1 Македонија е веројатно единствена држава каде што гонењето на криминалот е пострашно од самиот криминал. Македонија е држава каде што е загрозена националната безбедност ако е осомничен лидерот на партијата што десет години е на власт, оти и обидот за откривање како се правел евентуален криминал е класифицирана информација. Во Македонија толку е страшна борбата против криминалот, што тоа ќе ја загрози сигурноста на државата.
Прво, на оваа власт ѝ беше крив Киро. Па потоа долги години за сѐ беше крив Бранко. Па СДСМ беше крив. Па Заев беше крив. Па странските служби беа криви. И комбињата што шетале и прислушувале беа криви. Па СЈО беше криво. Па амбасадорите беа криви. И сега, дојде времето Сорос да е крив за сѐ. Па и за политичката криза.
Можат тие и понатаму да бараат виновници зошто државата е во криза. И можат да направат уште 100 невладини организации и против СДСМ и против СЈО и против Сорос и против Катица, па и против ДУИ ако треба. Можат и сите информации да ги класифицираат, па и новинарите да ги отстрануваат од судница „за секој случај“. Како што можат да ги острануваат со сила и пратениците од опозицијата во Собранието. Можат и уште сто протести во Њујорк, а од вчера и во Вашингтон пред Белата куќа да организираат, за да му ги отворат очите на Трамп кој е најголемото зло во Македонија.
Ама и после сè останува главното прашање: Што правиме со криминалот? Оној криминал што го слушнавме во бомбите од прислушуваните разговори. Оној криминал што се препознава од гласовите што ни се добро познати од вестите на телевизиите и од спонтаните и организирани митинзи. Што правиме со незаконското прислушување? Што правиме со провизиите и процентите? Што правиме со криењето убиства? Што правиме со тефтерчињата на кандидатите за судии? Што правиме со политичките одмазди со динамит? Што правиме со плацевите на Водно? Што правиме со нарачувањето насилства, пиштења, вриштења? Што правиме со мерцедесот од 600.000 евра со екранчиња на задните седишта? Конечно, да се вратиме на основното прашање од кое сè почна – Што правиме со масовното кршење на приватност и човекови права?
Македонија е единствената држава каде што обидот да се открие кој правел криминал се претставува како политичка криза. И тие што бараат криминалците да бидат откриени и казнети се непријатели на државата, предавници и загрозувачи на националната безбедност. A раководството на ВМРО-ДПМНЕ упорно се обидува да ѝ даде политички тон на кризата што произлезе од неказнување криминал. Демек, станува збор за различно мислење и борба меѓу патриоти и предавници, а не за политичари осомничени и обвинети за криминал. Не нè спасуваат тие нас од политичка криза. Се спасуваат себеси и нашите пари што ги украдоа, оти не сакаат да одат во затвор.
2 И бидејќи ова судство не може да даде одговор на главното прашање „Што правиме со криминалот?“, не ми е јасно како и Никола Груевски и Али Ахмети уште со полна уста раскажуваат приказни за евроатлантска иднина на Македонија. Каков партнер имаат и САД и ЕУ во Македонија, ако не можат да ги контролираат парите што со стотици милиони евра од нивните даночни обврзници ги дале на разни владини проекти? Каков партнер САД и ЕУ гледаат во Македонија, ако се сомневаат како се трошат парите на нивните граѓани? Каков партнер гледаат во Македонија, ако во тукашните судови не можат да проверат дали некој ги краде? Оти, дури и да се посомневаат дека некој е лопов, судот ќе ги класифицира информациите.
Оној што го осудија за крадење ќебапи го стигна правдата на македонското сваровски судство. Оти информациите колку сода имало во ќебапите не беа класифицирани.
3 Стотици милиони евра САД и земјите на ЕУ во минатите 20 години дале за обуки на судии и обвинители од Македонија. И академија на судии со нивни пари е направена.
Зошто самите судии и обвинители 20 години не ја препознаа американската и европската пропаганда? Наместо на обуки во Вашингтон, Брисел и Стразбур, каде што ги трошеа парите на американскте и европските даночни обврзници, зошто не одеа на обука, на пример во Минск? Еве сега и Белорусија им ги укина визите. Таман, таму ќе си се чувствуваат како дома.
4 Реално, никогаш не може да се се потцени силата на глупоста и незнаењето. Ама, не може да се потцени ни пропагандата. И дека 100 пати повторена лага станува вистина.
Па тие смислија некаков СОС за Сорос, во ист ден кога сваровски судијката ја прифати тезата дека ако се открие кој уништувал документи за незаконско прислушување ќе се загрози безбедноста на државата. Пробуваат да ни ја продадат приказната дека прислушувањето на пола држава било борба против тероризмот.
Не е смешно. Пропаганда е. И тоа сериозно смислена. И наивно е да мислиш дека против таа пропаганда можеш да се бориш со хумористични твитови, саркастични Фејсбук статуси и зафрканции. Особено во земја во која главна вест е дека Цеца признала оти го сака Путин. А не е вест кој ги украл народните пари.
5 Со пари на странски даночни обврзници се направи и анализа за загаденоста на Скопје. Финците откриле дека секој трет што е болен од респираторни или срцеви болести умира од загаден воздух во главниот град.
Што вреди финската анализа, кога градоначалникот Коце Трајановски рече дека проблемот со загадувањето ќе се решава долгорочно? Колку долго? Па толку колку што треба за да пораснат дрвата што ги исече, за да се направат чудовиштата од Скопје 2014 околу Вардар. И толку колку што треба да пораснат нови дрвја на Водно на местата каде што се забетонира планината.
Може проблемот со загадувањето ќе го решаваат долгорочно. Ама не знам дали ќе доживееме да ни биде гајле.
6 Овој новиов живот за кој зборуваше Заев, каде е? Да не почнал, а не сме забележале? Овие од ВМРО-ДПМНЕ веќе тераат кампања за локални избори.