт и подолго време крадела, ќе може да си опреми и операциони сали. Ќе се направи дисперзирано здравство. Не по региони, туку по партии. И така, автоматски ќе се скратат листите за чекање операција. Ако на некоја партија ѝ фали одредена специјалност, а другата ја има, ќе се сретнат партиските лидери и на лидерска средба ќе преговараат дали да си ги позајмуваат кадрите и под кои услови.
Партиски неопределените нека извинат. Тие не мора ни да се лекуваат, ионака само џабе прават гужва, а на анкетите не кажуваат за кого ќе гласаат. Нивно граѓанско право е да го полнат Фондот за здравство. Сè додека има доволно за провизија за министерот и за партиските директори, ич нека не прашуваат каде им одат парите.
4 Воопшто не ме чуди леснотијата со која партиските функционери си кажуваат што ќе дадат, а што ќе земат од нашето заедничко. Како што си ги даваат и земаат болниците, така си ги делат и театрите, фестивалите, уметничките ансамбли, музеите, школите, градинките, националните паркови… Затоа што, одамна е нормално кога ќе дојде друга партија на власт да се смени и командирот на противпожарната бригада. И нормално е ѓубреџиите во комуналните претпријатија да се плашат дали ќе им биде продолжен договорот, затоа што се сменила власта. Исто како што е нормално и хигиеничарите во градинките и училиштата да си ја заслужат платата со одење на партиски митинзи.
И после, нормално е дека има неказнивост и селективна правда. Ќе ги казнуваме нивните, нема да ги казнуваме нашите. А за тоа треба да има и наши судии и обвинители. И после нормално е наш човек да ги земе парите, зошто да му ги даваме на друг. Па нормално е наша фирма да го земе бизнисот. Па што ако се неспособни, барем се наши.
Не е дека и во други земји нема непотизам и корупција. Ама, кај нас корупцијата е прерасната во норма на живеење до толку, што не е ни срам тоа да се каже јавно. А со каква леснотија тоа го кажуваат и политичарите покажува дека не само што не постои политичка волја некој да расчисти со корупцијата, туку не постои ни човечка волја. Партизацијата на државата е општествено прифатена како нормалност. Тоа е веќе корупција на духот.
5 Би ги замолил овие од СДСМ да не ги иритираат вмровците со изјави дека Мицкоски прифатил промена на Уставот. Ако сакате да ви поминат уставните измени што побрзо, оладете малку. Гледате дека во ВМРО-ДПМНЕ се со краток фитил. А и самите веќе не знаат што бараат – избори, преодна влада, техничка влада, влада без ДУИ, влада и без ДУИ и без корумпирани… Иако, ако условот е и без корумпирани, каде ли ќе најдат толку министри и во своите редови?
Башка што и лидерскава средба требаше да биде дијалог. А се претвори во монолог. Кој ќе стане порано, тој прв ќе даде соопштение. Па после соопштение на соопштение… Отиде денот, отиде летото… На ВМРО соопштенијата им се готови еден месец однапред и обично порано стануваат, а сдсмовците бидејќи 24/7 одат рамо до рамо мора да поспијат подолго.
Како и да е, извесно е дека ќе има промена на Уставот. Само, ако може некој друг да го земе кабаетот.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST